Кога се молиш за покој на душата на некој починат, принуди да се помолиш за него од цела душа и помни дека тоа е твој суштински долг, а не само на свештеникот и клирикот.

Замисли колку му е потребен покој на починатиот и колку му се потребни молитвите на живите за него, бидејќи е член на едното тело на Црквата, како демоните спорат со ангелите за неговата душа и како трепери таа, бидејќи не знае каков вечен удел ќе добие.


Многу значи пред Владиката молитвата со вера и љубов за починатиот. Замисли, исто така, колку ти е потребен одмор, кога ќе те стегнат веригите на гревовите, и како усрдно се молиш тогаш, со колку искреност, жар и сила се молиш на Господа и на Пречистата Богородица и како се радуваш и торжествуваш, кога по усрдната молитва си добил ослободување од гревовите и душевен спокој.

Примени го тоа и на душата на починатиот: неговата душа, исто така, има потреба од молитва – сега веќе од твојата молитва, бидејќи таа сама не може да се моли плодотворно; и неговата душа има потреба од покој, кој ти можеш да му го испросиш преку топла молитва, со добродетелството во корист на неговата душа и особено преку принесувањето на Бескрвната Жртва за него.

За починатите моли се како твојата душа да се наоѓа во пеколот, среде пламените, и како самиот ти да се мачиш; чувствувај ги нивните маки со своето срце и пламено, пламено моли се за нивното упокојување во место светло и тивко, во место свежо.

Моли се на Господа за покој на твоите починати праотци, отци и браќа секојдневно, наутро и навечер, за да е жив во тебе споменот за смртта и да не гасне во тебе надежта за идниот живот по смртта, за твојот дух секојдневно да се смирува при мислата за брзоминливиот твој живот.

Извор: МОЛИТВАТА ЗА ПОКОЙНИЦИТЕ

Преземено од: Маран Ата