Предназначеноста на човекот. Божественото откровение. 
 
Бог нè создал нас, луѓето, според Својот образ и Своето подобие – ни дал разум, слободна волја и бесмртна душа, за да, спознавајќи го Бога и станувајќи подобни на Него, стануваме сè подобри и подобри, да се усовршуваме, и да го наследиме вечниот блажен живот со Бога.
Затоа постоењето на човекот на земјата има длабока смисла, голема предназначеност и висока цел.
Во Божјото создание нема и не може да има ништо бесмислено. Затоа, ако човекот живее без вера во Бога, ако не живее според Бојите закони, ако не живее за идниот вечен живот, тогаш постоењето на таквиот човек на земјата станува бесмислено. За луѓето што живеат без Бога, животот е неразбирлив и случаен.
На секој човек, за да ја исполни својата предназначеност на земјата и да го добие вечното спасение, неопходно е, како прво, да го спознае вистинскиот Бог и правилно да верува во Него, односно да има вистинска вера, и како второ, да живее според таа вера, односно да го сака Бога и луѓето и да прави добри дела.
Апостол Павле вели дека „без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евреите 11:6), а апостол Јаков дополнува дека „верата без добри дела е вера без љубов“, а таквата вера е без дејство, мртва. 
Вистинското учење за тоа како луѓето треба правилно да веруваат во Бога и како да живеат, се содржи во Православната христијанска вера, зашто таа се заснова на Божествено откровение. Божествено откровение се нарекува сето она што Самиот Бог им го открил на луѓето за Себе и за правилната вистинска вера во Него.
Своето откровение Бог им го соопштува на луѓето на два начина: на природен и на натприроден начин.
Природниот начин е кога Бог Себеси му се открива на секој човек преку видливиот свет (природата) и преку нашата совест, која е како некој глас Божји во нас, глас што ни кажува што е добро а што лошо, а исто така и преку животот, преку историјата на сето човештво.   
Сиот свет што нè опкружува е една голема книга на Божјото откровение, којашто сведочи за семоќта и премудроста на Бога Творецот. Дури и најпростата машина не може да се појави сама по себе, случајно. Дури и ако наидеме на правилно распоредени камења, веќе од нивниот правилен распоред заклучуваме дека така ги подредил некој човек. Уште Кикерон рекол дека, без оглед колку милиони пати да фрлиме коцки со букви, коцките нема да се подредат така да добиеме стихотворба. А вселената којашто нè опкружува е неспоредливо посложена од најсложената машина и има неспоредливо поголема смисла од смислата на која било стихотворба.  
Меѓутоа, природното откровение само по себе не е доволно, зашто гревот ги помрачува човековиот ум, волјата и совеста. Доказ за ова се семожните пагански религии, во кои вистината е помешана со лажни човечки измислици. 
Затоа и Господ го дополнува природното откровение со натприродно – кога Самиот или преку ангелите ги открива нештата за Себе. Бидејќи секој човек не може да го прими откровението од Самиот Бог, поради својата гревовна нечистотија и слабоста на духот и на телото, Господ избира особени, праведни луѓе кошто можат да проникнат во тоа откровение. 
Во полнота и во совршенство, Божјото откровение го донел на земјата Самиот воплотен Син Божји, нашиот Господ Исус Христос, и го распространил по сета земја преку Своите апостоли и ученици. Ова Божествено откровение и денес се шири меѓу луѓето и се запазува во вистинската, света православна Црква на два начина: со посредство на Светото Предание и на Светото Писмо.
Од почетокот на светот па сè до Мојсеј немало свештени книги, а учењето за верата Божја се пренесувало усно, преку предание, односно со збор и со пример, од еден на друг и од претци на потомци.  
Самиот Исус Христос Своето божествено учење го пренел на Своите ученици преку Своето слово (проповед) и преку примерот на Својот живот, а не преку книга.
На таков начин во почетокот и апостолите ја ширеле верата и ја граделе Црквата Христова. Ова е сосема разбирливо, зошто со книги не можат да се служат сите луѓе, а преданието им е достапно на сите, без исклучок.
Понатаму, за Божественото откровение да се запази сосема точно, под влијание на Господ некои свети луѓе ги запишале најважните моменти во книги. Самиот Бог Свети Дух невидливо им помагал, за да сè што во тие книги е напишано, биде правилно и вистинито. Овие книги, напишани од Духот Божји преку луѓе осветени за таа цел од Бога, се наречени Свето Писмо или Библија, којашто се дели на два дела: на книги од Стариот Завет и на книги од Новиот Завет. Сите книги од Светото Писмо се напишани од различни луѓе и во различно време, но сите се напишани под раководство од Светиот Дух.  
Книгите на Стариот Завет се напишани пред Христовото Раѓање, а книгите од Новиот Завет – по Христовото Раѓање. Зборот „завет“ значи ветување, зашто во тие книги се содржи Божјото учење, ветено од Бога на луѓето. Освен тоа, зборот „завет“ значи и сојуз или договор на Бога со луѓето.
Основната содржина на Стариот Завет е во ветувањето на Спасителот на светот и во подготовката на луѓето да Го примат, преку постепени откровенија, преку свети заповеди, пророштва, првообрази, молитви и свештенослужења.
Главната содржина на Новиот Завет се состои во тоа дека Бог навистина им го дарувал на луѓето ветениот Спасител, Својот Единороден Син, нашиот Господ Исус Христос, Кој им го дарувал Новиот Завет на луѓето.
Сите книги на Светото Писмо се боговдахновени, бидејќи се напишани под влијание на Светиот Дух. Апостол Павле вели: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување и пучување во правдата“ (2 Тимотеј 3:16). 
Сето Божествено откровение се чува во Светата Црква. Црквата ја основал Самиот Спасител, нашиот Господ Исус Христос и ја поставил за чуварка на Своето Божествено Откровение. Бог Свети Дух невидливо ја чува.