ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот
Христов Апостол Ерма
31 мај / 13 јуни
Како огнот што го загрева железото,
така благодатта срцето човеково,
за да го покаже сето она кое е нечисто,
о Ермо велики,
Бог те ослободи од робувањето на овој свет,
за да Ангел ти испрати.
Пастиру Божји, дванаесет заповеди како на круна бисери,
објави на оние кои стојат на молитва,
да бидат светилници по патот на спасението.


 
Извор МПЦ - ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот Христов маченик Ермиј
31 мај / 13 јуни

Кон тебе денес припаѓаме,
Ермије војник на небесниот и бесмртен Цар Христос,
кој во мачеништвото, со благодатта Господова чудеса твореше:
слепи прогледуваа, загубени се спасуваа.
За нас сега застапи се пред Христа Бога,
да се спасат нашите души.

 

Тропар на светиот Христов маченик Философ
31 мај / 13 јуни

Примајќи Го Словото Божјо,
го исплука мудрувањето од овој свет
о, Философе смирен мачениче
и побрза од благодатта закрилен
да ја избелиш облеката на душата.
Радувај се блажен помазаниче
и за нас моли се пред Мудроста
која не одминува.

 

Извор МПЦ - ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 


Тропар на светиот Христов маченик Маг (волшебник)
13/06/2021

31 мај / 13 јуни

 

Верата посведочена од Ермиј светиот

кај тебе свет покајниче ги раскина врските со темнината,

но и животот вечен вратите ги отвори

откако мачеништво од Христа Бога испроси.

Затоа и за нас пред Него моли се, да ни подари покајание.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (13.06.2023)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 

 Од Верскиот календар:

 bogorodica.k.dol.jpg

Светиот апостол Ерма

Еден од Седумдесеттемина. Се спомнува во Посланието на Павле до Римјаните (16, 14). Родум беше Грк, но долго време живееше во Рим. Беше епископ во Филипопол, а животот го заврши маченички. Според откровение од ангел Божји ја состави многупоучната книга „Пастир“. Ерма беше богат човек, но заради гревовите на своите синови западна во крајна сиромаштија. Еднаш на молитва му се јави човек во бела облека со стап во рацете и му рече дека е тој ангелот на покајанието којшто нему му е пратен за да го придружува до крајот на животот. Ангелот му даде дванаесет заповеди: 1) да верува во Бога; 2) да живее во простота и невиност, да не злослови и да му дава милостиња на секого што проси; 3) да ја љуби вистината и да ја одбегнува лагата; 4) да го чува целомудрието во помислите; 5) да се учи на трпение и великодушност; 6) да знае дека покрај секој човек е поставен еден добар и еден зол дух; 7) да се плаши од Бога и да не се плаши од ѓаволот; 8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое зло; 9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера; 10) да се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот; 11) да ги испитува вистинитите и лажните пророштва; 12) да се чува од секоја зла желба.

bogorodica.k.dol.jpg

Светиот маченик Ермиј

Остаре како царски војник и на старост пострада за Христа. Откако злобниот судија залудно го одвраќаше од верата во Христа и залудно го советуваше да им принесе жртви на идолите, нареди и забите му ги исчукаа со камења, а кожата од лицето му ја одраа со нож. Потоа го фрлија во огнена печка, но тој стана, сочуван од благодатта Божја. Потоа го испи најлутиот отров, којшто некој волх му го даде на наредба од судијата, но отровот воопшто не му наштети. Кога го виде тоа волхот толку се изненади, што јавно Го исповеда Христа, за што веднаш беше убиен со меч. Потоа на Ермиј му ги ископаа очите, но тој не жалеше, а му викна на судијата: „Земи си ги овие телесни очи што ја гледаат суетата на светот, јас имам очи на срцето, со коишто јасно ја гледам Светлината на Вистината“. Потоа беше главечки обесен, но тие што го обесија ослепеа и се тетеравеа околу него. Свети Ермиј ги повика кај себе, ги положи рацете на нив и со молитва кон Господ им го врати видот. Кога го виде ова судијата се разјари како лав, па извади нож и му ја отсече главата на Божјиот човек. Христијаните скришно го зедоа телото на Ермиј и чесно го погребаа. Неговите мошти им даваа исцеление на сите болни и неволни.

Светиот маченик Философ

Овој Христов маченик беше родум од околината на Александрија. За време на прогонствата на христијаните Свети Философ не сакаше да се одрече од Господ Христос пред незнабожните кнезови и судии. Заради ова незнабожците го удрија на лути маки. Откако беше мачен со најразлични маки, го положија најпосле во мека постела, му ги врзаа рацете и нозете и му пуштија една развратна жена да го наведе на грев. Кога Свети Философ почувствува дека во него се буди желба од допирот на женските раце, тој со заби си го стегна јазикот, со сета сила го откина и го плукна во лицето на блудницата. Од тоа похотта во него згасна, а блудницата толку се ужасна, што веднаш побегна од него. Потоа беше убиен со меч околу 252 година, на млади години, па се пресели во царството на вечната младост.