СОЛЗИТЕ НА ОНАА
која по промисла и водство Божјо и преку силата на Духот Свет ни ја роди ВИСТИНАТА!


Актуелни се солзите од иконата (кој како сака може да го разбере ова) на пречистата дева Марија, мајката на вотеловеното Слово/ Логос/ Совечен Син Единороден на нашиот Отец Небесен и Животодавен Промислител. (Јован. 1, 1 - 18; Лука. 1, 1 - 80; Јован. 14, 1 - 26)



              Напишав погоре дека целиот настан секој може да си го толкува по свое затоа што нема конкретна и директна порака, но сепак - солзи се солзи! Да, и самиот настан, како и слични други настани поврзани со „чудо“ отвараат можност за крајно сериозни дебати, но сепак, истите ќе ги правиме на други места и во друго време.

             За крај се запрашувам - зошто солзи? Кој тоа со сигурност може да го одговори! Но, сепак со некаква внатрешна интуитивна претпоставка - претпоставувам дека истите се последица од плачовната духовно - етичка состојба во која се наоѓа огромен процент од нашиот народ кој се декларира како православно христијански.

            Треба да се запрашаме што Пречистата Дева Марија, како наша молитвеница пред трансцедентниот „престол“ на Севишниот, а и во и преку силата на Духот Свет, гледа, кога ја гледа Црквата на нејзиниот Син и нашиот Спасител Исус Христос во Скопје, Македонија, па и регионот!

            Гледа, ова е моја претпоставка, ама и духовна реалност, гледа огромен процент од оние кои се декларираат како православни христијани дека не ги познаваат ОСНОВНИТЕ СПАСИТЕЛНИ ВИСТИНИ на својата вера.

Најчесто нивната претстава за „верата“ е измешана со некакви „приказни“, односно, со некакви обичаи кои тие ги наследиле од постарите генерации. Приметливи се нивните крајно проблематични разбирања и толкувања за христијанството, но и голема доза на СУЕВЕРИЕ и ИДОЛОПОКЛОНСТВО во она што тие го подразбираат како религиозна пракса.

И што е најсуштинско, тие христијанството, односно Исус Христос, си го ставаат во еден контекст на религиозност која повеќе наликува на религиозноста на паганските народи. Кај нив, слично како кај паганите, битен е моментот на обредноста и ирационалниот религиозен страв (прави ова, не прави она, мора ова, не сме она. . ).
И сето тоа се прави без да се бара некаква смисла или поткрепа од Божјото откровение запишано во Светото Писмо, а со крајна скоромагиска замаеност и страв! И за жал сето ова тие го нарекуваат „православие“!



              Исто така, тие самиот Бог (кој си толкуваат по свое), ангелите, светителите - нашите свети браќа и сестри во небесната Црква (Евреите. 12, 22 - 24), а и самата Дева Марија - Богородица, образецот на скромноста и Христољубивоста, си ги дожувуваат како некаков феудален пантеон на „небесни моќници“ во кој е битно да си имаш некој, кој со мало поткупување (оставање дар на икона и разни слични нешта) ќе се моли или ќе ургира за нивно „добро“, за здравје и за спасение (под „спасение“ тие подразираат угоден живот на земјата и мир на „душата“ по смртта).

               Во нивниот религиозен концепт суштински ОТСАСТВУВА ВЕРАТА и НАДЕЖТА ВО ОТКУПИТЕЛНАТА ХРИСТОВА ЖРТВА НА КРСТОТ, ВО НЕГОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ, ВО ЖИВОТОТ ВО ВОДСТВО НА СВЕТИОТ ДУХ и во СВЕТИТЕ ТАЈНИ НА ЦРКВАТА, ВО ЖИВОТОТ ВО ЦРКВАТА КАКО ЗАЕДНИЦА и во НАДЕЖТА ЗА ВОСКРЕСЕНИЕ и ЖИВОТ ВЕЧЕН ВО ЦАРСТВОТО БОЖЈО!

Всушност, тоа во што тие веруваат воопшто нема врска со библиското, апостолско, светоотечко ЕВАНГЕЛСКО ПРАВОСЛАВНО ХРИСТИЈАНСТВО.

Всушност, како последица од таквата „вера“ се и многуте верско - етички - духовни застранувања кај нашиот народ, но и застрашувачката етичко - духовна криза во македонското општество.

               А и проблемот со КОРУПТИВНОСТА како коренот да го има во овој вид на религиозна пракса затоа што во истата се е сведено на купо - продажен однос. Религиозниот потребител го поткупува „божеството“ (таков однос се гради кон Бога и светителите), а „божеството“ е должно да ги исполни желбите и очекувањата, онака, религиозниот потребител ќе престане да му верува на „божеството“.

              Во овој религиозен концепт нема место за покајание, духовно очистување, личносно зреење, Богоуподобување и исполнување на заповедите Божји и Неговата спасителна вистина. Нема место за тоа да се живее во Црквата како во ЗАЕДНИЦА на ученици Христови во силата на Духот Свет, во слава на Небесниот Отец, а по пример на многубројните свети угодици Божји!
Се е сведено на его - интерес и исполнување на желби и овосветски комфор потреби! А ова последното е сигурен модел за уништување на еден народ, нешто што го гледаме во нашето тажно секојдневие!

СОЛЗИ, а што може друго освен нив како порака до нас!
------------

Ваш во Христа, брат и слуга
презвитер Ивица Тодоров

 

Избор од фејсбук страната на:Ivica Todorov‎ to Училиште за Животот/ School for Life

 

с.Трубарево, 11.04.2016 год.- храм на св.вмч Георгиј

18:50 ч                                     

 

Преминпортал (к.т)