Концерт на театарска музика на Горан Трајкоски за почеток на третото издание на меѓународниот театарски фестивал

Со концерт на театарска музика на Горан Трајкоски, насловен „На светов убавина“ утревечер, во 20 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се отвори годинешното издание на „МНТ-Фест“. Програмата на третото издание на меѓународниот театарски фестивал на денешната прес-конференција ја презентираше директорот на МНТ, Дејан Пројковски, а за концертот зборуваше еден од реномираните македонски композитори и музичари, и автор на театарска музика, Горан Трајкоски.

„На концертот ќе бидат изведени 17 песни од 10 театарски претстави работени во период од 2003 до 2013 година. Тематски, концертот ќе содржи три дела, и тоа кабаретско-театарски, епски и фолклорен, и дел што вклучува црковни напеви и псалмични елементи. На сцената ќе има 15 музичари, и тоа тројца вокалисти и 12 инструменталисти. Идејата за ова дојде по долгогодишно размислување, но и наговарање од страна на моите пријатели, музиката која ја создавам за театарски претстави да ја ставам на носач на звук. Бидејќи сум поборник на изведбите во живо, кога влегов во МНТ како музички соработник предложив да направам концерт со песните кои сум ги создавал за театарските претстави“, рече Горан Трајкоски за концертот, на кој освен него ќе настапат и: пејачката Елена Христова и актерката Арна Шијак.

Запрашан за идејата за насловот на концертот „На светов убавина“, Трајкоски истакна дека станува збор за буквална парафраза на Шекспиров цитат од „Хамлет“ која Трајкоски ја промислил заедно со мислата на Достоевски „Убавината ќе го спаси светот“. Дејан Пројковски, пак, истакна дека концертот е во продукција на МНТ и најави дека по неговата изведба ќе биде снимено и ЦД, а покрај концертот се планираат и гостувања на неколку македонски и меѓународни фестивали.

Запрашан за соработката која ја има со Трајкоски, познат и како член на групата „Анастасија“, Пројковски истакна дека тие заедно работеле во над 30 претстави и дека со секоја нова соработка повторно се преоткриваат и изненадуваат.

Покрај концертот „На светов убавина“, Пројковски за утревечер, во 20 часот, го најави и гостувањето на претставата „Лудус пасионис“ на полската трупа „Вегајти мјузик скул“ која ќе биде изведена во црквата „Св. Богородица“ во Скопје.

„Станува збор за оригинална и специјална театарска форма, како еден вид средновековна литургиска претстава која ќе се одигра во и околу црквата ’Св. Богородица’“, посочи директорот на МНТ, кој истакна дека годинава фестивалот ќе се одржува од април до јуни со паузи меѓу изведбите, со цел заинтересираната публика да може да ги види сите претстави.

Притоа, во рамките на „МНТ-Фест“, месец мај ќе биде посветен на италијанскиот театар, а во најавените „Денови на италијанскиот театар“ ќе биде изведена претставата „Сон на летната ноќ“ на „Фактори театарот“, додека театарот „Принципоативо“ ќе одигра претстава од писателот Луиџи Пирандело. Најавена е и танцова претстава, како и проекција на документарецот „Земјата во која дрвјата летаат“ посветен на Еуџенио Барба, основач на Один театарот.

Пројковски за во јуни на „МНТ-Фест“ го најави гостувањето на претставата „Соларис“ на Андреј Жолдак, копродукција со „Виенер фест вохен“, еден од најголемите европски театарски фестивали, која по нејзината премиера во Виена на 10, 11 и 12 јуни, ќе гостува во Скопје. „Мислам дека ’Соларис’ ќе биде една од претставите што ќе ја одбележи театарската сезона на МНТ“, рече Пројковски. (Н.И.Т.)

Извор. Утрински весник