Што означува разводот? Наша неспособност да љубиме. Во основа, тоа е. Едно погрешно сфаќање за бракот. Бракот не е живот послан со цвеќиња.

Внимателно прочитај ја службата на венчавањето, таму се сите елементи и сите претпоставки, кои, ако ги живееш, ќе ја достигнеш полнотата на твојата врска. Црквата уште на почетокот ни го покажува патот: „Благословено е Царството на Отецот…“ И во тој миг свештеникот го изобразува знакот на крстот со Евангелието. Што значи тоа? Во основа, три нешта.

Знаете ли, деца мои, на каде одите? Не сте тргнале во непознат правец со чамецот на надежта. Сте тргнале кон Царството Божјо. Ова е патот на бракот.

Кој е вашиот раководител на овој пат? Светото Евангелие.

Каков е вашиот пат? Крстоносен (распнувачки)!

Им велам на паровите кои ги венчавам: „Деца мои, знајте го тоа, дека денес треба да умрете, треба да умре вашиот егоизам. Секој од вас тргнал од својот дом и сте дошле овде, и сега заминувате оттука во еден нов дом. Многу убаво. Што значи сето тоа? Секој треба да го напушти своето јас. Она што бил досега. И овде благодатта Божја ве соедини“.

Гледате, во еден момент ги соединуваме рацете и им велам: „Сте виделе ли два клуча, соединети во една алка? Каде и да се, секогаш ќе бидат заедно. Во џебот ли се наоѓаат, или паднале на патот, или сме ги фрлиле во морето, секогаш ќе бидат заедно. Бидејќи ги соединува една алка. Но ако излезат од алката, тогаш прашање на среќа е дали ќе останат и двајцата заедно. Која е алката? Благодатта Божја. Ставете ги вашите раце, ставете ги вашите срца во рацете Божји. Бог не нѐ зема насила, ја пружа Неговата рака и ако вие со своја волја ги ставите вашите раце, Бог ќе ве соедини во една заедница, совршена и света и така ќе чекорите напред“.

Кога се воведе граѓанскиот брак, јас прославував. Си реков, „конечно, ќе го избегнам измачувањето да венчавам луѓе кои не знаат што прават“. Оди си во Општината или било каде. Но не овде! Зашто ова место (храмот) е за оние кои знаат што сакаат и веруваат во она што го прават. Еден развод може да има многу поводи, но малку причини.

Како се подготвуваат двајца млади за да се земат? Оттаму ќе сфатиш каков ќе биде нивниот тек. Колку добро се познаваат? Или колку длабоко не се знаат? Многу пати сум ја чул забелешката: „Не беше така на почетокот“. Така било, чедо мое, само ти не си го/ја видел/а добро. Веридбата не е еден глупав период, во кој ќе гледаме да си поминеме добро. Тоа е токму еден период кога луѓето зборуваат сериозно за нивната иднина, гледаат дали се согласуваат, дали си одговараат, дали имаат иста насока во животот, понекогаш дури и во оние работи, кои изгледаат поплитки, полесни. Еднаш им велев на еден пар, кои беа во врска:

– Деца, разделете се сега, зашто утре ќе се разведете.

– Ама зошто?

– Затоа што немате ништо што ве сврзува. Интересите на едниот се сосема поинакви од оние на другиот – децата во денешно време го користат терминот „будалаштини“. За кратко време ќе почнеш да ѝ завидуваш и по малку ќе почнеш да се уморуваш. Не правете грешка! За среќа навреме разбраа. Зашто, најважно е да ја гледаш вистината. „Те сакам – ме сакаш“ лесно е да кажеш, но тешко е да се живее тоа. Ние учевме дека љубовта е воплотена. А ако не се воплотува, не се распнува, тогаш не напредува. Разводот е еден неуспех. Но, прашањето е следново: Како да се соочиме со еден развод? Да се научиме од нашите грешки? Разбравме ли зошто сме стасале дотаму? Пред сѐ, имаме ли свест дека сме претрпеле неуспех? И неслучајно не сме успеале, не сме успеале од конкретни причини, јасни и видливи, или веруваме дека виновен е само другиот?

На паровите кои се венчаваат им пожелувам: „Деца мои, ви посакувам да научите во вашиот живот секогаш и двајцата да сте виновни. Зашто, ако верувате дека е виновен само другиот, нешто не е во ред меѓу вас. Се женам – означува, го примам другиот каков што е, затоа што го сакам. Се женам – значи дека се борам, правам сѐ за да го израдувам оној кого го љубам. Меѓутоа, постои еден заеднички пат на двајцата, т.е. тоа што едниот ме прифаќа, не создава прибежиште за мојот егоизам, штом ме прифаќа онаков каков што сум. Те прифаќа затоа што те љуби, а ти љубиш ли? Тогаш, поправи се. Тогаш, штом гледаш дека нешто му пречи на другиот, поправи го тоа. Кога слушам како велат: „Јас сум таков/таква, и не се менувам“, им велам: „Погрешно сте се ожениле, зашто кога некој љуби, се менува: „Не се менувам – значи, не љубам“. Сѐ друго е вишок.

Митрополит Павле Сисаниски (+2019)

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Извор:    https://crkvaveles.wordpress.com/2019/01/17/zoshto-razvodi/?fbclid=IwAR3IalSmc7xl-8Wbg01ahlwE-psx3pzgFcbfFl4Lg-KExncb_IGjI6e2YlY