Словото неописливо на Отецот, стана описливо со воплотувањето од тебе, Богородице. И кога го обнови осквернетиот образ во неговото поранешно достоинство, го соедини со божествената убавина. А ние, исповедајќи го спасението, го изразуваме тоа со збор и со дело.

    (Кондак на празникот)


Денес Црквата слави и ликува, празнувајќи ја својата победа над вековното еретичко зло и со посебно умиление ги издигнува високо светите и прославени образи на нашиот Господ Исус Христос, Неговата Пречиста Мајка, Светиите, Мачениците, Преподобните, Исповедниците, благоверните цареви, ублажувајќи го споменот на сите оние кои дале свој удел во таа благословена борба против ересите и придонеле за запазување на чистотата на православната вера. Истовремено, таа нѐ опоменува за неславниот крај на сите непријатели на образот Христов и на неприкосновената вистина за Неговата природа, Овоплотување и Воскресение, предупредувајќи нѐ да го избегнуваме нивниот пример и да се држиме до оној правоверен пат што ни го зацртале Светите Отци.



Тој дух на победата неодоливо силно го пронижа секој миг од умилителното празничното богослужение во нашите монашки Обители, кои со една душа, мисла и ум ја живеат победничката радост и благодарно ги вкусуваат плодовите од подвигот на Отците. Носејќи ги со побожност, во свечена литија светите икони, браќата и сестрите и бројните присутни гости уште еднаш посведочија дека нашето Православие, колку и да е гонето и напаѓано, е непобедливо, затоа што ја има силата на Оној Кој со Своето Распетие и Воскресение, засекогаш извојува победа против злото. Во тие мигови сите искушенија, макар и колку да се големи, губат сила, па присутните на оваа торжествена литија, со гордост и радост си спомнаа дека го носат името православни Христијани, свесни за големата чест и достоинство, но и не помалата одговорност во светот за овој бесценет дар. Оти сме повикани од Христа насекаде да ја сведочиме Неговата победа. А дополнителна поткрепа за подвигот на сведочење на Христовата вистина беше за нас и љубовта и жарот со кои нашиот старец Партениј го прочита востановениот Синодикон на Православието, со кој се оддава поклон и благодарност на сите што помогнале таа вистина да восторжествува.



Спомнувајќи си молитвено за хероите на православната вера, Го молиме Бога, поради нивните подвизи, борби и учења за чистотата на верата дури до смрт, и ние да се воспитуваме и да се утврдиме, и се молиме да се покажеме како подражатели на нивното дело до крај, според штедроста и милоста на Великиот и Прв Архиереј Христос, нашиот вистински Бог, по молитвите на Преславната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, на боголиките Ангели и на сите Светии. Амин!

 

 

 

 Повеќе

Извор:Бигорски манастир