ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

Тропар на светиот
Христов подвижник
Теодор Осветен

Ликуваат монашките лица,
се радуваат христијанските срца
насекаде каде се споменува твојот труд
и твоето име о Теодоре, ученику Пахомиев,
Христос Спасителот те надари со дар на расудување,
за да спознаеш дека без Него ништо не си,
моли го Него о учителе на послушанието,
да не избави од мудрувањето телесно
и дарува спасение на душите наши.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светата
блажена девица
Муза
16 мај / 29 мај

Ѕвездо на круната Богородична,
чистото на патеката Нејзина,
душо која се врати во вечноста,
девственичке која ги примаш нашите молитви,
Музо избрана во свитата на Божјата Мајка,
застапи се за нас пред Онаа Која Христа Го роди,
да се запазат нашите души.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Патријарх Цариградски
Никола Мистик
16 мај / 29 мај

Тајновидецот Господ го испита срцето твое,
о пастиру на овците словесни,
и те најде достоен да те умудри
со смиреност и трпение,
да сведочиш за неговото милосрдие.
Моли се за нас Христов ученику,
кон Бога да поитаме
од твоите свети молитви закрилени.


 
Извор МПЦ-ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 Тропар на светите
маченици Христови
Авдис, Авда, Венјамин ѓакон
и триесет и осум маченици со нив
16 мај / 29 мај

Сведоци на Божјата благодат и ние денес станавме
преку вас свети Авдисе, Авдо и другите персиски маченици,
која ве ободри од верата спасоносна да не се откажете ,
туку до крај венци добивајќи,
слободата во Христа да ја сочувате.
Радувајте се и за нас молете се
вие по чии молитви ние се спасуваме.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов новомаченик
Никола од Мецов
16 мај / 29 мај

Телото слабо од Бога се откажа,
но душата жеднееше по Женикот свој,
о, Никола новомачениче,
и победа Духот на вистината однесе,
и Главата на сите, твојата ја освети,
чудеса да пројавува од благодат подарена,
плод на покајанието твое.
Денес повторно при тебе припаѓаме
и молиме да се научиме на твоето покајание,
Бога да Го прославуваме преку сите векови.
 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
маченик Христов
Петар Влахернски
16 мај / 29 мај

Небесата посведочија за славата која ти е дадена
и народот Божји ја вознесе по целата вселена
маченичката голгота твоја,
Петре исповедниче на Иконите свети.
Од Христа венец невенлив,
а од нас поклон и молба да се
застапиш за нас пред Оној Кој
тебе со вечност те овенча.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (29.05.2022)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Преподобен Теодор Осветен

Ученик на Свети Пахомиј. Роден и воспитан како незнабожец, но како млад дојде до познание на вистинската вера, се крсти и кога чу за Свети Пахомиј, побегна во манастирот тајно од своите родители. Свети Пахомиј го замонаши и го засака заради неговата необична ревност и послушност. Кога дојде мајка му да го вика да се врати назад, тој не сакаше да ѝ се јави, туку се молеше на Бога за неа, за да ја просветли и неа со вистината.

И навистина, мајката не само што не го врати син ѝ дома туку и самата не се врати: го виде во близина женскиот манастир со којшто управуваше сестра му на Пахомиј, стапи во него и се замонаши. По извесно време дојде во манастирот и брат му на Теодор, Пафнутиј, па и тој се замонаши. Еднаш се случи епископот на градот Панопол го повика Пахомиј да уреди манастир за многубројните коишто го сакаа монашкиот живот. Пахомиј го зеде со себе Теодор и главно нему му ја предаде должноста околу устројувањето на манастирот. По смртта на Свети Пахомиј, Теодор стана игумен на сите манастири на Пахомиј и поживеа благоугодно до длабока старост, управувајќи со мноштво монаси на патот кон спасението. Се упокои мирно и се пресели во царството на вечната светлина во 368 година.

Блажената девица Муза

За нејзе раскажува Свети Григориј Двоеслов дека имала само девет години кога на двапати ѝ се јавила Пресвета Богородица, опкружена со пресјајни девици. Кога Муза изразила желба и таа да биде во онаа пресјајна придружба на Небесната Царица, Богородица ѝ рекла дека по еден месец ќе дојде по неа и ќе ја земе. И ѝ заповедала како треба да живее во тие триесет дена. Дваесет и петтиот ден Муза паднала на постела, а триесеттиот ден повторно ѝ се јавила Светата Пречиста и ја повикувала со тивок глас, на што Муза одговарала: „Еве ме, доаѓам, Госпоѓо!“ И издивнала. Од овој преминала во вечниот живот во 5 век.

Свети Никола Мистик, патријарх Цариградски

Се прослави со необична строгост на животот. Царот Лав се ожени по четврти пат, заради што патријархот му забрани да влегува в црква, а свештеникот што го венча го расчини. За ова царот го симна патријархот и го протера во манастир. Делегатите на римскиот папа Сергиј III му го одобрија на царот и тој четврти брак. Но кога умре царот, Никола повторно се врати на патријаршискиот престол и свика собор во 925 година, на којшто четвртиот брак воопшто им беше забранет на христијаните. Се упокои во 930 година. Во она време кај нив „мистик“ се нарекуваше најстариот член на царскиот совет. Значи овој светител порано беше дворјанин со висок чин, но потоа ја остави суетата на светот и се замонаши. Се упокои мирно во 930 година.

Светиот новомаченик Николај

Родум од Епир. За верата Христова мачен од Турците и заклан во Трикали, 1617 година. Главата на овој маченик се чува и денес во еден од Метеорските манастири во Тесалија. Прави многу чуда, лечи најтешки болести, а особено е познато дека од нивите изгонува скакулци.