Еве, веќе, трета година по ред како нашето братство од Бигорскиот манастир и сестринствата на манастирите од Рајчица и Пречиста, предводени од возљубениот игумен и старец, Архимандрит Партениј, со посебна љубов и посветеност отслужија Божествена Литургија на врвот Крчин, што се наоѓа на надморска височина од 2341 м. Управувајќи ги сите наши сили кон искачувањето на овие небесни висини, заедно со сите присутни споделивме навистина ретко и благословено искуство да присуствуваме на необичната богослужба, која според неодамна востановената традиција, на самиот врв ја служат јеромонаси и јероѓакони од нашето манастирско братство.
Во присуство на повеќе од 350 верници – планинари, алпинисти, спортисти и вљубеници во православната богослужба и во природните убавини, имавме една прекрасна можност, заедно со сите нив да Му ги произнесеме на нашиот Господ своите молби и топлото душевно расположение. Оти, навистина голем е подвигот човек да се искачи на овој чудесен по својата убавина врв и таму, во близина на остатоците од некогашниот храм посветен на Преображението Христово, да Му служи Нему во таинствено и длабоко созерцание, на богослужба која како да се одвива на небесата. Огромна, пак, беше радоста заради големиот број на причесници со Телото и Крвта Христови, за кои веруваме дека овој духовно-телесен подвиг ќе им донесе голема радост и спокој во срцата, но ќе биде и за благослов на нивните ближни.
Видна беше пожртвуваноста со која се истакнаа членовите на „Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид“, кои со посебна љубов и ефикасност се погрижија за безбедноста на сите присутни. Не помалку важно беше и присуството на лиценцираните водичи од „Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина“ (МАИВП) и од „Федерацијата на планинарски спортови на Македонија“ (ФПСМ), чиишто помош, поткрепа и професионалност, беа навистина од особено значење за добрата организација на оваа необично убава рута. Нѐ задолжија со својата искрена благодушност да им благодариме неизмерно. Господ, пак, нека ги радува и со љубов да ги исполнува нивните срца и нека го умножи плодот од нивните трудови.