ЦВЕТЕН ПЕТОК
ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, земаме 10 стиха. И пееме самогласен на денот (2-пати) и маченичен; и на праведниот Лазар самогласни. Самогласен, глас 8.
Откако ќе ја завршиме душеполезната Четириесетница, и Светата седмица на Твоите страдања, Човекољупче, просиме да видиме во неа да се прослават Твоите големи дела, и Твојата неискажлива за нас промисла, едногласно пеејќи: Господи, слава Ти (2-пати).
Маченичен: Маченици Господови, молете Го нашиот Бог, и испросете за нашите души мноштво штедроти, и очистување од многуте гревови, се молиме.
Потоа пееме 5 самогласни на свети Лазар. Творба на благочестивиот цар, господин Лав премудриот. Глас 6.
Господи, сакајќи да го видиш гробот на Лазара, Ти Кој доброволно си сакал да се вселиш во гроб, си прашал: Каде го положивте? И, кога го дозна она што веќе го знаеше, Ти го повика оној што го љубеше: Лазаре, излези надвор! И мртовецот го послуша Оној што му дава живот – Тебе, Спасителот на душите наши (2-пати).
Господи, си дошол на гробот на четиридневниот Лазар и, откако над гробот пролеа солзи, четиридневниот мртовец си го воскреснал. Затоа со Твојот глас смртта беше врзана, пелените се одврзаа, и тогаш со радост се исполни мноштвото ученици, и од сите едногласно се слушаше: Благословен си, Спасителе, помилуј нѐ (2-пати).
Господи, гласот Твој го разруши царството адово, и Твојот моќен збор го воскресна од гробот четиридневниот Лазар, кој стана спасоносен предобраз на нашето повторно раѓање. Сѐ е можно за Тебе, Владико, Цару на сите: дарувај им на слугите твои очистување и милост голема.
Господи, сакајќи да ги увериш учениците Твои во твоето воскресение од мртвите, си дошол на гробот Лазарев и, кога го повика, адот се заплени, и го отпушти четиридневниот, кој Ти вика: Благословен Господи, слава Ти.
Слава: глас 8: Кога застана пред гробот Лазарев, Спасителе наш, и кога го повика умрениот, го разбуди како од сон; го отресе правот од гробот и, на Твојот глас, излезе завиткан во крпи. Ти можеш сѐ, Тебе Ти служи сѐ, Човекољупче, Ти се покорува сѐ, Спасителе наш, слава Ти.
И сега: глас исти: Откако ќе ја завршиме душеполезната Четириесетница, да повикаме: Радувај се, граде Витанијо, татковино Лазарева. Радувајте се, Марто и Марија, сестри негови, зашто утре доаѓа Христос со збор да го оживи умрениот брат. Ненаситниот и свиреп ад, кога ќе го слушне Неговиот глас, од страв ќе затрепери и застенка, и ќе го отпушти со крпи врзаниот Лазар. Еврејскиот народ, восхитен од Неговото чудо, со гранчиња ќе Го пресретне и децата ќе Го прослават Оној кому нивните татковци ќе му завидат. Благословен е Кој доаѓа во името на Господа – Царот Израилев.
Вход: Светлино тивка:
Прокимен, псалм 123, глас 5: Помошта наша е во името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата. Стих: Да не беше Господ со нас – нека каже Израилот.
Од книгата Битие (1. Мој. 49, 33; 50, 1-26), читање:
И престана Јаков да им говори на синовите свои, го повлече нозете во постелата, па умре – и се прибра кај предците свои. Тогаш Јосиф падна врз лицето од таткото свој, плака над него, и го целива. И им заповеда Јосиф на гробарите, кои беа во негова служба, да го погребат таткото негов; и гробарите го погребаа Израилот. И изминаа четириесет дена, зашто така се бројат деновите погребни, и го оплакуваше седумдесет дена. Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците Фараонови, велејќи: „Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со Фараонот и речете му: „Таткото мој ме заколна пред да умре и ми рече: – Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‟ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.‟ И му рекоа на Фараонот според зборовите Јосифови.  А Фараонот му рече на Јосифа: „Оди и погреби го таткото твој, штом те заколнал.” Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги Фараонови, старешини од земјата египетска, и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов и роднините негови. Овците и говедата ги оставија во земјата Гесем. Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, толку многу, што претставуваа голема погребна придружба. А кога дојдоа во Горни Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена. А луѓето од онаа земја хананска кога видоа плачење во Горни Хатад, рекоа: „Голема жалост имаат Египтјаните.” Затоа тоа место го нарекоа „Абел Мисраим”, односно, плач египетски: што е отаде Јордан. И му направија синовите негови онака, како што им беше заповедал; го однесоа синовите негови во земјата Хананска, и го погребаа во пештерата на нивата Макпела, што беше ја купил Авраам од Хетеецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница. А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на погребението на неговиот татко. Кога видоа браќата Јосифови дека нивниот татко умре, си рекоа; “Да не би да си спомни Јосиф за нашата омраза, па да ни одмазди за сето зло, што му го направивме!” Затоа дојдоа и му рекоа на Јосифа: „Татко ти остави клетва пред да умре и рече – »Вака кажете му на Јосифа: Прости им ја на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти го направија.« И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот Бог.” А Јосиф заплака, кога му го рекоа тоа. Потоа дојдоа пред него и рекоа: „Еве, ние сме слуги твои.” Јосиф им рече: „Не плашете се, бидејќи јас сум по Бога. Вие помисливте лошо за мене, но Бог тоа го обрна во добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се прехранат многу луѓе.” И им рече: „Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите домови.” Така ги утеши, зборувајќи угодно. И продолжи да живее Јосиф во Египет, самиот тој и браќата негови и целиот дом на таткото негов: поживе сто и десет години. И ги виде Јосиф синовите Ефремови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, што се родија на колената Јосифови. Тогаш им рече на браќата свои, велејќи: „Јас ќе умрам; но Бог вас секако ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал Бог на нашите татковци – на Авраама, на Исака и на Јакова.” Па ги заколна Јосиф синовите Израилеви и им рече: „Кога Бог ќе ве посети вас, вие тогаш понесете ги коските мои одовде со вас!” Потоа умре Јосиф кога имаше сто и десет години. И, го погребаа, го положија во ковчег во Египет.
Прокимен, псалм 124, глас 4: Кои се надеваат на Господа, тие се како гората Сион, која нема вечно да се поколеба. Стих: Зашто Господ нема да го остави жезолот на грешниците, врз земјата на праведните.


