Тропар на светите
Христови апостоли
Јасон, Сосипатар,
маченицата Керкира девица и други
28 април / 11 мај


Велик си Ти Господи во срцата на Твоите апостоли,
Јасон и Сосипатар, кои Тебе Жив имајќи Те,
чудеса твореа, ѕверови скротуваа,
кон спасение седум разбојници приведоа,
а Керкира девица света кон ангелска светост поита
во својата крв крштевајќи се.
Молете се вие о горостаси на верата, за наше спасение,
и по вашите молитви за воскресение во живот вечен.

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов епископ
Кирил Туровски
28 април / 11 мај

Блажен те нарече Црквата тебе Кириле
свет Христов епископе и ние од
благодатта на тоа блаженство и денес црпиме
о послушниче кој послушанието како круна
над неосудувањето го постави.
Радувај се во Христа и за нас моли се
пастиру свети кои на Бога благодариме
за ваквото светило пред нас прославено.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите
Христови маченици
Максим, Дада и Квинтилијан
28 април / 11 мај

Миомирисни цветови на верата,
чии молитви пред Господа и нас денес нѐ закрилуваат,
непоколебливи велможи на благодатта Божја,
радувајте се во Христа и
застапете се за сите кои го чествуваат
вашиот спомен: Максиме, Даде и Квинтилијане.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (11.05.2024)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

  

 Светите апостоли Јасон и Сосипатар
и девицата Керкира

Тие двајцата беа од Седумдесеттемина апостоли, а Керкира му беше ќерка на некој цар од островот Крф. Јасон и Сосипатар ги спомнува Св. апостол Павле (Римјани 16, 21) и ги нарекува свои роднини. Јасон беше родум од Тарс како и самиот Павле, а Сосипатар од Ахаја. Првиот апостолите го поставија за епископ Тарсиски, а вториот за епископ Икониски. Патувајќи и проповедајќи го Евангелието овие двајца апостоли стасаа на островот Крф, каде што успеаја да подигнат црква посветена на споменот на Св. првомаченик Стефан и да придобијат некои незнабожци за Црквата. Царот на овој остров ги фрли во затвор, а внатре беа затворени седуммина разбојници: Сагорниј, Јакисхол, Фаустијан, Јануариј, Марсалиј, Ефрасиј и Мамиј. Апостолите ги приведоа овие седуммина во Христовата вера и ги направија од волци јагниња. Кога слушна за тоа царот нареди да ги убијат со врела смола. Така сите примија маченички венци. А кога ги мачеше апостолите, царската ќерка Керкира ги гледаше од прозорецот маките на Божјите луѓе, па штом дозна зошто ги мачат и самата се огласи за христијанка и им го раздаде својот накит на сиромашните. Царот се разгневи на својата ќерка и ја затвори во посебен затвор, па бидејќи со ништо не успеа да ја одврати од Христа, нареди и во затворот ја запалија. Затворот изгоре, но девицата остана жива. Кога го виде ова чудо, се крсти многуброен народ. Тогаш царот разјарен нареди и ја врзаа ќерка му за едно дрво и ја убија со стрели. Оние што поверуваа во Христа побегнаа од страшниот цар на блискиот остров и се сокрија. Царот тргна на кораб за да ги фати, но коработ потона во морето и нечестивиот цар загина како некогаш фараонот. Новиот цар ја прими Христовата вера, се крсти и го доби името Севастијан. Јасон и Сосипатар слободно го проповедаа Евангелието и ја утврдуваа Црквата Божја на Крф до нивната длабока старост и таму го завршија својот земен живот, па преминаа кај Господ.

Светите маченици Максим, Дада и Квинтилијан

Пострадаа во времето на Диоклецијан. Ги осуди и ги мачеше војводата Тарквиниј. После затвор и измачувања ги убија со меч.

Светиот маченик Тибал

 Словенин од Панонија. Во времето на Диоклецијан беше страшно мачен за верата во Христа и чесно пострада во местото Цибал.