Беше тоа некогаш многу одамна, кога никој од вас сеуште не беше роден - започна да раскажува дедото.  Наташа седеше заедно со останатите деца, кои запирајќи го здивот, ги слушаа прекрасните бајки за Снежана со сините очи, за ковачот Вакул и сл. Светло и радосно гореа светилките на елката. Селото го опфати Божиќната ноќ, која беше свечена, ведра и тивка. - Еве во ваква ноќ заблеска Витлеемската Ѕвезда - тивко рече Наташа.- И се роди Христос? - љубопитно запраша Никола.Децата прашувајќи се, погледнаа во дедото. Што ќе каже тој сега!? Дедото очигледно беше затекнат од ова прашање. Тој некое време молчеше, ја погали брадата и ги погледна децата по ред - тие почнаа да му се приближуваат. - Таа случка, деца, беше посебна и неповторлива - чувствително започна тој.   -„Слава на Бога во висините и на земјата мир! “ - пееја ангелите во Божиќната ноќ. Таа ноќ, од љубов спрема човекот, на земјата дојде Предвечниот Бог, Господ наш Исус Христос. Го роди Пресветата Дева Марија, во Витлеем, во скромната пештера. Веста за раѓањето, смирените пастири ја слушнаа од Ангелот Господов, кои први беа удостоени да Му се поклонат на Спасителот. Чудесната ѕвезда им го објави Христовото раѓање и на благочестивите мудреци - претставници на сиот многубожечки свет кој, не знаејќи го тоа, се поклони, заедно со нив, пред вистинскиот Бог. Еве, таква радост на луѓето им донесе Светата Ноќ, исполнета со тајни и чуда - ја заврши приказната дедото. Потоа ги погледна децата: нивните очи беа полни со искри, образите им беа заруменети.- Мојата мајка, ми кажуваше дека елката најмногу Му се израдувала на Христос - рече Наташа.- Како тоа? - се зачуди дедото - раскажи ни.Наташа слезе од колената на дедото, ги извади ракавиците, ја поправи капата и, воопшто не збунувајќи се, почна да раскажува:- Во таа ноќ на Христовото раѓање целата земја се радуваше на Младенецот - цела природа, сите животни, но најмногу се радуваа трите дрва: палмата, маслината и елката, затоа што тие растеа покрај пештерата, во која Христос се роди. Кога Младенецот заспа, тие посакаа да влезат во пештерата и да Му принесат дарови. Но, палмата ја турна елката и ѝ рече: „ Што можеш ти да Му дадеш на Богомладенецот? - само бодликави иглички и леплива смола “. Елката не се осмели да влезе: таа добро ги виде јаслите и заспаниот Младенец, и тоа ѝ беше доволно за да се израдува. Елката виде како палмата Му го принесе најубавиот лист на Младенецот, а маслината своите гранки, од кои капеше миризлив елеј, што ја исполни пештерата со благоухание. - „ Во право се - помислила елката, како можам да се сметам рамна на нив, јас не сум достојна да Му се приближам на Христос “. Но, ангелот Господов, кој ја чуваше пештерата, го слушна и го виде сето ова. Се сожали на елката и погледнувајќи во небото даде знак - и ѕвездите, една по друга се спуштија на елката. Таа веднаш заблеска! Од таа светлост Христос се разбуди, ја погледна елката и ги испружи Своите раце кон неа. Таа многу се израдува, но заради добрината своја, воопшто не се возгордеа пред маслината и палмата, туку напротив, ги осветли своите посрамени сестри со својата светлина, за Христос и нив да ги забележи.- Ти си добро дрво - рече ангелот - и заради тоа, на денот на Христовото раѓање, децата секогаш ќе те украсуваат со светлина, и ќе се радуваат и ќе се веселат. - Аха, еве зошто, вие ја украсувате елката! - извика дедото зачудено - а јас тоа воопшто не го знаев.Тој ја пофали Наташа, извади од елката огромно лижавче и ѝ го подаде. Наташа блескаше од среќа.- И јас знам за Христос, мојата баба ми раскажуваше за Него - рече Лариса, црнокосо девојче во розово фустанче. - Исус Христос е Син Божји. Он е најдобар, Он нѐ сака сите нас и сака и ние едни со други да се сакаме. - Господ сака сите нас да нѐ избави од зло - додаде Никола.- Излегува дека сите вие сте ми многу паметни - дедото ги рашири рацете и започна од елката да вади медењачиња и мандарини и да им ги дели на децата.- После Новата Година - рече дедото - сите православни ќе го слават Божиќ. Во нашиот храм ќе можете да чуете ангелско пеење, посветено на новородениот Младенец -Христос. - Можеби некој од вас оди на проби на хор? - запраша дедото.- Мојата другарка оди - рече Наташа и погледна во Лариса - а јас следната година ќе одам на веронаука. Татко ми многу ми зборуваше за Божиќните празници. Колку е тоа интересно.- Кој сега ќе ни отсвири песничка?Во очите на Наташа заблескаа златни пламенчиња, а нејзината темносина панделка заигра како крилата на пеперутката.- Јас ќе отсвирам! - рече таа.- Наташа седна на клавирот и даде акорд. Држејќи се за рацете, децата вртеа околу елката и пееја: „ Во шумата се роди елкичка, во шумата и растеше “.- Дечиња - им се обрати дедото - денеска сите ние сме весели, единствено малечкиот Андрej е тажен, бидејќи, еве, веќе втора недела како лежи во креветот, со скршена нога, а се спремаше сите нас да нѐ изненади со циркуска акробација. Одете утре кај него.Полни со сочувство децата го опкружија дедото.- Дедо, ние со нашата учителка Татјана  веќе отидовме кај него - рече Никола - нему му е подобро. Утрово си играв со него „ дама “, а учителката му читаше интересна книга за далечните земји, каде што ќе патуваме кога ќе пораснеме.- Јас утре ќе му подарам блокче и боички  - рече Владимир - и поштенски марки можам да му дадам, имам многу што ми се двојни.- Гледам дека сте добри деца - рече дедото. - Ајде сега да си одиме дома.Детските безгрижни срца беа исполнети со љубовта Христова и тоа беше најголемиот божиќен дар за нив. Спокојство и блажена радост се гледаше на нивните лица. Изгледаше како токму во тој момент да Го гледаат чудесниот Младенец во Витлеемските јасли, Кого сега толку многу Го засакаа. Заблагодарувајќи му се на дедото со искрена љубов и со Божиќниот поздрав „ Христос се роди - навистина се роди “, малечките се фрлија во неговата прегратка, а потоа потскокнувајќи одлетаа со санките кон своите домови.


ХРИСТОС СЕ РОДИ! НАВИСТИНА СЕ РОДИ!

Извор: Бигорски манастир