Од книгата Соломонови изреки (31, 8-32), читање:
Синко, отворај ја устата своја за слава Божја и на сите суди им по правда. Отворај ја устата своја и праведно суди, и заштитувај ги и сиромавиот и немоќниот. Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења. Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка; таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов. Набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои. Таа е како трговски кораб, – оддалеку си донесува храна. Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои. Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје. Ја препашува со сила половината своја и ги зацврстува мишките свои за работа. Таа гледа колку е добро што работи, и светилката нејзина не се гасне ноќе. Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното. Дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава. Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта. Таа си ткае покривачи; он висон и пурпур е нејзината облека. Мажот нејзин е познат кај портите, кога седи со старешините на земјата. Таа работи покривки и ги продава, на Финикијците и појаси на Хананејците. Здравје и убавина е нејзината облека, и весело гледа на иднината. Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин. Го надгледува домаќинството свое и не јаде леб во леност. Стануваат децата и ја ублажуваат, – мажот, и тој ја фали: »многу жени добродетелни имало, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите.« Миловидноста е примамлива и убавината – суетна; но жена, која се плаши од Господа, е достојна за пофалба. Дајте ѝ од плодовите на нејзините раце, и нека се прославува при мажот нејзин, при градските порти!
Во продолжение: Литургија на Претходноосветени дарови, како и обично.

Извор: ПОСЕН ТРИОД

Подготви: Т.С.