Осма недела по Педесетница

Денешното   евангелско   четиво   ни дава спасоносна наука за безграничната милост Божја и Неговото човекољубие.

Господ Исус Христос бил во Галилеја. Веста за Неговото доаѓање набргу се проширила на сите страни. Неговата слава се ширела како благоуханен мирис по градовите и селата, бидејќи станува збор за небесен учител. Тој на слушателите им го открива прекрасното учење за Бога и Неговата правда, за човекот и неговиот свет долг. Ја открива славата на Заштитникот и Покровителот на измачените и обесправените; славата на Божествениот лекар, Којшто носи бодрост и освежување на душата; Којшто ги очистува и измива срцата од гревот и од секаква нечистотија; донесува лек и со Својата безгранична милост и неизмерна љубов ги лекува болните и раслабените тела. Народот Го сакал и Го барал. Доаѓале од сите страни на светот. Оделе по Него насекаде, па и покрај морските брегови, густите шуми и пустите места, за да го видат, чујат и да се насладуваат на Неговите божествени и слатки зборови.


За да можеме ова подобро да го разбереме потребно е да се вдлабиме во содржината на денес прочитаното евангелско четиво. Тоа ни кажува дека Господ Исус Христос кога дознал за маченичката смрт на Јован Крстител, со кораб преку Галилејското Море заедно со Своите ученици заминал во едно пусто место за да може таму да остане сам. Каде и да одел, народот Го следел насекаде, бидејќи бил гладен и жеден за духовна храна. Духовниот лекар Исус Христос ги лекувал болните коишто луѓето Му ги донеле. Народот не си одел и Го слушал Него по цел ден.


Пред зајдисонце Неговите ученици Му пришле на Својот Учител и му рекле: "Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна" (Мат. 14, 15). Спасителот намерно чекал да види што ќе сторат учениците. Откако ги слушнал зборовите на учениците им одговорил: "Нема потреба да одат; дајте им вие да ]адат!"(Мат.14,16). Учениците Му појаснувале дека немаат доволно ни за нив самите, а камоли за толку луѓе. Тие имале пет леба и две риби. Тогаш Христос наредил да Му ги донесат петте леба и двете риби. Ги подигнал очите кон небото, ги благословил и ги дал на учениците да им ги поделат на луѓето. Сите јаделе и се нахраниле, а имало околу пет илјади души, освен жените и децата. По оваа чудесна гозба учениците собрале дванаесет кошници леб што им останал.
Браќа и сестри!


Ова е вистинско и веродостојно чудо, какво што не може да направи никаква човечка сила, ниту пак науката. Проучувајќи ги природните закони, луѓето можат да прават само откритија, но не и чуда. Вистинското чудо всушност е менување на природниот закон. Тоа може да го стори само Творецот на природата -Господ Бог.
Со направеното чудо Христос ја покажал Својата божествена моќ и луѓето виделе дека Он е вистината, патот и животот. Он сакал луѓето да го примат законот на верата, љубовта, правдата и почитувањето, односно да ги упати по патот на спасението.
Претпоставувам дека многумина ќе се запрашаат или веќе се запрашале зошто се земени токму лебот и рибата? Ќе се обидам да појаснам!
Лебот што доаѓа од небото заради нас и нашето спасение е Господ Исус Христос. Во светата тајна причест Он е реално со нас, постојано, дури до свршетокот на светот.
Рибата, пак, како основна храна за човештвото, покрај лебот, симболички го претставува Спасителот наш Господ Исус Христос. На грчки јазик риба се вика ИХТИС. Тоа пак е збир на иницијалите од името на Спасителот. И - значи Исус; X - Христос; Т - Теос, што значи Бог - Божји; И - значи - Син; С - Сотир -Спасител. Ете, тоа е символиката на рибата. Двете риби се двете природи на Господа Исуса Христа: божјата и човечката.
Црквата определила лебот и рибата да се употребуваат и во време на постот.
Благочестиви христијани!


Чудата во Црквата и натаму се случуваат. За оние луѓе кои длабоко веруваат, тие се очевидни. Тие јасно гледаат како при крштевањето се мие прародителскиот грев, како при причестувањето се врши соединување со Христа и како при елеосвештението се лекуваат телесните и душевните болести.
Тоа не можат да го видат луѓето што се без вера или со слаба вера.


