Кога нема смирение, тогаш и добрите нешта што ги правиме се непотребни. Тоа е страшно! Во парохијата може да те поздравуваат, бидејќи си направил некакво дарение, луѓето може да ти велат браво!, зашто си кажал убава беседа, друг може да те фали, зашто имаш многу деца, убаво семејство, кое надворешно изгледа добро итн., но Бог ги гледа побудите за нашите дела, го интересира зошто го правиме даденото нешто и дали го вршиме со  смирение пред Бога, бидејќи во спротивен случај тоа не ни е во полза. За жал.

Важи и обратното – кога човек има смирение, тогаш и покрај гревовите што ги прави, и слабостите што ги има, на Бога тој му  станува мил и возљубен, и стекнува прошка. Затоа што има смирение, тој ја привлекува Божјата милост. Кога прашале некој светија : што претпочиташ во животот – да видиш добродетелен егоист или смирен грешник? Тој рекол: го претпочитам смирениот грешник. Има луѓе кои пушат цигари, имаат слабости, душевни или телесни, други, пак, имаат проблем во борбата со страстите, но имаат смирение и плачат заради тоа што се и не се гордеат со себе. Верувам – и нашата црква го вели тоа – дека Христос ги љуби овие луѓе и е милостив кон нив. Не затоа што го одобрува нивниот грев, туку затоа што Го трогнува нивното смирение и покајание. Знаете, фарисеите надворешно биле совршени, но немале смирение и изгубиле сѐ. Тоа е тајната. Ниту постот сам по себе ќе ни помогне, ниту тоа да спиеме на тврда постела, ни бдението, велат светиите, туку само смирението: се смирив и Господ ме спаси .

Жал ми е што морам ова да го кажам, но неспорен факт е дека ние, црковните луѓе, кои редовно се црквуваме, строги сме кон себеси, водиме духовен живот, постиме строго, правиме бденија, но и покрај тоа нашиот карактер не се смирува и не омекнува. Сте помислиле ли дека можеби сето тоа го правиме и од егоистични побуди? И дека всушност не стануваме такви какви што нѐ сака Бог? Ќе ви го докажам тоа- самиот факт дека со нашето смирение не ги допираме другите луѓе околу нас – соседи, деца, пријатели – е неспорен доказ. Бидејќи, многу едноставно – нашиот дух не се смирува лесно. Човек оди на бдение и наместо да се врати смирен, откако толку време се молел на Бога и ги исповедал своите гревови, тој уште следниот ден започнува да коментира, да суди и осудува, сака да им наоѓа грешки на другите, и на крај му велиш: каде остана бдението на кое беше?  Зарем тоа не те смири?!

Се занимаваме со грешките на другите- на пример ние постиме без масло и треба и оние што можат да прават исто така, бидејќи Црквата така пропишува. Но тоа не е доволно. Треба и во душата да имаш елеј на милосрдие кон другите, кои не постат. А ние расудуваме за другите и ги осудуваме, убаво ни е да слушаме за скандали, да зборуваме за нив, да ги шириме. Тоа смирение ли е? Зад тоа се крие егоизам. Во една прилика присуствував на беседа на Константинос Ганотис и кога заврши со беседата некој го праша:

-Слушнав за овој и овој скандал, што можете да ни кажете за тоа?

-А тој го праша нешто кое потполно го промени правецот на разговорот:

– А колку сте се помолиле вие за тој човек за кој сега ми зборувате?

Прашаниот не го разбра ова и продолжи:

-Ама јас ве прашувам за конкретниот скандал!

-Ви го разбрав прашањето! Но колку солзи со смирение сте пролеале за оној за кого сакате да разговараме сега? Колку поклони направивте? Прочитавте ли молебен кон Богородица за него?

И човекот не знаеше што да одговори. На таков начин црквата нѐ поставува пред гревовите на луѓето, со смирение. Да немаме егоистичен однос кон другите, какви и да се тие. Ние носиме одговорност само за себе си. Но ако ги судиш другите со егоизам, ќе дојде време кога Бог ќе допушти и ти самиот да паднеш во тоа кое егоистично си го осудил и ќе паднеш во истиот грев. Една мајка можеби ќе го осуди детето на сосетката и ќе го коментира бракот што го склучил, дека не е успешен дека не е добар избор итн., но ќе дојде време кога и нејзиното семејство ќе искуси таква болка. Може после пет, после десет години, но ќе дојде и таа ќе си спомне за тоа. Затоа треба да имаме смирение кога го гледаме животот на ближниот и да не го судиме.

 

Извор: Бигорски манастир