38.machenici1

Дури и кога верните имаат доверба во нивниот духовен отец и „го примаат како пророк во пророчко име“ (Мт 10, 41), неговата служба не е едноставна. Тој не може да се потпре на успехот или на знаењето што претходно ги стекнал. Духовниот отец е превосходно раздавач на словото Божјо, а словото што доаѓа одгоре „не е од луѓе“ (Гал 1, 11). Самото Евангелие Христово не е „од човек“, ниту дадено од човек. Словото Божјо ја надминува човечката мера, та затоа е „тешко“ (Jн 6, 60). Мислам дека овде, на Запад, се појави, пред извесно време, книга со наслов Тешките зборови Христови, што укажува на тоа како го разбираат Евангелието. Словото Божјо се открива во пределите на вечната светлина, но во исто време тоа овозможува совршено себеспознание. Ова слово предизвикува пророчки „земјотрес“ (3 Цар 19, 11) и – како што вели Евангелието – „го разделува човекот“ (Мт 10, 35) со „духовниот меч“ (Ефес 6, 17). Тоа го раскинува срцето со неподнослив срам поради сопствената беда, но и го вдахновува човекот потоа да го доживува како присуство на смртта „сето она во нас што му се противи на Христовото слово“. Ако духовниот отец одлучно и трпеливо ги поднесува последиците и страдањата од овој духовен подвит и ако се очисти од сета распадливост на „стариот човек“, тогаш се зголемува Божјото присуство во него, станувајќи како „здив од тих ветер“ (3 Цар 19, 12 LXX), кој не може да биде забележан (cf. Лк 17, 20). Овој тих ветер е смерната Христова љубов, која ги избавува паднатите луѓе и им го отвора царството на небесниот Отец.

Духовниот отец се труди да им го доближи словото Божјо на оние што доаѓаат кај него. Ова слово е семе на вечниот живот. Ако биде прифатено, како што веќе рековме, тоа го расекува срцето како меч и не дава почивка; сепак, тоа го обновува целиот човек и го подготвува за царството небесно. Ова расцепување и напрегање, кои ги создава словото Божјо, никако не смеат да бидат смирени или потиснати од духовниот отец. Се сеќавам дека еднаш отец Софрониј беше многу незадоволен кога разбра дека еден од нас се обидел да утеши некого, намалувајќи го покајниот наплив кај него. Отец Софрониј велеше дека треба да го засилиме тој наплив, а не да го потиснеме. Напротив, според мислењето на отец Софрониј, полезно е да се засилат овие воздејства колку што е можно повеќе и да се води духовното чедо тукуречи до „прагот на смртта“ со цел да умре „стариот човек“, распадлив и грешен. Тоа е многу тешка уметност. Духовните отци во минатото имаа обичај вештачки да ги водат своите чеда до прагот на смртта со цел да ги умртват нивните страсти и да го умртват „стариот човек“. Но, за ова е неопходно големо расудување: денес тоа никој не го прави. Духовниот отец се впушта во оваа страшна и опасна работа според мерата на своето расудување, на своето искуство и на својата молитвена сила, кои им ги принесува на чедата. Го велам ова бидејќи имам пријател, кој е духовен отец и кој ми има кажано дека повеќе се моли за оние што ги прекорил одошто за оние што никогаш не ги прекорил, бидејќи не сака тие да паднат во очај.

За оваа задача, духовниот отец применува две постапки: едната е потврдна, другата одречна. Со одречниот пристап, тој се обидува мудро и умешно да го заштити чедото од суета, која може да произлезе од духовните дарови што тоа ги поседува, бидејќи славољубието ги стврднува длабочините на срцето, „местото на духовна молитва“. Духовникот ги истакнува слабостите и лошите страни во однесувањето на чедото. На тој начин се смируваат умот и срцето на духовното чедо, а се разгорува желбата за подлабоко духовно знаење. Се разбира, она што е важно е силата на благодатта што ги придружува советите од духовниот отец, а не неговата стручност или красноречивост. За да пренесува духовни д арови, словото на духовниот отец треба да излегува од горешто срце, кое е полно со љубов кон луѓето и кое се моли за нив со најдлабоко сочувство. Сите пророци го применуваа овој одречен пристап, особено св. Јован Крстител. Тој ги нарекуваше „породи змиини“ оние што доаѓаа кај него, а сепак евангелистот подвлекува дека „опоменувајќи“, тој „му ја објавуваше на народот радосната вест“ (Лк 3, 7-18). Значи, тој ги нарекуваше „породи змиини“ и со истите тие зборови ги утешуваше. Зошто? Кршејќи ја надменоста на нивниот ум, тој поттикна скрушеност во нив, скрушеноста роди смирение, смирението донесе благодат, а во неа тие најдоа незгаслива поткрепа. Истиот пристап го применува и св. Павле кога вели: „кој ќе ме зарадува, ако не оној кого сум го ожалостил?“ (2 Кор 2, 2). “Тешките зборови“ на Господ Христос и на сите духовни отци што заедничарат со Него, имаат за цел да ги строшат тврдините што ги гради човечката надменост и да однегуваат кај верното чедо смерна навика да се учи од „кроткиот и смирен“ Господ (сf. Мт 11, 29).

Потврдниот пристап е повозвишен и дури потежок, потворечки. Предуслов е духовниот отец да ја знае не само практиката, туку и „теоријата“ на подвижникиот живот. Оваа теорија е плод на „големата љубов“ Христова, која ја стекнал неговиот слуга и во која се труди да ги воведе неговите чеда; теоријата што се темели на оваа љубов дава сигурност дека сè се прави во слава Божја и за доброто на луѓето. Со прости зборови, духовниот отец се обидува да му го открие на чедото благословот, кој се крие зад болката, маките и неволјите од кои страда.

(Продолжува…)

 

Извор:https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/duhovnoto-rakovodstvo-kako-sluzhba-na-pomiruvanje-megju-chovekot-i-bog-ii-del-2/

 

 

 https://preminportal.com.mk/duhovnost/intervju/2331-intervju-so-arhimandritot-zaharij-od-manastirot-na-sveti-jovan-krstitel-vo-eseks-27-07-2008