ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

Тропар на светиот
Христов маченик Теодот Анкирски
и седумте дественички
18 мај / 31 мај
Свети блажени мачениче Теодоте,
Христово прибежиште за бедните,
гладните, гонетите и сиромасите,
ти милосрден слуго на Божјите заповеди,
верата бестрашно ја исповеда,
главата на лагата ја згазна.
Заедно со мудрите девственички,
маченичките Текуса, Александра и Клавдија,
Фаина, Ефрасија, Матрона и Јулија, молете го Господа,
да дарува мир на црквата Своја,
 раздорите да стивнат, бурите да се смират
и така благочестиво да поживееме надевајќи се на милоста,
 на Еден Бог во Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух,
 во вечни векови.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите Христови
маченици Петар, Дионисиј,
Андреј, Павле, Христина, Ираклиј,
Павлин и Венедим
18 мај / 31 мај

Голема беше вашата вера во Господа,
маченици Христови Петре, Дионисие, Андрее и Павле, снемогна лагата во нејзината вештина гледајќи ја пред
себе Христина, а великите Ираклиј, Павлин и Венедим,
ги преполнија со благодат душите наши во овој ден Господов.
Радувајќи се во небесните дворови,
молете се за нас вие свети маченици.


                    
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите
Христови маченици
Симеон, Исак и Вахтисиј
18 мај / 31 мај

Радувајте се вие кои Го запознавте Сонцето на правдата, вистинскиот Бог и Спасител Христос,
Кој благодатно ве закрепна во маченичкиот подвиг.
Пред Него за нас сега молете се, Симеоне, Исаке и Вахтисие,
исповедници на огнот кој гори и не согорува.



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (31.05.2022)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022 лето Господово

Од Верскиот календар:

Светиот маченик Теодот и седум маченички девици: Текуса, Александра, Клавдија, Фаина, Ефрасија, Матрона и Јулија

Теодот беше оженет и беше крчмар во Анкира во времето на Диоклецијан. Но иако беше оженет, живееше според словото апостолско: оние што имаат жени да бидат како да ги немаат (1 Кор. 7, 29). А крчмарот сметаше дека би можел, без некој да се посомнева, колку што може подобро да им помага на христијаните. Неговата крчма им беше засолниште на гонетите верници. Теодот тајно им испраќаше помош на разбеганите бегалци по планините и тајно ги прибираше телата на загинатите и ги погребуваше. Во тоа време беа изведени на суд и мачени за Христа седум девојки: беа мачени, исмеани и најпосле удавени во езерото. Едната од нив, Света Текуса, му се јави во сон на Теодот и му рече да ги извади нивните тела од езерото и да ги закопа. Ноќе, во темница, појде Теодот со еден другар да ја исполни волјата на маченичката и воден од ангел Божји успеа и ги најде сите седум тела и ги погреба. Но оној другарот го издаде кај судијата и судијата го стави на тешки маки. Сите маки Теодот ги трпеше како во туѓо тело, бидејќи умот му беше вдлабочен во Господ. Кога целото тело му го претвори во рани и забите му ги раздроби со камења, мачителот нареди да го убијат со меч. А кога го изведоа на губилиште, многумина христијани плачеа по него, но Свети Теодот им велеше: „Не плачете по мене, браќа, туку прославете Го нашиот Господ Исус Христос, Кој ми помогна да го завршам подвигот и да го победам непријателот“. Го рече тоа и ја положи главата на трупецот под меч и му ја отсекоа, во 303 година. Телото на маченикот беше чесно погребано од некој свештеник, на една височинка надвор од градот.

Светите маченици Петар, Дионисиј, Андреј, Павле и Христина

Петар - прекрасно момче, Дионисиј - маж угледен, Андреј и Павле - војници и Христина - шеснаесетгодишна девица, сите Го исповедаа храбро Господ Христос и за Неговото име претрпеа маки и смрт. Некој Никомах, којшто беше мачен заедно со нив, се одрече од Христа насред маките и одеднаш слезе од умот, па како бесен го гризеше своето тело и исфрлаше пена на усните додека не издивна. Ова се случи во 250 година.

Светите маченици Ираклиј, Павлин и Венедим

Беа Атињани. Пострадаа за верата во времето на Декиј. За името Христово беа изгорени во огнена печка.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор:
МПЦ - ОА
Манастир Свети Јован Крстител - Слепче

 

 

 

 Православен календар за 31/05/2018  

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.