Кога Господ заради нас, и заради нашето спасение тргнал на доброволно Страдање, бил одведен пред Пилат, на сослушување и конечно потврдување на смртната казна на која еврејскиот Синедрион Го осудил.

Пилат, човек со философски интереси, кога од Господа чул дека Неговото царство не е од овој свет, и дека дошол да ја сведочи „вистината“, односно, да ја објави вистината, Го запрашал: „Што е вистина?“ (Јн 17,38) Не почекал да добие одговор, бидејќи очигледно знаел дека ниту еден философ не може да понуди задоволувачки одговор. Уште повеќе, одговорот не го очекувал од еден Евреин, римски заробеник, Кој бил осуден на смрт од Своите сонародници. Меѓутоа, и Исус, покрај тоа што на апостолите повеќе пати им говорел дека на светот му ја донел Вистината, не му одговорил на Пилат. Пилат не добил одговор, затоа што правилно не прашал. Да не прашал „што е вистина?“, туку „Кој е Вистината?“, би го добил одговорот: „Јас Сум Вистина“ (Јн 14,6).

Отец Софрониј Есешки пишува: „Науката и философијата самите на себе си го поставуваат прашањето „што е вистина“, додека чистата христијанска совест се обраќа кон вистината прашувајќи „Кој?“. Претставниците на науката и философијата често христијаните ги сметаат дека се сонувачи без длабочина, додека за самите себе имаат мислење дека одат по цврста подлога и затоа себе се нарекуваат „позитивисти“. На чуден начин не ја сфаќаат апстрактната природа која ја има нивното „што?“. Не сфаќаат дека Вистината, определена, безусловна, може да биде само „кој“, и во ниту еден случај „што“. Зашто Вистината не е еден теориски вид, или една апстрактна идеја, туку Саможивотот – „Јас Сум“ (Јн 7,58).“ (од книгата „Свети Силуан Атонски“)

Навистина, Господ не се вочовечил за да искаже еден нов философски предлог за вистината, или можеби некој нов морален кодекс, или уште една нова религија, меѓу другите, туку на светот да му ја донесе Воплотената Вистина – Него Самиот. Според св. Јован Богослов и Евангелист: „зашто законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа“ (Јн 1,17).

И бивајќи Вистина, Христос ослободува од гревот и незнаењето, и го спасува човека: „спознајте ја Вистината, и Вистината ќе ве ослободи“ (Јн 7,32). Постојат многу гледишта за вистината, но само Еден е Вистина. За овој Христос – Вистина пророкувале Пророците, проповедале Апостолите, сведочеле Мачениците, богословувале Отците.

Овој Христос е „Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински, единосуштен на Отецот“. Овој Христос на крајот се понижил и во Неговата ипостас неразделно ја споил божествената и човечка природа, во едната Негова личност, во личноста на Логосот.

Овој Христос е Вистината, оти со Својата смрт нашата смрт ја победи, и со Своето Воскресение живот вечен ни дарува.

Овој Христос – Вистина не можеме да Го поистоветиме со „вистините“ на другите религии и другите вери. Христос сиот е Вистина. Не е половична Вистина која треба да се дополни со други вистини.

Имајќи ваква вера и големиот Достоевски напишал: „Верувам дека Христос е Вистина, но доколку некој ме увери дека Христос не е вистина, попрво би бил со Христа, отколку со вистината“. Достоевски и сите ние, верни христијани предност даваме, и веруваме во личносната и воплотена Вистина, а не во некои безлични вистини, идеи.

Во Русија, во времето на агресивниот атеизам, некој партиски активист преку едно „научно“ предавање се обидел да ги убеди своите слушатели дека Воскресението Христово е само мит. Помислел дека сите му поверувале. Кога запрашал дали има некој нешто да каже, збор побарал еден побожен Русин, кој изговорил само два збора: „Христос Воскресе!“ Сите присутни громогласно одговориле: „Ваистина Воскресе!“ Воплотената Вистина, Христос, ги победила „вистините“ на овој свет.

Оние кои Го распнале Господа се обиделе да го прикријат чинот на Воскресението, клеветејќи ги Неговите ученици дека Го украле Господа од Гробот. Меѓутоа, она што не ни го кажале е, како овие ученици (кои според нив биле лажговци) Го проповедале Распнатиот и Воскреснат Господ по целиот свет, и од љубов кон Него ги трпеле прогоните, мачењата и суровата смрт.

Историјата се повторува. Современите „распнувачи“ Господови Го клеветат Распнатиот Господ. Се обидуваат да Го исмеат користејќи ги дневниот печат, радиото, телевизијата, интернетот. Циркулираат DVD-а со хули, лаги и недокажани осуди кон Господа, кои преку дневните новини и магазини влегуваат во сечиј дом, за малите и големите да ги поколебаат во нивната вера, бидејќи не постои можност да се чуе и другата страна.

На истата цел ѝ служи и нововременското, серелигиското движење на синкретичкиот Екуменизам, кој се обидува да Го изедначи Господ Богочовекот и нашата света православна вера со другите религии и исповести.

Еретиците биле најстрашните непријатели на Црквата. Најстрашен од сите е синкретизмот, односно мешавината и спојувањето на сите вери. Тој ги обезвреднува, ги намалува, ги поткопува не некои од догмите, туку сите догми, односно сета Вистина , Богочовекот, за преку притисокот од страна на моќниците од овој свет да го отвори патот кон серелигијата на новото време.

Нашиот одговор на оваа сеопшта војна против Христос – Вистината треба да биде нашето отворено исповедање дека само Христос е единствената Вистина, а со тоа и Спасител на светот, и дека единствено Светата Православна Црква е вистинска, апостолска, без новоучења непрекината Една, Света, Католична Црква на Пророците, Апостолите и Отците.

Да ја исповедаме нашата вера, па макар поради ова исповедање и да треба да поднесуваме, сега или во иднина, посилна општествена изолација.

Време е за сведочење и страдање за исповедањето на Распнатиот и Воскреснатиот Христос, Вистината и Спасението наше. Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/georgij-kapsanis-edinstvena-vistina/ .