ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот Христов
свештеномаченик Евсевиј
епископ Самосатски
22 јуни / 5 јули

Крин процвета во земјата сиријска,
мирис се разлеа во црквата Христова,
пастир мудар беше испратен при децата,
да се возвеличува Еден Бог во Пресвета Троица.
Евсевије свети со благодат Христова,
тебе Духот Свети те наоружа против ересите и лажните учења,
моли се оче да немаме мноштво патчиња,
туку еден Пат да следиме кон вечноста.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светитe
Христови маченици
Зинон и Зина
22 јуни / 5 јули

Трпението ваше како подвиг безтрасни
го прими Христос нашиот Бог и затоа благодатта
на голем подвиг маченички ве ободри,
о Зиноне и Зино.
Овенчани со венци маченички нетрулежни,
радувајте се сега во Небесното Царство
и за нас молете се да се спасат нашите души.



 

   Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 

Од Верскиот календар на МПЦ (05.07.2024)   

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

 Од житието на светителот

Светиот свештеномаченик Евсевиј, епископ Самосатски    sv.Evsevij.jpg

Многу постигна во изобличувањето на аријанството. Кога се испразни антиохискиот престол, на негово настојување за патријарх беше избран Мелетиј, големо светило на Црквата, којшто после смртта се удостои со голема пофалба од Свети Јован Златоуст. Но сепак аријанците набрзо по востоличувањето го изгонија Мелетиј од Антиохија. Кога умре злиот син на цар Константин, Констанциј, се зацари еден уште полош од него, Јулијан Отстапник. Во времето на Јулијановото гонење на христијаните Свети Евсевиј го слече свештеничкото расо и се облече во војничко руво, па така ги обиколуваше гонетите цркви по Сицилија, Финикија и Палестина, сегде утврдувајќи ја православната вера и поставувајќи свештеници, ѓакони и сиот потребен клир, а некаде дури и епископите ги поставуваше тој. Кога се прочу погибелта на Јулијан, Свети Евсевиј го посоветува Мелетиј да го повика Соборот во Антиохија во 361 година. Присуствуваа дваесет и седум архиереи, уште еднаш се осуди аријанската ерес, а се прогласи православната вера онака како што беше изразена на Првиот Вселенски Собор. Покрај Мелетиј и Евсевиј, на овој Собор особено се забележуваше Свети Пелагиј Лаодикиски, прочуен девственик и подвижник. Овој Собор беше во времето на благочестивиот цар Јовинијан. Но тој цар набрзо умре, а се зацари свирепиот Валент, со којшто повторно кон Православието се наврте прогонство. Свети Мелетиј беше прогонет во Ерменија, Евсевиј во Тракија, а Пелагиј во Арабија. По Валент се зацари Грацијан, кој ѝ даде слобода на Црквата и ги врати од прогонство архиереите на нивните места. Така се вратија: Мелетиј во Антиохија, Евсевиј во Самосат, а Пелагиј во Лаодикија. Во тоа време голем број епархии и парохии беа како вдовици, па Евсевиј ревнуваше да му најде на народот благочестиви пастири. Но кога дојде во градот Долихин со избраниот епископ Марин, за да го востоличи новиот архиереј, а да ја изобличи ариевската ерес којашто во овој град имаше голем замав, еден еретик-фанатик фрли од покрив ќерамида врз чесната глава на Свети Евсевиј и опасно го рани. Од оваа рана големиот Свет ревнител за Православието умре за да живее вечно во рајското блаженство. Пострада во 379 година.