Metodij.PROMO.jpg

  Две нови книги поезија на Митрополит Методиј (Златанов)

На 13-ти декември 2014 година,  во галеријата на МКЦ се одржа  промоција на двете нови книги поезија на Митрополит Методиј Златанов Подземна калиграфија“ и „Двојниците на Исак Добриот“.
Новите поетски остварувања во издание на Издавачкиот центар „Три“ промоторот  Жанета Вангели не беше во можност лично да ги презентира, а стиховите  ги читаше  актерот Ивица Димитриевиќ.

    Metodij.PROMO.jpg

 



  Metodij.kic.jpg

Промоција

Metodij.kic1.jpg

ПОДЗЕМНА КАЛИГРАФИЈА

Митрополит Методиј Златанов



Секоја интерпретација на уметничкото дело е однова креација на делото.
Opera aperta.
Ако е така, тогаш јас не сакам да го интерпретирам делото, не сакам да се видам повторно себе си во него, туку да го истражувам непознатото, конечно можност да се оддалечам од јас.
Отвореното уметничко дело комуницира само со отворениот ум.

Како ќе се сфати уметничкото дело?
Преку анализа или емпатија?
Аналитичката психологија е прецизна и самоуверена во процесот на сецирање, но толку немоќна, пенетрантна и дисторзирачка во чинот на синтетизирање. Емпатијата е свест за Едното. Инверзија на вредностите, но не ничеовска.

Калос графос.
Калос дромос.

На почетокот, во првите времиња Тие делуваа во подземни катакомби. Сега истите Тие, во последните времиња дејствуваат пак во подземјето на светот, таму каде нема порфир и свила, пурпур и скерлет, далеку од мерзоста на запустението, „далеку од злоимената корозија“ .
Во подземјето владее хаос, темнина, непрегледност... Навидум.

Дури и физичарот агностик знае, дека поимот хаос не е ништо повеќе од човечка категорија, произволна именка за нешто, што не му е достапно на човековото спознание, а со која сака да детерминира и контролира ентитет,
што не може ниту да го замисли.

Место, каде „мислам – значи – не постојам“.
Место на привиден мир и спокој. А, всушност, место на најголеми подвизи – „носители и носачи на промени“.

Визуелна поезија или поетична слика? Зарем дефиницијата е од некоја релевантност, кога неименливото го пронаоѓа својот облик, надвор од дуализмот на формата и содржината, на волјата и умот. Кога содржината прави отисок во формата – како да се раздвојат тие две нешта? Вистинската уметност е секогаш над-умна. Таа на интелектот му го покажува правото место, без двоумење. 

Наместо пост-авангарда
се соочуваме со мета-авангарда.

Конструктивистичките и супрематистички визии, модифицираниот постмодерен квадрат на Маљевич, кубофутуризмот, текстуалната слика, уметноста како јазик / аналитичкиот концептуализам, интерпункциската композиција, дематеријализацијата на уметничкиот предмет, симболот – лингвистички и визуелен, колективен и индивидуален, концептуалниот херметизам  - сите тие иницијални асоцијативни визии, деривати на современиот дискурс, реципиентот ад хок ги транзитира наспроти потресното сведоштво на уметникот-поет од последните времиња.
Кој созерцува.
Оној кој не се откажува од убавото, добро и вистинито пишување, наспроти сè. Оној кој секој ден го дише дадаистичкиот апсурд на надумното и безумното. Оној, кој решил одлучно да го „отсече она, што нема премин“.

На секој метафизички концепт иманентна му е деконструкцијата. На уметностите денес, не ретко - активизмот. Таканаречена ,ангажирана уметност’. Според нејзините сопствени хипер-модернистички постулати -  таа, всушност, би требало да ја препознае „ставрологијата“ како најрадикалниот социјален пресврт. Но тоа не се случува. А самата модерна веќе одамна е сместена во архивата како традиција и неповратен анахронизам.
Царува митот за прогресот.
И агонијата на „договорените вистини“.

