Секое вежбање на душата во Господа е грижа или внимание. Ако човекот не се грижи за себе си, тогаш сите такви вежби се неплодни, односно мртви. Кој сака спасение, тој мора да се уреди себе си, за да може да пази или внимава на себе, и кога е сам, и кога е опкружен со луѓе, и кога е зафатен со работи, односно во сите овие ситуации во кои, понекогаш, самите околности го вовлекуваат против неговата волја. Стравот Божји нека се протега на вагата на срцето над сите останати чувства: тогаш, човекот лесно пази и внимава на себеси, и во келијното тихување, и во средината на светската бура и врева.

Разумната умереност во јадењето ја намалува топлината во крвта и со тоа значително му помага на човекот да  пази или внимава на себе; а вознемирувањето на крвта – на пример поради прекумерното земање на храна, поради зголемената живост на телото, поради силното возбудување на предизвиканиот гнев, поради восхитеноста на празната слава и поради останати причини – предизвикува мноштво од помисли и фантазии, со други зборови расеаност. На човекот кој сака да пази или внимава на себе Светите Отци му наложуваат пред сѐ умерено, изедначено, издржливо воздржување во јадењето.[1]

Кога ќе се разбудиш – слично на оној кој очекува сите луѓе да се разбудат од мртвите – насочи ги мислите кон Бога, принеси Му ги како жртва на Бога првите и најдобри помисли во умот, додека сѐ уште не примил никакви суетни впечатоци. Во тишина, многу внимателно, изврши сѐ што му е потребно на телото кога ќе стане од сон, прочитај го вообичаеното молитвено правило, но при тоа помалку води сметка во обемот и должината на траењето на молитвословието, а повеќе на неговиот квалитет, т.е. за тоа да го направиш со внимание и поради внимание, а сето тоа за молитвениот дух на милоста и утехата да го оплеменат и оживеат срцето. После молитвеното правило, повторно со сите сили водејќи сметка за пазењето, читај го Новиот Завет, а првенствено Евангелието. За време на читањето внимателно запазувај ги сите завети и заповеди Христови, за по нив да можеш да ја управуваш својата видлива и невидлива активност. Обемот и должината на траење на читањето зависи од човечките сили и околности. Не треба да се преоптоварува умот со прекумерно читање молитви и Писма; не треба, исто така, да се запоставуваат обврските поради неумерено занимавање со молитвата и читање. Како што прекумерното земање на храна го расипува и ослабува желудникот, така и неумереното земање на духовна храна го ослабува умот, го одвраќа од побожното развивање на добри способности, наведувајќи на него униние[2]. На почетникот Светите Отци му предлагаат чести, но кратки молитви. А кога умот ќе ја достигне полнотата на духовниот раст, кога ќе зацврсти и созрее, тогаш ќе биди во состојба непрестајно да се моли. Токму на христијаните кои го достигнале совршениот раст во Господа се однесуваат зборовите на Светиот апостол Павле: И така, мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги рацете без гнев и сомнева[3] т.е. мирно и без никаква расејаност и занесеност. Она што му е својствено на човекот уште не му е својствено на детето. Кога Сонцето на вистината, Господ наш Исус Христос, со посредство на молитвата и читањето го озарува човекот, така тој нека излези на дело на дневното бојно поле и при тоа да пази во сите негови дела и зборови, во целото негово битие владее и дејствува сесветата Божја волја, откриена и објаснета на луѓето во евангелските заповеди.

Ако во текот на денот, во некој случај, имаш слободен момент, искористи го за внимателно читање на некои избрани молитви, или некои избрани места од Писмото, и со нив одново поткрепи ја душевната сила, поткрепи ја бидејќи дејствувањето во овој суетен свет ја исцрпува. Ако ги нема тие златни моменти, тогаш треба да жалиш за нив, како за некое изгубено богатство. Изгубеното денес не треба да го изгубиш и утре: затоа што нашето срце лесно се препушта на немарност и заборавеност, а нивниот плод е мрачното незнаење, толку погубно во делото Божјо, во делото на спасението на човекот.

Се случува да кажеш или направиш нешто спротивно на Божјите заповеди, не чекајќи ни час да ја излекуваш грешката со покајание, и со посредство на искрено покајание се враќаш на патот Божји од кого си се тргнал и си ја најрушил волјата Божја. Не задржувај се надвор од патот Божји! На доаѓањето на грешните помисли, мечти и чувства спротивставувај се со вера и смирение со евангелските заповеди, и при тоа зборувај со светиот патријарх Јосиф: Како би направил такво грдно зло и на Бога би згрешил[4]. Човекот кој внимава на себе си е должен да се откаже од секаква фантазија, колку и да е таа примамлива и да изгледа убаво: секоја фантазија е лутање на умот надвор од вистината, во непостоечка земја и неостварени привиденија, кои лажат и го измамуваат умот. Последиците од фантазирањето се губење на пазењето на себе, расејаност на умот и закоравеност на срцето во молитвата, а од тоа произлегува душевното растројство.

Навечер, додека се подготвуваш за сон, кој во однос на животот тој ден е смрт, преиспитај ги своите дела направени тој ден. Ако водиш внимателен живот, тогаш таквото преиспитување не е тешко: пазењето на себе ја уништува заборавеноста, својствена за расејаниот човек. Откако, така, се присетиш на сите свои гревови, направени со дело, збор, помисла, чувство, поради нив принеси покајание на Бога, добра волја и искрен завет дека ќе ги исправиш. Потоа, после читањето на молитвеното правило, со мисли за Бога заврши го денот започнат со мисли за Бога.

Каде одат сите помисли и чувства на човекот кој спие? Каква е таа таинствена состојба, сон, кога душата и телото се живи, а во ист момент не живеат, далечни од свеста за својот живот, како да се мртви? Сонот е исто така ненаучен како и смртта. Во текот на сонот душата, како во свој вечен покој, одмора и така ги заборава најлудите земни неволји и несреќи. А телото!… Ако тоа стане од сонот, тогаш неизоставно ќе воскресне од мртвите. Велики Агатон рече: „Без засилено пазење на себе не може да се напредува во добродетелите.“[5] Амин.

[1] Добротољубие, дел II, глава на преподобен Филотеј Синајски.

[2] Исак Сириски, Слово 71.

[3] 1.Тим. 2,8.

[4] Пост 39,9.

[5] Скитски патерик.

Свети Игнатиј (Брјанчанинов)

Превод од српски: Младен Јовчески, дипломиран теолог

Извор:https://pravoslavie.ru

Преземено од: http://www.pppe.mk/2018/za-pazeneto-na-sebesi/

 

30ти декември 2018