Како да најдеме излез од нашиот секојдневен живот? Како да го устроиме нашето спасение? Без Божјиот дар на слобода не постоиме, но оваа слобода нè надминува. Неопходна е, но не можеме да ја појмиме ниту да ја понесеме. Како да живееме? Православната аскетика ни дава одговор. Низ неа почнуваме да живееме со чувството на нашите можности и на стравот Божји.

За да не го загубите благословот кој ви го даде Бог, борете се да ја присвојувате секоја мисла која ве вдахновува и да ја отстранувате секоја помисла која ве убива.

Како да ја очистиме нашата природа од секоја трага на прародителскиот грев? Ова е смислата на аскетскиот живот. Надвор од него не постои спасение.

Многу духови се посилни од нас. Но, ако сме со Христа, ќе успееме да ги победиме.

Надворешните пројави на аскезата како што е држењето на постот, не се доволни. Должни сме да се препородиме од темел.


Моменти од почетокот на Светата Четириесетница во Бигорскиот Манастир

 Како да не се плашиме од Големата Четириесетница? На почетокот на мојот престој на Света Гора Големата Четириесетница за мене беше еден голем празник. Да се подготвам, за да го примам откровението на нашето воскресение. Ако го примиме ова воздржување од храната со вдахновена молитва, не само што нашиот организам ќе ја издржи лесно, но и многу болести ќе се исцелат.

Сите оние што имаат благослов да имаат добро здравје и можат да се воздржат од храна за неколку недели, стасуваат во состојба на блаженство. Страстите се смируваат. Живо чувство на мир и Божјо присуство ја следат молитвата. Штета е што денеска често не ја имаме оваа издржливост.

Денеска е невозможно да ги наложиме потполно каноните на Црквата. Недостатокот на точно одредените канони е во тоа што ја успокојуваат совеста на оние што можат да ги сочуваат, и им го даваат чувството дека се спасени. Ова е многу наивно. Фарисеите, аскетите и теолозите од Стариот Завет исто така се воздржуваа, но ова не беше доволно. Христос рече: Ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во Царството Небесно (Мат. 5,20).

Апостол Павел, овој голем дух кој ни го даде Промислата Божја, тврди дека законот никогаш никого не одведе во совршенство. Ова значи дека каноните на Црквата можат да ни помогнат во почетокот. Навистина, ако од почеток се оставиме себеси, на својата самостојност, може да се почувствуваме помалку загубени.

Човек кој успеал да се издигне над секој закон, стигнал во состојба на обожување, значи на спасение. Позначајно е да имаме свест и одговорност за секој двиг на нашето срце и ум, отколку да се држиме за некое правило.

Потешко е да развиеме макар и мала способност на расудување, отколку да си определиме себеси правило на живот.

Во секојдневниот живот многу е значајно да останеме цврсто приврзани на посочувањата кои ни ги дава Бог за сè што треба да правиме и за начинот на кој тоа треба да го правиме. Сепак не можеме сосема да се ослободиме од лошите помисли; никој тоа него постигнува, ниту и најсовршените. Колку и да е големо совршенството, тоа не му овозможува на човека да не почувствува немир. Едноставно со искуството на духовниот живот, она што порано нè потресуваше, го надминуваме полесно.

Христовите искушувања во пустината

На искушенијата од ѓаволот во пустината Христос им се спротивставува со едно директно отфрлање, темелејќи ги своите одговори и богословски. Ова претставува поука за нас. Секој пат кога имаме лоша помисла, должни сме да ја отфрлиме веднаш, да го избегнеме дијалогот со неа. Ова, меѓутоа, не може да се усвои на друг начин освен само со долгогодишен подвиг, со дејствието на благодатта во нас.

Што значи тоа да го устроиме нашето спасение? Значи меѓу сè она што го гледаме во космичкото постоење, да го избереме тоа што е благоугодно на Бога и да се отплеткаме од она што е против Него. Тогаш го гледаме нашиот живот како полека-полека се менува. Меѓутоа да бидеме трпеливи. Бог сигурно може да нè посети и во еден момент да ни ги отвори очите за вечноста. Но воопшто ова е прашање на многу години и нема никаква врска со сè она што може да го создаде мечтаењето. Читајте го Свети Силуан. Ќе видите дека неговата состојба секогаш беше во Бога. Ќе го разберете неговото слово кое вели дека Светителите не поминуваат ниту една секунда без молитва.

Како да ги разликуваме помислите кои доаѓаат од надвор од оние кои се раѓаат во нашето срце? Во повеќето случаи навлегувањето на демонската енергија е толку суптилно, што ја сметаме како дел од себеси. Учењето кое го наследивме од нашите отци ни помага, но не е доволно. Неподносливоста и немирот што ги предизвикува некоја помисла во нашето срце е знак дека доаѓа од непријателот. Ова важи воглавно за хулните помисли. Ако не чувствуваме радост и задоволство од помислата што ја имаме во нашето срце, значи дека таа не е од Бога, но од непријателот кој навлегува во нас.



Многу е тешко да го разликуваме она што се раѓа во нашето срце под влијание на непријателот. До ова некој стигнува постепено со подвиг, со борба против страстите, кои ние чедата на Адам ги носиме во нас. Така полека-полека почнуваме да расудуваме, да чувствуваме дека таква помисла, такво движење на душата, не е од Бога, туку од непријателот. Ова не станува со размислување, но со чувство, со непосредно претчувство, исклучително истенчено и способно за разликување, кое е секогаш резултат на повеќегодишен подвиг. Според Свети Исак и нашиот Отец Силуан, расудувањето зависи исто така и од начинот на кој Светиот Дух дејствува во нашето срце, од опитот на благодатта и на демонските напади кои ги имаме. Намалувањето или губењето на благодатта е знак дека помислата доаѓа од непријателот. Спротивно на тоа, помислата доаѓа од Бога, од ангелот или од самиот Свет Дух, кога нè исполнува со радост и ни дава посебен мир.

Најдобро е да не им придаваме важност на помислите, но да се вдлабочуваме во молитвата, да разговараме со Бога низ молитвата.

Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За духот и животот, Скопје 1996, 44-49.

 

Извор: Бигорски манастир