Треба да најдеме начин како да ја очистиме нашата внатрешност од секаква злоба. Кога нашата душа е осветена, тогаш таа го зрачи доброто и ние молкум ја испраќаме нашата љубов, без да изговориме и збор.

Се разбира, во почетокот тоа е тешко. Сетете се на апостол Павле. Почетокот и за него бил таков. Тој со болка велел: „Затоа што не го правам доброто што го сакам, туку злото што не го сакам го правам“ (Рим. 7, 19). И понатаму вели: „Гледам друг закон во мене, кој му се спротивставува на законот на мојот ум и ме држи заробен во гревовниот закон кој е во моите органи. Несреќен човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?“ (Рим. 7, 23-24). Тогаш тој бил многу слаб и не можел да го прави доброто, иако го посакувал и копнеел по него.

Ова тој го кажувал на почетокот. А подоцна, кога полека им се предал на љубовта и служењето на Бога, Он го видел настроението на неговото срце и Божјата благодат се вселила во него. Така тој успеал да Го живее Христа, односно самиот Христос се вселил во него, па така оној кој велел „Не можам да го правам доброто, иако го посакувам“, успеал, со Божјата благодат да стане неспособен за правење зло. Прво бил неспособен за правење добро, а потоа кога Христос дошол во него станал неспосебен да прави зло. Дури и извикувал: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“. Каде заминало кажаното од него „Несреќен човек сум…“ Толку од тоа! Благодатта во него го втемелила своето дело. Од несреќен станал среќен. Благодатта го исполнила, откако претходно се смирил.

Сфаќате ли? Со Божиот Дух сите стануваме неспособни за било каков грев. Стануваме неспособни, бидејќи во нас живее Христос. Способни сме само за правење добро. Така ќе ја приграбиме Божјата благодат и ќе станеме обожени. Ако се предадеме во тој правец, ако ѝ се предадеме на Христовата љубов, тогаш сѐ ќе се смени и ќе се преобрази. Лутината, гневот, зависта, револтот, осудувањето, неблагодарноста, меланхолијата, депресијата ќе станат љубов, радост, восхит, божествен ерос. Тоа е рај! 

 

Извор: Бигорски манастир

30.08.2018 лето Господово