ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на Светиот Христов
свештеномаченик Доротеј
епископ Тирски
5 јуни / 18 јуни

Не искушувај го Господа твојот Бог,
преточено во – не суди никого,
тебе пастиру Божји те понесе во пределите светителски,
откриениот живот на Пророците и Апостолите,
Господ преку раката твоја нам ни го предаде, свештеномачениче Доротее, сега до нив приброен пред престолот Христов,
 моли го Него усрдно да побрзаме,
 кон престојната борба закрепени од Неговата благодат.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот
Христов исповедник
Анувиј Египетски
5 јуни / 18 јуни

Името Господово се впи на усните твои
Анувие преподобен оче, и времето го надмина
прославувајќи Го Христа во вечноста,
а Он милост на тебе покажа
поткрепувајќи го подвигот твој ангелски,
и име твое во книгата на животот се исклеса.
Спомни си и за нас оче свети пред Господа
и ангелите кои душа ти избелија.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
новомаченик Христов
Марко
5 јуни / 18 јуни

Радоста на христијаните е неизмерна о, Марко свети,
заради благодатта на покајанието која Господ на тебе ја излеа,
поткрепувајќи те во подвигот маченички,
верата во Него дом небесен ти припреми,
од каде сега за нас моли се свети новомачениче Христов.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов пустиник
Теодор
5 јуни / 18 јуни

Угодниче Божји, милоста Негова
твоите молитви ги пресретна,
и чудеса пројави заради подвигот твој спасоносен.
Ние радувајќи се што таков застапник имаме
пред вечноста, во ликот твој,
чест и поклонение ти вознесуваме Теодоре свети,
надевајќи се на молитвите твои,
и Бога Го прославуваме во вечни векови.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот
Христов испосник
Петар Коришки
5 јуни / 18 јуни

Ревноста твоја те припи кон Архистратигот на
небесните сили, а тој по патот те поведе подвижнички,
до изворот на Божјата благодат, о Петре свет испосниче.
Восходот твој кон Христа, ни земните стихии,
ни демонската напаст не го допреа,
молитвено пред Господа глава приклонувајќи,
 сега за нас застапи се пред престолот на милоста Негова.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот отец
Доротеј Палестински
5 јуни / 18 јуни

Седејќи под Крстот на смирение се научи,
послушанието кон пастирите со солзи те обдари,
болни пригледувајќи Христос кон покајание те приведе,
со благодат обскрбен, вистина и поуки
за вечен живот од нас не скри,
о, Доротее смирен пастиру Божји.
Нека твојата молитва нѐ заштити
при восходот на Небесата.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на блажениот митрополит
Константин Киевски
5 јуни / 18 јуни

Блажен си ти свет епископе Константине,
кој милост пред Господа најде
служејќи верно на вистината,
а Благиот ги пофали делата твои
и се оправда мудроста одозгора,
радувај се сега достојнославен
и за нас моли се пред Царот на Славата.




Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 

Од Верскиот календар на МПЦ (18.06.2023)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светиот свештеномаченик Доротеј, епископ Тирски

Епископ Тирски од времето на Диоклецијан па сѐ до времето на Јулијан Отстапник, кога беше намачен и пострада за Православната Вера. На земјата живееше сто и седум години и откако Му угоди на Бога, во 361 година се пресели во вечниот живот. Беше навистина многу учен маж. Напиша многубројни поучни дела на грчки и на латински. Особено се прочуени неговите грчко-латински „Синтагми“.

Преподобен Теодор Пустиник

Чудотворец. Си го очисти духот со долгогодишен подвиг во Јорданската пустина и од Бога доби дар на чудотворство. Кога патуваше на кораб кон Цариград, му се случи коработ да залута и снема вода за пиење. Бидејќи патниците на коработ од жед беа веќе близу до смртта, Теодор ги крена рацете кон небото, Му се помоли на Бога и со знакот на Крстот ја прекрсти морската вода. Потоа им рече на морнарите да зафатат од морето и да пијат, а кога пиеја водата беше вкусна и питка. Бидејќи сите почнаа да му се поклонуваат, Теодор ги молеше да не му благодарат нему, туку на Бога Којшто им го направи чудото заради Своето неизмерно човекољубие. Мирно се упокои во 583 година.

 

Преподобен Анувиј

Еден од големите мисирски монаси. Многу пострада за вистинската вера. Кога пред смртта го посетија тројца старци пустиници, тој бидејќи проѕорлив, им ги откри тајните на нивните срца. Се упокои во мир во втората половина на 5 век.

 sv.Igor.Cernigovski.jpg

Блажениот Игор, кнез Черниговски и Киевски

Гонет од своите роднини, го напушти светот и се замонаши. Киевјаните, незадоволни од династијата Олгович, посакаа да ја истребат. Јурнаа на манастирот, го фатија невиниот и младиот схимник Игор и го убија. За ова злосторство многу беди ги снајдоа киевјаните. А на гробот на блажениот видоа свеќи коишто се запалија сами од себе, и тоа неколкупати. Над црквата каде што беше погребан се гледаше огнен столб. Ова се случи во 1147 година.