Вистинско почитување и вистинско поклонување на Крстот Христов во нашиот живот ќе се случи тогаш кога доброволно ќе го земеме својот крст со благодарност кон Бог. А, веќе сме го зеле штом сме се родиле во овој свет на страдање и болка. Прашањето не е ниту дали ќе го носиме или не?
И ќе го земеме, и ќе го носиме, и ќе бидеме распнати на него, а дали ќе биде спасителен за нас зависи од нашиот однос кон Крстот и кон Распнатиот на Него.

Носењето на нашиот крст не нѐ спасува, туку Крстот Христов и милоста Божја. Но, со носењето на нашиот крст пројавуваме мал и безначаен акт на љубов од наша страна кон Бог – дека сме подготвени да љубиме, да страдаме и дека сме ја разбрале тајната на Крстот Христов. Сѐ друго Бог ќе заврши. Ние сме немоќни; всушност, тоа и значи носењето на крстот – човек да ја признае, да ја прифати и да ја разбере својата немоќ.



~ Викарен Епископ Јаков Стобиски

 

Подготви: К.Вучковски/С.Корнет

27ми септември 2019 лето Господово