Нова стратегија во културата

Елизабета Канческа-Милевска - Министерка за култура

 

Министерке, најпрво да Ви ја честитам старо-новата функција. Ви посакувам успешна работа и во новиот мандат. Сега откако завршија изборите и се изгласа новата Влада, ќе имате ли конечно време да заминете на заслужен летен одмор?

„Пред се', да ви се заблагодарам за поддршката што ја имавме од вас, новинарите, во изминатиот период, а се надевам дека и во иднина сето она што се работи во областа на културата ќе добие и соодветен третман на промоција.

Во однос на заслужениот одмор, мислам дека имам заслужено барем една недела малку да се одморам заедно со семејството, ха, ха, ха! Се' уште немаме договорено каде, но сигурно ќе биде тука некаде блиску. Се разбира, покрај вода...“

Ви пречат ли високите температури? Како се справувате со жештините?

„Знаете како? Кога имате многу обврски, сконцентрирани сте на нивно извршување. Повеќе сум затворена во канцеларија иако често одам и на објектите каде што се градат сите инвестиции што се во рамките на Министерството за култура... Во секој случај, не се плашам, сакам топло време и не ми пречи воопшто“.

Каде најубаво се олабавувате, одморате во Македонија? Кој дел Ви е најомилен?

„Најомилена дестинација ми е во Охрид. Тоа е место кое многу ме смирува и често одам таму. Кога ќе се прошетам покрај езерото и по културните знаменитости, навистина, толку ми е инспиративно што дејствува смирувачки на мене. Уште како девојче, кога со моите родители сме оделе во Охрид, често одевме на едно место кое се наоѓа зад Музејот на вода, тоа се како диви плажи, мирно место, таму е нашата плажичка... И сега постојано поминувам таму. Пријатно се чувствувам и горе на Плаошник, на Канео, тој дел има посебна енергија, Античкиот театар, Самоиловата тврдина, целиот тој комплекс е посебно доживување“.

Зад Вас е напорен период, а пред Вас уште понапорен и пополн со обврски. Кои се главните цели кон што ќе се насочите во новиот мандат?

„Ќе продолжиме со приоритетите што се однесуваат на еден рамномерен пристап кон сите дејности во областа на културата. Во никој случај, нема да се запостави некоја област на сметка на друга. Меѓународната промоција, како и досега и во иднина, ќе оди со се' поголем интензитет, бидејќи Македонија има што да покаже - и преку културното наследство и преку уметничкото творештво. Тука се и истражувањата, сите капитални инвестиции од кои некои промовиравме, довршување на сите овие градби, има и многу нови во програмата...

Во културата ќе се преземат голем број реформи. Со донесување законска регулатива во голем број дејности каде што досега не постоеја закони и, пред се', со донесување на нова стратегија во културата која ќе биде за период од десет години, а која согласно со измените на Законот за култура, ќе ја носи Собранието“.

Спомен-куќата на Тоше во Крушево урива рекорди во однос на посетеноста и на некој начин го врати животот во градот. Предвидени ли се нови проекти што ќе го продолжат неговиот лик и дело?

„Навистина сум горда што сите овие градби, меѓу кои се и Спомен-куќата на Тодор Проески, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Музејот на вода, Музејот на холокаустот, говорат за големата промоција на државата, бидејќи посетеноста е навистина голема, а туристите специјално доаѓаат да ги посетат. Тоа особено се однесува на Спомен-куќата на Тодор Проески. А бидејќи таа е национална институција, како таква ќе конкурира во Министерството за култура со најразлични проекти што ќе се случуваат во неа. Исто така, и фондацијата „Тоше Проески“, со која имаме одлична соработка, ќе конкурира со проекти што ќе бидат поддржани, а со цел да живее самата институција, да живее ликот и делото на Тоше. Конкретно, веќе во септември-октомври ќе промовираме книга за Спомен-куќата на Тодор Проески, која е во подготовка“.

 Катерина Шекеровска- Утрински весник