логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 
† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
 
Стојте во слободата,
со која Христос нè ослободи,
и не се подавајте пак под ропски јарем
(Гал. 5, 1)
  
Возљубени празникољупци,

Прославувањето на секој црковен празник претставува спомен на некој настан или честву­вање на библиска или личност од историјата на Црквата, која дала значаен придонес во реализи­рањето на Божјата промисла за човечкиот род и за светот. Но празникот не е само обично сеќавање, туку, пред сè, поттик за постојано потсетување на настанот и личноста, правејќи ги на тој начин живо присутни во секое време. Токму затоа, ниту една значајна историска личност, која зад себе оставила богоугодни дела, не останува закопана во минатото. Таков е и светителот кого денес го чествуваме - светиот пророк Илија.

Свети Илија е истакната старозаветна личност. Со начинот на кој живеел и заминал од овој живот се покажал како богољубец, а бил удостоен и со присуство при Христовото преображение на гората Тавор. Бил праведник со непоколеблива вера и надеж во Бога, посветен на молитвата, за кого свети апостол Јаков говори: „Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод” (Јаков 5, 17 – 18). Поради верата и чистотата на срцето, бил повикан на пророчка служба, којашто ревносно ја извршувал 25 години. Како пророк, бил вистински духовен водач на народот – го предвестувал Христовото доаѓање, го поттикнувал народот да се стреми кон вистината и, кога тоа било неопходно, го укорувал дека скршнува по беспаќа. Таа улога на пророкот Илија не завршила со старо­заветната историја, туку тој и денес е со христијаните како избран новозаветен народ Божји, а така ќе биде до крајот на светот.

Возљубени чеда, потомци на славните илинденци,

Светиот пророк Илија е длабоко врежан во душата и свеста на македонскиот народ. Особено откако пред 110 години, на денешен ден, нашите предци го избраа токму него за предводник и закрилник во борбата за слобода. Востанието на Илинден од 1903 година беше израз на праведната желба и потреба за стекнување слобода, во која нашиот народ ќе може непречено да чекори по патот на вистината. Бог е Оној Кој, според зборовите на апостол Павле, ги опре­делува границите на живеалиштата на народите (сп. Дела 17, 26). Тоа значи дека секој народ има свое место на земјата и никој нема право тоа да му го одземе или негира. Затоа борбата за слобода не само што е оправдана и благословена, туку е и наша света должност, зашто ние имаме одговорност за даровите што ни ги дава Бог. А слободата е еден од тие дарови, кој со ништо не може да биде заменет.

За жал, илинденците не успејаа да ѝ ја донесат слободата на Македонија. Но тие го засадија копнежот по неа и на следната генерација живо ѝ ги пренесоа идеалите и вредностите за кои се бореа. Тие наши родољубиви и слободољубиви прадедовци нè научија и со збор и со дело како треба да ја градиме и чуваме слободата за да имаме благослов од Бога и напредок во животот. Преку Крушевскиот манифест ни оставија вечен аманет дека не е ни можно ни благо­словено својата среќа да се гради врз туѓа несреќа. Илинденците им порачаа и на друго­верните и на оние кои им припаѓаат на други националности дека македонскиот народ не се бори против нив, туку заедно со нив сака да изгради самостојна држава во која сите слободно ќе живеат и ќе придо­несуваат за благосостојбата и напредокот. Она за што светот во последно време на разни начини се бори да биде постигнато, Македонија го порача уште пред 110 години. Сите држави и организации, кои се трудат да ја реализираат идејата за мирен соживот во повеќенационално општество, можат да земат пример од Манифестот на илинденците.

Нашиот народ, под закрилата на свети Илија, продолжил со борбата и стигнал до слобода, па денес имаме своја држава, во слободниот дел од Татко­вината. Но не смееме да забораваме на аманетот што ни го оставија предците, туку мораме непрестајно да се сеќаваме на нив и да го чуваме она за што тие се бореа, а многумина дури ги положија и своите животи. Во таа смисла се и нашите чести потсетувања на неправдата што ни е нанесена со Букурешкиот договор од 1913 година, кога македонскиот народ и земја се поделени меѓу балканските соседи, неправда од која и денес трпиме штетни последици. Но да веруваме дека конечно ќе биде разбрана нанесената неправда, присилните преселби, грабежи и уништувања, кои, за жал, еве не престанаа ни по сто години, за во наше време да продолжат со негирање на името, идентитетот и сè што е македонско.

Возљубени чеда во Господа,

Празнувајќи го денешниот голем црковно--национален празник, се потсетуваме и на одбе­лежувањето на 1700 - годишнината од Миланскиот едикт, со кој светиот цар Константин Велики му дал слобода на христијанството во Римската Империја. Со тоа Црквата станала рамноправен фактор во општеството, со можност непречено да ја извршува својата мисија. Маченичката крв на христи­јаните во текот на тривековниот прогон вродила со плод, според зборовите на црковниот писател Тертулијан: „Крвта на мачениците е семе за раѓање на нови христијани”. Уште од првиот век, особен придонес во богатиот црковен живот имаат дадено и даваат македонските христијани.

