Vikipedija

 

НАУЧНИОТ ФОНД НА МАНУ ПРЕКУ ВИКИПЕДИЈА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ДОСТАПЕН ЗА ЈАВНОСТА

Со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу МАНУ и „Споделено знаење“ застапник на светската Викимедија фондација на 01.10., во библиотеката на МАНУ ќе се воспостави функцијата Матичен Википедијанец (Wikipedian in Residence).

Главна задача на матичниот википедијанец во библиотеката на МАНУ ќе биде наоѓање и употреба на материјали од богатиот научен книжен фонд од сите научни области за поквалитетно, веродостојно и референцирано уредување и создавање на статии на слободната интернет енциклопедија Википедија на македонски јазик, а воедно и отсликување, односно скенирање и дигитализирање на книги во согласност со авторските права, кои потоа ќе бидат достапни за слободно користење на широката научна и општествена јавност.

Почнувајќи од 2010 година светската Викимедија фондација го започна проектот за воспоставување на ваква соработка со врвните научни и образовни установи ширум светот, со цел уредување и споделување на поквалитетни и поверодостојни податоци, при што досега се опфатени над 110 институции меѓу кои Британскиот музеј, Националниот архив на САД, националните библиотеки на Велика Британија, Данска, Израел. По потпишување на ваков договор со Државниот Архив, МАНУ е втора установа во Македонија во која ќе се воспостави матичен Википедијанец.