Sample Image

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Толкување на Божествената Литургија“, дело на Митрополитот Козански г. Дионисиј. Оваа книга е одлично помагало за да навлеземе и да ја проучиме смислата на Светата Литургија, да навлеземе во неа подлабоко и лично да ја доживееме. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на свештеник Јани Мулев.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Предговор на книгата

Книгата која ја имате пред себе е дело на Митрополитот Козански г. Дионисиј, кој ја составил од неговите предавања пред верниот народ. Книгата е напишана едноставно, разбирливо за секого, а сепак со своја длабочина. Авторот постепено нѐ воведува во  неисцрпното богатство на Светата Литургија, без намера и можност докрај да го исцрпи. Неговото толкување е базирано врз светоотечките толкувања, но не е нивно повторување, туку продолжување на нивниот труд.

Митрополитот Дионисиј е голем богослов на Светата Црква, и неговите духовни чеда и ученици се активни членови на Црквата како свештенослужители и професори по Теологија, кои го продолжуваат неговото свештено дело. Во книгата ќе забележиме со каква искреност пишува тој за Литургијата, со каква храброст ги изложува слабостите на Црквата, но не за да ги критикува, туку за да ги поттикне сите на размислување и подобрување на состојбата во Црквата.

Свети Григориј Богослов вели: „Сѐ што не е соединето со Бога, не е спасено“, и токму тоа го истакнува авторот постојано, дека надвор од Литургијата нема вера, нема христијанство, нема ни спасение. Кој не учествува во Литургијата, тој не е ни христијанин. Па оттука, главна тема на секој совесен свештенослужител треба да биде токму тој повик за доаѓање и учество во Светата Литургија. Во Литургијата е присутен Самиот Бог, и единствено преку неа и преку нашиот духовен живот добиваме благодат од Бога, преку неа се осветуваме, преку неа се исцелуваме, т.е. се спасуваме.

Светата Литургија е продолжување на Тајната Вечера. Истата благодат, истата Причест како и тогаш, ја добиваме и сега на секоја Света Литургија. Со таква вера и почит должни сме да ја гледаме Божествената Литургија. Но, не смееме да ја претвориме во театарска претстава, со убаво пеење, со театрално движење на свештенослужителите, а ние да се претвориме во гледачи на таа претстава, туку како христијани повикани сме да учествуваме живо во Литуријата. А како ќе учествуваме во неа, доколку не знаеме што се случува во неа и зошто е се тоа?

Книгата која ја имаме пред нас е одлично помагало за да навлеземе и да ја проучиме смислата на Светата Литургија, но да не застанеме само на тоа, туку должни сме да навлеземе во неа подлабоко и лично да ја доживееме.

Во Литургијата се причестуваме и влегуваме во заедница со Бога и со своите ближни, и мојата молитва кон Бога е токму тоа, сиот македонски народ да ѝ се врати на Црквата, на Литургијата, но не преку оградата, туку со искреност и покајание, та да станеме сите народ Божји, народ свет и христијански, „еден народ и еден Пастир“ (Јован 10, 16). Амин.

 Митрополит Повардарски

+Агатангел

Извор:

http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=2429&Itemid=32