svklimentlet2018 1


 svklimentlet2018 2

Торжествувањето на великиот проповедник, наследникот на апостолите, кој го упати нашиот народ во Божјата вистина и го направи избран народ, светиот Климент Охридскиот Чудотворец, како и на светиот великомаченик и целител Пантелејмон и на светите Седмочисленици, започна на 08 август, со Празнична вечерна богослужба, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Кирил Јованоски, Горан Ставрески, Александар Димоски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Во подоцнежните часови, пред моштите на Охридскиот светител, беше отслужен и Акатист на свети Климент Охридски.

Утредента, на 09 август, продолжија чествувањата во Светиклиментовиот манастир, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Кирил Јованоски, Горан Ставрески, Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Петар се обрати кон верниците со пригодно слово. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј, изговорена на Вечерната богослужба.
svklimentlet2018 6
 

Митрополит Тимотеј
svklimentlet2018 10
 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Поминаа многу векови откако лукавиот демон, преку нашата прамајка Ева, го наведе Адама, нашиот праотец, на прекршување на Божјата заповед, а преку тоа и севкупниот човечки род падна во грев и ја изгуби првоначалната убавина. Светите апостоли зборуваат дека од тој грев не страда само природата, туку и сè воопшто создадено. Затоа, сето создание повикува кон Господа, бидејќи во човекот не нашле свој благодетел, не нашле во него сериозен домаќин, како што било предвековното провидение на домостројот на нашиот Творец. Не е случајно тоа што Бог го создал човекот во шестиот ден. Бог, со тоа, сакал да укаже дека ние луѓето не сме создадени да му служиме на светот и на сè што е во него, туку, обратно, сето создание да му служи на човекот, а човекот да се грижи за Божјото создание.

Кај древните Грци имало обичај, кога мажите ќе станеле полнолетни, требало да обезбедат дом и сè што им е потребно, па тогаш да се оженат, односно својот дом сами да го гледаат. Така и Господ, според зборовите на св. Јован Златоуст, го води човечкиот род преку целиот негов живот, подготвувајќи го да му обезбеди дом за вечноста, односно, да му даде сè што е неопходно за неговото спасение. Со тој акт на милосрдие и размислување на Творецот, треба да разбереме дека ние сме Неговото најсакано творение. Творение, кое е повикано да ја споделува радоста со својот Небесен Создател.

Кога Господ Исус Христос дојде на земјата да го спаси човечкиот род од гревот и од вечната погибел, најпрво се трудеше да ги обрати Евреите, како избран народ. Но, Господ Христос, не доаѓа само за нив, туку, за севкупниот човечки род. Сите старозаветни пророштва ни наговестуваат дека во Него не е ветувањето за едно племе, туку, за сите племиња на земјата (Пс 71, 11 и Лк 2, 32). Самиот Господ Исус Христос вели: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир" (Јн 10, 16).

Не е спорно дека Господ Исус Христос доаѓа да пострада за сите луѓе. Доаѓа за Јудеите, но и за незнабошците. И покрај тоа што не им проповедал на сите, оставил тоа да го направат неговите следбеници – апостолите. Им оставил на апостолите да го пренесат Евангелието по целиот свет, помеѓу сите народи.

Од светото Евангелие знаеме за молбата на жената Хананејка која барала помош од Господа Христа. Христос, најпрво, не ѝ дава одговор. Жената Хананејка била упорна во своето молење. Таа признала дека не е од Избраниот народ и дека нема право на тоа што го бара, но, дека верува во Неговото милосрдие. Тогаш, Христос ќе ѝ каже: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја! И во тој час оздраве ќерката нејзина" (Мт 15, 28).

Да се запрашаме, за што ни зборува Христос во ова евангелско четиво? Ни зборува каква треба да биде нашата вера. Што е особено во молитвата на оваа жена која се пројавува кон Господа Христа? Најпрво, тука се изразува силната и непоколеблива вера во Божјата семожност, а тоа го посведочува и Самиот Христос. Понатаму, трпеливоста и настојчивоста во својата молитва. Таа не се збунила бидејќи Христос не обрнувал внимание на нејзините молби. Со своето смирение гледаме дека таа не се ожалостила на зборовите полни со прекор, кога Господ Христос ја споредува со куче, но, таа, знаела дека судот на Спасителот не е понижувачки, но праведен. Знае дека не е од Избраниот народ и дека нема право да го бара тоа од Господа, туку, се надева на милоста Божја.

Да се обидеме и ние да ги имаме овие особености. Да се молиме со вера и со трпение. Самиот Господ ни ветува: „Повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш" (Пс 49, 15). Според ова, Господ ја прима молитвата и на грешната душа. Но, потребна е вера, а Бог на секого ќе му прости, секоја болест ќе ја излекува. Потребно е покајание кое, во душата, воведува благодат на простување, а за тоа потребна ни е и љубов. За таквата молитва на смиреност, кажано е дека ги надминува и облаците.

Денеска го прославуваме св. Климент, Охридскиот Чудотворец. Да не заборавиме дека и тој минал низ разни искушенија, маки и страдања, но неговата молитва кон Бога секогаш била искрена, постојана, смирена и непоколеблива. Бог бил со него преку Неговата благодат, па затоа можел толку да постигне, тука на земјата а и сега на небото. Св. Климент ги прима сите наши молби и прозби, кои со вера и со молитва му ги упатуваме. Нека ги услиши нашите прозби и молби. Нека биде наш застапник и молитвеник пред лицето Божјо. Да ни ја зацврсти верата и надежта, па со цврста и непоколеблива вера, преку смирение и покајание да се обраќаме кон Господа Исуса Христа и кон Неговата света мајка. Тие да бидат секогаш со нас, да нѐ чуваат и да нѐ крепат, сега и во сета вечност. Амин!
svklimentlet2018 11
 

svklimentlet2018 16

svklimentlet2018 19



Св. Климент Охридски - вечерна

08. 08. 2018 год.

Манастир „Свети Климент и Пантелејмон" – Плаошник