Концерт на Симон Трпчески во Прилеп,парите од продадените влезници ги подарува на Домот на културата „Марко Цепенков“
--------------------------------------------------------------------------------

Прилеп, 5 декември (МИА) - Со вечерашниот концерт во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, светски познат пијанист, маестро Симон Трпчески ја заокружува европската турнеја на солистички концерти која опфати гостувања и во три града во Македонија. Парите од продадените  над 700 влезници, Трпчески ги подарува на Домот на културата во Прилеп.

Со тие пари, како што изјави директорот на Домот на културата, Тони Чатлески ќе се реши проблемот во врска со загревањето на  големата сала и на салата „105“, каде што се одржуваат кинопроекции и промоции и ќе се набават апарати за затоплување.

- Домот и градот упатуваат бескрајна благодарност до големиот уметник Трпчески, кој и пред две години ги воодушеви прилепчани со концерт, нагласи Чатлески.

Трпчески на денешната попладневна средба со новинарите рече дека вечер програмата со делата на Брамс, Дворжак, Дебиси, тематски е поврзана со љубовта, која е основен двигател на животот.

- Радоста на крајот е тука за да го заокружи концертот, истакна Трпчески, кој најави и две изненадувања за прилепската публика.

Трпчески вечерва екскузивно со изведбата на Дебиси всушност ќе го промовира новиот компакт диск кој официјалното претставување пред јавноста ќе го има по Нова година.

- Без подршката на семејството немаше да бидам она што сум. Во душата сум романтичар, но тоа не значи дека ги преферирам авторите што го следат романтизмот како правец, посочи Трпчески.

Македонскиот музичар смета дека државата треба повеќе да инвестира во културата. Со вечерашниот концерт на Трпчески за кој одамна влезниците се распродадени, се заокружуваат културните настани во рамките на манифестацијата Прилеп - Град на културата.

Своите настапи Трпчески ги продолжува следната недела и тоа во Филаделфија, САД, со  филаделфискиот симфониски оркестар под диригентската палка на светски познатиот диригент Антонио Папано со што завршуваат настапите за оваа година.

Во 2008 година, Трпчески ќе одржи концерти во Малезија и во Сингапур. рм/рп/16:06


И прилепската публика со овации за Симон Трпчески

Трпчески и со оваа турнеја во т.н. мали места во Македонија во амбиент на „рурални“ стандарди ја докажува својата човечка големина

ТИНА ИВАНОВА
МОНИКА ТАЛЕСКА-Утрински весник

Завчера во Прилеп маестро Симон Трпчески го заврши првиот дел од мини-концертната турнеја низ Македонија. По рециталите во Гевгелија и Струмица, овации, бис, долги аплаузи и овој пат беа кода на концертот на Трпчески, како што на македонскиот пијанист му се случува кога настапува и на сцените во европските и светските метрополи. Македонскиот виртуоз на пијано во преполната сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп одржа незаборавен, импресивен солистички концерт кој предизвика восхит, ги разбранува емоциите, отвори многу нови визии на прилепската искрена публика која го награди со овации. Својот совршен солистички настап со избор на дела од Скрјабин, Шопен, Брамс, Дворжак и Дебиси во кои главна тема е љубовта, Трпчески го збогати со изведбата на неколку композиции со соло- пејачката Ирена Крстеска и виолинистката Софија Никоска - млади, исклучително талентирани уметници од Прилеп пред кои стои блескава иднина.

„Пресреќен сум за атмосферата која се создаде во Прилеп. Публиката беше искрена, спонтана, многу топла. Особено ми е драго што по две години повторно сум овде и што публиката знае да го награди големиот влог во класичната музика“, изјави Трпчески кој по концертот обезбеди уште еден ексклузивитет за публиката. Ги потпишуваше своите најнови изданија - компакт-дисковите издадени за престижната „ЕМИ Класикс“. Инаку, со приходот од концертот во Прилеп кој е донација на Трпчески, во Центарот за култура ќе бидат набавени апарати за затоплување на вечно студените сали во зима - причина што граѓаните досега избегнуваа да ги следат најавените културни настани.

Со концертот во Прилеп, како што рековме, заврши првиот циклус од концертната турнеја на Трпчески низ Македонија која ја организира здружението „КултурОп“. Но, вообичаено, кога станува збор за овој македонски пијанист, неговиот концертен распоред и понатаму е пребукиран. Веќе наредната недела ќе настапи во Филаделфија како солист со престижниот Симфониски оркестар под диригентство на реномираниот маестро Антонио Папано. По Нова година неговата турнеја низ светот продолжува во Куала Лумпур и Сингапур, а на крајот на јануари и во Ротердам.

По настапите на престижните светски концертни сцени, во Европа и САД, Симон Трпчески во март ќе го претстави и вториот дел од концертната мини-турнеја низ Македонија. „Македонија е земја која нема длабока традиција во поглед на класичната музика, но во последниот период интересот расте“, вели Трпчески. „Државата треба многу повеќе да обрне внимание во однос на инвестирањето во културата, во класичната музика, зошто има многу талентирани луѓе кои заслужуваат внимание. Мора многу потемелно да се навлегува во проблемите, да се научиме тимски да работиме, а не само за лични интереси. Да ја изградиме свеста за почитување на стандардите, одговорноста, професионализмот. Треба најпрвин да работиме на самите себе, а потоа за подобрување на државата. Така ќе добиеме поголема почит и поддршка од Европа и од светот, бидејќи ние ја заслужуваме, ние сме лулка на културата“, вели Трпчески.

Македонскиот виртуоз на пијаното, амбасадорот на македонската култура во светот, се' уште нема свое концертно пијано. Вели, првото пијанино му го купиле родителите кога имал седум години. Во 2000 година добил полуконцертно пијано на подарок од фондацијата „Благовестие“ и тоа е се'. Но, вели „без поддршката на семејството, љубовта, топлината и разбирањето што му го даваат цел живот, не би успеал. Да не беше семејството немаше да бидам ова што сум. Растев во атмосфера полна со љубов, разбирање и поддршка. Но, во период на транзиција кога требаше да одам на натпревари во странство, да се калам, а со нашиот стандард беше многу тешко да се добие виза, да се купи авионски билет, многу други колеги и од Македонија имаа подобри услови од мене. Но, како што Павароти кажа во една прилика, ние имаме многу малку, но не можете да замислите колку имавме многу“, додава Трпчески.

Со концертната турнеја низ градовите во Македонија, Симон Трпчески манифестира чувство кон сопствената средина на која и припаѓа, од која што израсна и чија култура сега преку неговата изведба на светските класични дела се препознава во светските културни метрополи. Но, тоа не е некаков долг или враќање. Уметник од типот на Симон Трпчески рано свати дека ова е негов личен „долг“ кон луѓето што го сакаат и го ценат. Очигледно, Трпчески е свесен, го покажува тоа и со оваа турнеја во т.н. мали места во Македонија во амбиент на „рурални“ стандарди во македонските „музички“ сали и „домашни клавири“, само ја докажува својата човечка големина. Да седне зад клавишите пред македонската публика откако веќе во својата млада музичка возраст ги доживува ѕвездените мигови во светот. И кога е пребукиран со покани од светските музички метрополи. Тоа е одлика само на големите уметници ослободени од суети и комплекси на лажни величини.