ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

  

Тропар на преподобниот Христов исповедник
Далматскиот игумен 
И с а к и ј
30 мај / 12 јуни

Исповедник на Православието, 
скротувач на ѕверови во луѓето,
преподобен оче наш Исакие, пратеник Божји за сведоштво на вистината, Црквата со твоите молитви ликува.
Моли се Христов воину, храмот Божји храм за молитва да остане,
лажните ереси пред вистината да исчезнат, 
и така ние удомени да се соединуваме со Светињата на Светиите,
за простување на гревовите и живот вечен.


Извор МПЦ - ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светата Макрина
30 мај / 12 јуни

Преподобна мајко наша Макрино,
твоите молитви денес ги просиме,
застапи се за нас пред Господа,
ти која послужи како градина плодоносна,
од која Он ќе изнедри мноштво фиданки,
украси на Неговата Црква Небесна.

 

Извор МПЦ – ОА

Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот Христов маченик Евпал
30 мај / 12 јуни

Долговременото мачеништво те воведе во денот невечерен
каде времето радост постана о, Евпале исповедниче

на верата која спасува.

Станувајќи наследник на вечноста спомни си за нас
кои сѐ уште патуваме, храбар Христов војниче.

Извор МПЦ – ОА

Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (12.06.2023)

 

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2023 лето Господово

 

 

 

 Преподобен Исакиј Исповедник    

Во времето на царот Валент настана големо гонење на Православието од страна на аријанците, коишто и самиот цар ги помагаше. Кога слушна за ова гонење Исакиј, пустиник однекаде на Исток, ја остави пустината и дојде во Цариград за да ги храбри правоверните и да ги изобличува еретиците. Токму во тоа време царот Валент тргна на север со војска против Готите коишто од Дунав се спуштаа кон Тракија. Исакиј излезе пред царот и му рече: „Цару, отвори им ги црквите на правоверните и Бог ќе го благослови твојот пат!“ Но царот го пречу старецот и го продолжи патот. Утредента пак истрча Исакиј пред царот и му ја повтори својата опомена и царот за малку што не го послуша старецот, но го спречи еден советник од аријанците. Третиот ден истрча Исакиј пред царот, го фати неговиот коњ за уздата и го молеше царот да ѝ даде слобода на Црквата Божја и му се закани со казна Божја ако ѝ се спротиви на молбата негова. Разјарен царот нареди и го фрлија старецот во некоја каллива бездна. Четвртиот ден излезе Исакиј пред царот и му претскажа грозна смрт ако не им даде слобода на православните: „Ти велам, царе, ќе ја одведеш војската против варварите, но нема да им одолееш, ќе побегнеш пред нив, но тие ќе те фатат и жив ќе те изгорат.“ Така и се случи. Варварите ја покосија грчката војска како трева, а царот побегна со оној свој советник аријанец и се скри во една кошара. Вараварите стигнаа на тоа место и дознавајќи каде е царот ја опколија онаа кошара и ја запалија, та изгоре царот Валент со својот советник. Потоа се зацари царот Теодосиј Велики, којшто чу за Исакиј и за исполнетото пророштво. Овој цар го повика кај себе старецот и му се поклони. Откако мирот се зацари во Црквата, а аријанците беа протерани, Исакиј сакаше да се врати во својата пустина, но царот го замоли да остане во Цариград. Еден големец, Сатурнин, му изгради обител во којашто старецот до смртта се подвизуваше чинејќи многубројни чуда. Обителта се наполни со монаси и стана голем манастир. Пред својата смрт Исакиј го одреди за игумен Далмат, а по него оваа обител се нарече Далматска. Богоугодниот старец Исакиј се пресели во вечноста во 383 година за да се насладува гледајќи го лицето Божјо.

Преподобна Макрина    

Баба му на Свети Василиј Велики. Беше прекрасна во умот и во благочестието. Ученичка на Св. Григориј Неокесариски чудотворец. За време на гонењата на Диоклецијан го напушти својот дом и со мажот ѝ, Василиј, се криеја по шумите и пустините. Нивниот имот беше конфискуван, но тие не жалеа за тоа. Лишени од сѐ освен од љубовта кон Бога, се населија во една прастара шума, во која поминаа седум години. По Божја Промисла кози се спуштаа од планините и им се подаваа да ги нахранат со млеко, па така го подмируваа гладот. Обајцата се упокоија мирно во 4 век, после многу страдања за верата Христова.