Концерт на православна духовна музика на Божиќ ќе одржи женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“, а годинава првпат божиќен концерт ќе има и Македонската филхармонија. Традиционалниот концерт на ансамблот „Скопски солисти“ годинава нема да се одржи

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“

БОЖИЌНИ КОНЦЕРТИ

Традиционалните музички концерти за Божиќ, кои изминативе неколку години станаа препознатливo обележје на културниот живот во Македонија, и годинава на едно место ќе ги соберат љубителите на православната и на класичната музика, кои секоја година се сѐ повеќебројни.
На денот кога се празнува Христовото раѓање, во градскиот соборен храм „Пресвета Богородица“ ќе се одржи хорската манифестација „Божиќни свечености - Божиќ-слава“, на која домаќин деветта година по ред е женскиот хор „Света Злата Мегленска“, предводен од диригентката Летка Димовска-Полизова. Наместо концертот на „Скопски солисти“, годинава првпат на Божиќ ќе одржи концерт Македонската филхармонија, во МНТ.

Се обидуваме да одиме чекор напред

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ традиционалната манифестација „Божиќни свечености“ ќе ја одржи во 19.30 часот, во градскиот соборен храм „Пресвета Богородица“.
- Во чест на  големиот празник секоја година се обидуваме да подготвиме нова програма. Настојуваме да одиме чекор напред во развивањето на концептот на манифестацијата и да донесеме што повеќе хорски ансамбли и солисти. Покрај нашиот настап, годинава на концертот ќе учествува машкиот византиски хор „Хармосини“, под диригентско водство на Ристо Солунчев. Ќе бидат изведени дела од домашната, руската и бугарската хорска литература - вели диригентката на хорот Летка Димовска-Полизова.
На „Божиќните свечености“ досега настапиле голем број хорски ансамбли од земјава и регионот, а како солисти се претставиле реномирани оперски пејачи, како и поранешни и сегашни солистки на хорот.
Хорската манифестација „Божиќни свечености“ првпат се одржа пред девет години во соборниот храм „Св. Климент Охридски“, кога хорот „Св. Злата Мегленска“ го прослави јубилејот 10 години од формирањето. Тогаш се установи и оваа манифестација, која ја благослови архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Прв божиќен концерт на филхармонијата

Новина во чествувањето на Божиќ е „Божиќниот концерт“ на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи на 7 јануари напладне, во Македонскиот народен театар. Концертот, кој ќе се пренесува во живо на националниот телевизиски сервис, ќе донесе програма на која ќе бидат изведени делата: „Симфонија“ од „Божиќниот ораториум“ на Јохан Себастијан Бах и неговата позната „Оркестарска свита“ бр. 3, како и „Божиќниот концерт“ на Корели. Публиката ќе има можност да ги слушне и ариите „Омбра маи фу“ од операта „Ксеркс“ на Хендл, композицијата „Аве верум корпус“ и концертната арија „Вадо ма дове“ од Моцарт, како и неговата „Лаудате доминум“, која ќе ја има својата прва изведба во Македонија.
- Македонската филхармонија секоја година се обидува да го привлече вниманието на љубителите на класичната музика. Барокниот период во музичката уметност изобилува со дела што се пригодни за овие празници. Се надевам дека по божиќната литургија, публиката ќе дојде и на Божиќниот концерт во МНТ- вели директорката на филхармонијата, Маја Чанаќевиќ.
Солист на концертот ќе биде сопранистката Сандра Митровска, а концертот ќе го предводи маестро Борјан Цанев. Специјални гости ќе бидат децата од хорчето „Пиколо“, кои под уметничко раководство на Весна Димчевска, а заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, ќе ја изведат „Аве Марија“ од Качини.


     
       
Автор: Ивана Нолчева / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.