Воскресение Христово во Водоча (05.05.2024 14:47)

            На празникот на Христовото Воскресение, Митрополитот Струмички Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот на манастирот „Покров на Пресвета Богородица и св. Леонтиј“, Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката рече:

„Во беспочетниот почеток на сѐ беше Ипостасот на Словото и Словото беше во Бог и Отец – од Кого предвечно се раѓа, и Словото беше Бог – Син Божји, едносуштен и еднославен со Отецот. Тој и во почетокот без почеток, и при создавањето на светот и на човекот – според икона и подобие Божјо, и при Домостројот на спасението, и во Есхатонот беше во Бог – со непроменлив начин на постоење.

Сè создадено стана од Бог Отецот, преку Него, во Светиот Дух – со Нивната божествена енергија; и без Него ништо не стана од сѐ што – ни од што претходно постоечко стана, во времето.

Во Него имаше суштинска енергија на Живот и Животот им беше единствена вистинска и незалезна светлина на луѓето во овој свет. И Светлината во темнината на гревот и очајот свети, и мракот на отпадништвото и смртта не ја опфати.

Имаше еден човек по име Јован, пратен од Бог – немаше од него поголем, меѓу родените од жена природно; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше Светлина, туку да сведочи за Светлината.

Собеспочетниот, со Отецот, Син Божји е вистинска Ипостасна Светлина, Која го осветлува со Својата несоздадена светлина секој човек што доаѓа во светот – и го преобразува.

Во светот беше, како воплотен Син Божји, и светот преку Него стана – преку Неговите логоси на битијата, а и својата смисла ја доби, но светот – паднат во грев и смрт, не Го позна. Дојде при Своите по тело – како Син Човечки, и Своите не Го примија – Го отфрлија и на Крст Го распнаа.

А на сите што Го примија Богочовекот Исус Христос, на сите кои се крстија во името на Светата Едносушна и Неразделна Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух, и на сите што со дела веруваат во Неговото име им даде можност во Црквата – Телото Негово, да станат синови Божји: кои не од крв, ни од похот машка, а од Бог се родија – преку благодатта на Светиот Дух Господ.

И Словото стана тело од Дева Марија Богородица и Светиот Дух – Кој непроменливо од Отецот исходи, и се всели во нашата природа, полно со несоздадена благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава во Воскресението од мртвите, слава како на Единороден Син од Отецот. Јован Крстител сведочеше за Него и велеше, зборувајќи: „Овој е за Кого реков: ’Оној Кој иде по мене ме испревари, оти постоеше порано од мене!‘“ – бидејќи Бог.

И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат во благодарствената Литургија на Црквата – собрани околу својот Епископ; причестувајќи се соборно со Неговите Тело и Крв, и меѓу себе. И станавме нова твар...

Зашто, Законот беше даден за паднатиот човек – преку Мојсеј, а благодатта и вистината на Царството Небесно произлегоа од Богочовекот Исус Христос – нашиот Господ, за оние што во Него умреа и воскреснаа – и Он повторно во нив.

Христос Воскресе!“

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7959