Мудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови – вели премудриот старозаветен Проповедник (Изрек. 9,1). И навистина, Премудроста Божја, Словото на Отецот, ја подигна Својата палата на љубовта и светоста среде славјанските народи, положувајќи ги како негови непоклатни столбови седумтемина богоизбрани садови на духот, рамноапостолните отци наши: Кирил и Методиј, Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Велики имиња на величието на Божјата красота. Овој свештен седмочислен собор ќе стане причина за просветувањето и спасението на илјадници илјади души, на цели народи, по чии земји газеле нивните благословени нозе и се огласувале нивните богоглаголиви усти. Оти, кое сенародно благо што го имаме денес не ни е дадено преку рацете и усните на овие благородни служители на Единиот Бог во Троица? Азбуката ли, која по Божјо откровение и содејствие била измислена од Философот? Јазикот ли, што тие преку бесмртното им дело го овековечиле засекогаш? Свештените книги, кои тие ни ги превеле и на мајчин јазик ни ги предале? Или училиштата, кои по нивните заложби и трудови биле отворени? И народната писменост и книжевност, на која тие ѝ ја положиле основата и почетокот? А што би можеле да кажеме за тоа што тие, Учителите и Отците наши, ни Го вселија во срцата Христа, во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето (Колос. 2,3)?

Сеќавајќи се со благодарен спомен за нивните бесценети благотворства кон нас, нашата Свештена Обител, со својот Старец, Архимандрит Партениј, и оваа година умилително го прослави нивниот соборен празник, како и споменот на Светиот Великомаченик Пантелејмон, омилениот Светија на нашиот духовен родоначалник, Свети Климент Охридски. И колку е милостив Бог кон нас, што нѐ удостои во нашиот Манастир да имаме од светите и исцелителни мошти и на Свети Пантелејмон и на Свети Климент! А радоста и честа на овој ден за нас се уште поголеми, бидејќи токму на овој празник, пред 24 години, нашиот Старец и татко во Христа, го прими свештеничкиот чин, во храмот на Пресвета Богородица – Перивлепта во Охрид, преку рацете на нашиот почитуван владика, Митрополитот г. Тимотеј. Нека денешните светии го укрепуваат во неговата свештеничка служба и нека му помагаат во носењето на тешкиот товар од игуменскиот крст!

 

 

 

 

 

 

 

https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/spomen-na-svetite-sedmochislenici/