Скопје, 28 февруари 2012 (МИА) - Две нови изданија од наградени современи авторки за деца кои првпат се претставуваат пред македонската публика објави издавачката куќа „Вермилион“, специјализирана за книги за деца и млади.
Станува збор за романите „Прва помош за самовили и други ѕверки од сказните“ од шкотската писателка Лари Дон и „Последниот елф“ од познатата италијанска авторка Силвана де Мари.
Критиката ја прогласи авторката Лари Дон од Шкотска за „ново големо име во литературата за деца“. Добитник е на наградата „Канонгејт“ во 2001 година. Нејзината книга од англиски јазик ја преведе Марија Тодорова.
Како што соопшти „Вермилион“, романот „Последниот елф“ е оригинална приказна која ќе ги магепса љубителите на фантастиката. Тој е прв роман на Силвана де Мари, која за него добила низа награди, меѓу кои „Андерсен“ во 2004, „Банкарелино“ во 2005, „Милдред Л. Бачелдер“ во 2007 и од Здружението на библиотеки за деца во 2007. Преводот од италијански јазик е на Анета Симовска. хс/скс/9:36