Кога Господ Исус Христос го правел ова чудо со пет леба и две риби, како да сакал уште да ни каже: "Вие луѓето Ме барате затоа што правам чуда, а не затоа што славата на Живиот Бог јасно свети пред очите на сите. Славата за која јасно и недвосмислено зборуваат брилјантните небески ѕвезди. Славата за која ни потврдуваат морињата, океаните, планините, полињата, и се што живее во нив и на нив. Вие луѓето Ме барате затоа што јадевте леб кој земјата ви го дава преку Моите раце, односно ви го даваат Моите раце преку земјата и се нахранивте. Ме барате само за телесните наслади. Заборавате дека и душата има иста потреба, која стои повисоко од телото. Трудете се за телесната храна, но мислете и работете за негниежливата божествена храна, која што ве изведува надвор од прангите на гниежливото и смртното. Ако лебот што излегува од земјата се нарекува човечки леб, тогаш лебот што излегува од небото е Божјиот леб, што луѓето го добиваат при осветувањето на даровите со искрена, чиста и света молитва. Ако човечкиот леб ни дава живот до гробот, Божјиот леб ни дава живот и зад гробот. Ни дава вистински живот светлина, радост, љубов и мир.


Илјадниците луѓе не дошле кај Христа во пустињата заради лебот, туку заради духовната храна. Тие најнапред се стремеле кон царството Божјо и Неговата правда, па затоа телесната храна дошла сама по себе. Дошла по силата на духовната неминовност, која гласи: Оној што искрено и постојано го бара духовното, неизоставно го добива и телесното. Таква е логиката на духовните работи. Господ Исус Христос заслужено наградува илјадници луѓе што дошле да го слушнат зборот на животот, нахранувајќи се и телесно и тоа на чудесен начин.


Браќа и сестри, ова што некогаш се случило во пустињата, во различен степен и форма, често се повторува таму каде што верата во Бога и жедта за Неговата наука се ставаат во темелот на животот. Таму каде што е Божјиот благослов, сиромаштијата се претвора во изобилие. Таму, пак, каде што е Бог отсутен, дури и во изобилието на земните богатства, ситоста и задоволството не припаѓаат на сите. Духовната глад и денес е присутна кај многумина. Изворите на таа мудрост потсетуваат на оние рекички и бунари во кои има вода само кога паѓа дожд и кога се топи снегот. Меѓутоа, штом ќе настапат денови на суша, тие пресушуваат. Од нив повеќе не тече водата на вечниот живот. Само Христос ни дава таква вода. Само Он има збор на вечен живот.


Господ Бог ни ја оставил Својата наука во Светото евангелие како непресушен духовен резервоар за оние што се духовно жедни. Тој ни ја дал и тајната на светата Причест за оние што се духовно гладни. На светата Литургија се продолжува и повторува чудото и тоа многу поголемо од она што Господ го направил во пустињата, бидејќи тука ни нуди не леб и риби, но Самиот Себе. Таму нахранил пет илјади души, а овде секојдневно заситува илјадници и илјадници. Затоа денес немаме потреба од долги патувања во пустињата, таму да Го бараме Господа Христа за да ја заситиме нашата духовна и физичка глад. Доволно е да дојдеме во храмот и да се соединиме со светата Тајна или да го чуеме словото Божјо, од кое неисцрпно течат струи на вечниот живот. Затоа сите оние што се жедни за Божјото слово нека дојдат на спасителните води и нека нацрпат за да ја згаснат жедта. Треба да знаеме дека оние кои го бараат Господа Бога, согласно Неговото ветување нема да бидат лишени од никакво добро.
И при оваа прилика од овој Божји дом да Му упатиме искрена молитва и да Го замолиме: "Вразуми не, Спасителе наш и Господи, и ние целиот свој живот да се храниме со Тебе како со најслатка храна и најчисто пиење, славејќи Те и фалејќи Те заедно со Отецот и Духот Свети, сега, секогаш и во вечни векови."
АМИН!