Нераскинливо поврзан со овој јубилеј е и споменот на 1150 години од започнувањето на мисијата на светите Кирил и Методиј помеѓу словенските народи. Неизвесно е каква ќе беше иднината на христијанството на македонските простори, па и во централна Европа, доколку не се појавија двајцата рамноапостоли. А светите Климент и Наум го продолжиле нивното мисионерско и про­светителско дело помеѓу македонскиот народ и ги зацврстиле темелите на православието во Македонија, коешто еве го чува, сведочи и проповеда нашата света Македонска православна црква.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Пред сите овие борци за духовна и национална слобода, од пророкот Илија, па сè до илинденците, ние денес стоиме со благодарност, но и со одговорноста за живеење според вредностите што тие ни ги предадоа. Најсилни сме кога сме единствени и тоа не смееме никогаш да го забораваме. Заканите однадвор, за жал, сè уште не престанале, па поради тоа мораме да бидеме будни со цврста духовна и национална свест и обединетост, како во Татковината, така и насекаде во светот каде што нè има.

Но она со што можат да ни наштетат другите, не е ништо во споредба со опасноста во која самите можеме да се доведеме. Постоењето на еден народ, вклучително и на македонскиот, е Божја волја и дар, па затоа треба особено внимание да посветиме на градење духовно здраво и многудетно семејство. Многупати досега сме апелирале и порачувале, а еве и овојпат со загриженост истак­нуваме дека меѓу Македонците морталитетот е повисок од наталитетот! И дали сме свесни кон што тоа нè води? –Не треба да ни е здодевно кога се потсетуваме за исти нешта ако тие за нас се полезни (сп. Фил. 3, 1) –Духовната криза се надминува само со духовни средства! Егоизмот и себељубието се основа за криза во семејствата. Затоа главниот услов за постоење на вистински здраво христијанско семејство е грижата за стекнување на несебична и нелицемерна љубов кон Бога, кон луѓето и кон својот род. Учејќи ги младите генерации на овие вредности, ние ќе дадеме најголем придонес во опстојот и развојот на нашиот македонски народ. Тоа се пораки од нашите предци, а наше е да ги прифатиме, усвоиме и примениме.

Нека им е вечен споменот на сите борци за слобода на Македонија!

Честитајќи ви го Илинден, ви посакуваме мир и благослов од Бога!
  
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† СТЕФАН
со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква

  † ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски
и администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
† ЈОСИФ, Епископ Велички
† ЈОСИФ, Епископ Лешочки

 

На Илинден, 2013.

 

 


Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Беседи

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни односи. Религиозниот човек размислува во рамките на првата категорија, а црковниот човек размислува и дејствува во откровението на втората...

Арх.Партениј Бигорски: За разумноста и безумието

Арх.Партениј Бигорски: За разумноста и безумието

Следствено, грев е човек да биде острастен кон материјалните нешта, кон земните блага, кои се минливи и му се дадени на човека да му послужат за добро, а не тој...

митр. Павел Сисанијски: Сите за еден

митр. Павел Сисанијски: Сите за еден

 Бог Го покажа Своето човекољубие не со евтини слова, но со принесувањето на Својот Син. Христос се појави во светот, со низа конкретни дела на љубовта. Првото дело е наклонетоста...

Митрополит Струмички г. Наум: Познанието на Бог е едноставно својство на просветлениот ум

Митрополит Струмички г. Наум: Познанието на Бог е едноставно својство на просветлениот ум

Посебно по воплотувањето Христово и Неговиот Домострој на нашето спасение, ѓаволот станува како играчка со која малите деца си играат (свети Атанасиј Велики) или како спаринг-партнер за оние што се...

о. Горан Стојчевски: Дар на светот, икона на човекот, учителка на послушанието, педагог на служењето, првиот исихаст, родителка на вечниот живот, божествен цвет на сè создадено

о. Горан Стојчевски: Дар на светот, икона на човекот, учителка на послушанието, педагог на служењето, првиот исихаст, родителка на вечниот живот, божествен цвет на сè создадено

 Таа единствена тихувателка и патоводителка низ исихијата, нè приведува во заедницата од која се откинавме, а еве повторно ни е дадена можност, не само да се вратиме, туку да црпиме...

Арх. Јован Крестјанкин - Да ги оживееме срцата  поради Бог !

Арх. Јован Крестјанкин - Да ги оживееме срцата поради Бог !

Денес, драги мои пријатели, поученоста од животот на старозаветните праведници ме наведува со вас да зборувам за верата. Имено, нивната големина е одредена само со верата, точно живата и дејствителна...

Викарен Епископ Јаков Стобиски:  „Епископот седи на место и во обличје Христово“

Викарен Епископ Јаков Стобиски: „Епископот седи на место и во обличје Христово“

 Епископот не станува Епископ поради некаква своја заслуга, туку исклучиво по благоволение Божјо, во послушание кон Светиот Архиерејски Синод, поради молитвите, и најважно од сѐ, заради потребите на Црквата. Затоа,...

Митрополит Струмички Наум: Самооправдувањето е одрекување од Богочовекот Христос како наш урнек...

Митрополит Струмички Наум: Самооправдувањето е одрекување од Богочовекот Христос како наш урнек...

 Страшна е потребата на човекот да се самооправдува; за мене, дури најпогубната појава од сите гревовни појави во човековиот душевен и ментален свет. Самооправдувањето е главна карактеристика на паднатиот човек,...

БEСEДА за Христа какo глава на ситe свeтии

БEСEДА за Христа какo глава на ситe свeтии

Грeвoт избeзумува, грeвoт oбeзглавува. Чoвeк пoтoнат вo грeвoви и вo пoрoци сличeн e на кoкoшка, чија глава e oтсeчeна, та умирајќи грчeвитo прeта и скoка ваму-таму. Цeлиoт нeзнабoжeчки свeт прeд...

« »