Ако анархијата значи на другиот да му го правиме она, што сакаме нам да ни го прават, тогаш „пра-анархијата“ е пра-патот.
Во постмодерната поимот на моралот е отстранет. Псевдо пост-авангардизам.
Наместо Gesamtkunstwerk – Gesamtdatenwerk.
Констатација.
Не критика.
Во времиња, кога фашизмот е љубезен и политички коректен, кога инквизицијата е демократска, кога империјализмот е десигниран како интегрализам, кога мундијализмот дисеминира „црн полен“, тогаш Логосот „лечи со збор горчлив и оган“.
Колку повеќе закони, толку повеќе престапи. Колку повеќе забрани и казни, толку повеќе морална сатисфакција кај нарачателот. „Морални скривници“.
„Сигнални бариери“ на ѕверот.
Ѕверот не како битие, туку како систем.

Поетот создава. Создава нови лингвистички позиции.
Неологизми.
„Злобичај“.
Злото станало обичај, станало обично, очекувано.
Обичајот создава зло. Понекогаш.
Оној обичај, кој не се преиспитува. Кој се оддалечил од својата првобитна суштина, кој заборавил на својот иницијален импулс. Оној обичај, кој е деградиран во ентертеинмент. Забавна индустрија. Индустрија за обликување и осмислување на ,слободното’ време – Freizeitgestaltung, Freizeitindustrie, Freizeitgesellschaft, Freizeitgeist – „поклоници на белата врева“.
„Новоговор.“
Од фриволен фолклор до неумесна, неповнатрешнета цитатоманија. Референцата како супститут за вредност и инвенција.
„Oспорување. пресликано. во. пулс.“
Исцелители, кои ја изгубиле моќта на исцелување.
Традиција на традицијата на традицијата,
која одамна прекинала да суштествува со битието.
„Злобичајот“ како крајно отсуство на вера, знаење и срам.
„Поднебесни“ присуства.

За поетот смртта не постои, зошто тој точно знае, дека Бог не е творец на смртта.

Поетот од последните времиња ги трансцендира „виртуелните платформи“. „Апокрифната комуникација“ е неговиот насушен леб. „Неслеано и неразделно“ - со вечноста. Тој го чини видливо невидливото, поезијата како кодифицирано изобилство. Изобилство од увиди, внатрешни и надворешни борби, природни и натприродни, видливи и невидливи. Изобилство од емпатија, емпирија, епифанија.
Секое „оправдување“ за него е промашување.
Симболот, знакот и кодот го оддалечуваат од секаква патетика и сентимент на дескриптивното.
Егзотеричните елементи се рекомпонирани до непрепознатливост,
огледални орнаменти од Бабилон, чија референтна точка се тие самите.
Езотеричните инскрипции мезмерираат.
Сетилноста и афектот поетотот ги заменува со изблици на освоени вистини во бденијата „без сон“.
Елементи „без опис“ - како суптитут за нарација.
Нарацијата е во окото на набљудувачот.
Знаењето е во окото на набљудувачот.
И незнаењето, исто така.
Уметноста - како епистемолошка метафора.
Недопрен од овој свет го добива одговорот на сите прашања.

Во моменти на „просба“ тој се менува себе си, или/и бива менуван?
Конечноста на оваа димензија не го спречува да ја искуси небесната „радост“ при небесното творење тука и сега.
„Сомилост.“ „Доброволни ропства“.
„Сум“.

Мудрецот го преиспитува секое „темно место“ пред конечното слевање во бесконечното. Немилосрден кон „недоносените амбиции.“
Бесчувствителен кон „рогот на фантомските изобилства“.
За мудрецот „изборот е еден“ и „векот безлетен“.
Врвната наука на „поинакви распетија“.
„Ставрологија“.
„Инертните сечила на исчекувањето и споменот“ тој ги презира.
Без прескрипции. Интроспективно.

Едно време, две времиња и половина време. „42“ месеца?
Еден постструктуралист минатиот век забележа:  „Секогаш веќе апокалипса“.
Иманентни последни времиња.
Мудриот копнее по осмиот ден. По вечниот град, каде нема храм, зошто Седржителот и Агнецот се неговиот храм.

Прима материја, која поетот ја претвора во ултима материја.
Реагенсот за тоа е крвта.
,Дај крв, земи дух.’


Жанета Вангели

 Metodij.kic.jpg

  Metodij.kic.jpg

  Metodij.kic.jpg

  Metodij.kic.jpg

 Metodij.kic.jpg

  Metodij.kic.jpg

  Metodij.kic.jpg

Друго:

 Promocija.Kaskadi.jpg