3.angeli.so.trubaЗашто најнапред ви предадов тoа што примив, дека Христос умре за гревовите наши, според Писмото, и дека беше погребен, и на третиот ден воскресна. И дека му се јави на Кифа, потоа на единаесетмината апостоли; А потоа Го видоа повеќе од петстотина браќа, од кои многумина се живи и денес, а некои и умреа; Потоа се јави на Јакова, па тогаш на сите апостоли; А после сите, ми се јави и мене, како на некое недоносенче...
Ако Христос не воскресна, залудна е верата ваша; ... И ако само во овој живот се надеваме во Христа, тогаш ние сме најнесреќни од сите луѓе“ (1 Кор. 15, 3-19)


Овој текст го пишувам како задоцнета честитка и поклон пред делото на Премин, кој со години се труди да ни ја покаже Другата страна на нештата.
Деновиве кога ги читам реакциите на многумина христијани по повод актуелната ситуација со Корона вирусот, по повод гео-политичките предизвици и проблеми на црквата, државата, па сите теории на светски заговор, навистина се создава впечаток како христијаните се најнесреќни луѓе на светот. А ако е тоа така, нели малку сме ја промаршиле пораката на Евангелието?


Да се вратиме на времињата на првите христијани, на времето кога Апостолот ги пишувал овие посланија. Христијаните не се запрашувале дали постојат светски заговори, дали некој сака да ги убие, каков развратен живот живеат незнабошците итн. Тие знаеле дека светот сака да ги убие. И која била нивната реакција? Зарем викале од покривите, покажувајќи на сите со прст, барајќи права за себеси, осудувајќи ги сите и правејќи се најголемите маченици и праведници (иако биле)? Не. Напротив, се што правеле и што Христос им заповедал да прават е да го проповедаат Евангелието. Кога нам ни станала должност да ја спасуваме Црквата, државата, „светот“ од „злонамерниците“, не знам. Не велам дека како граѓани не треба да ги исполнуваме своите одговорности и да постапуваме како што ни налага совеста. Но, во нашите постапки, ако не се гледаат љубовта и мирот кои сме ги примиле од Бога, залудна е верата наша.


И самиот сум бил разочаран од многу работи. Од сопствените гревови, од гревовите и суетата на луѓето околу мене, во клирот, државата, општеството... И не значи дека тоа го нема. Но, другите не се должни да бидат свети за нас, ниту пак Христос нас ќе нè праша зошто другите околу нас грешеле. Секој што греши (тоа сме го почувствувале на своја кожа), страда од тој внатрешен оган на љубовта Божја, кој не дава мир и спокој, додека човек не го исправи својот пат пред Живиот Господ.
Зборовите на владиката Наум: да се восогласи својот живот со степенот на кој се наоѓаме, ги разбирав, го разбирав контекстот, но отсекогаш ми биле камен на сопнување, кога сум размислувал на црковната политика и човечкиот фактор. Но, нивната аскетска димензија е многу чиста и едноставна – поистоветувањето на себеси со степенот на кој се наоѓаме, всушност претставува средба, измирување со себеси. Отфрлање на секоја лажна претстава, „повиканост“, себеоправдание, себеправедност, и личен подвиг (најчесто анонимен).


Огромна енергија и животна сила посветуваме на злото. Наместо проповедници на Христос, ние стануваме проповедници на масони, заговори, антихристи, екуменисти, развратници... Сè има под Сонцето. Но, зарем тие работи треба да бидат светлината на нашиот ден?
Познавам во Македонија светли луѓе... Од монаси, свештеници, мирјани, заљубеници во Христа (според зборовите на св. Серафим Саровски) и од други конфесии... Познавам светли луѓе кои и сèуште не дошле до Христа. Дали ние ќе одлучиме да станеме сведоци на Воскресенската вера или проповедници на мракот, останува во нашите раце. Само, за нашите зборови да најдат место во срцето на другиот, мора прво ние да ја видиме Светлината во нивните срца. А таа секогаш постои.
Она што ми е мене јасно, е дека изгубив премногу сили и време на борба со „злото“. Препознавањето на гревот е неопходна основа за здрав духовен живот, но тоа е само основа. Понатаму ни остануваат добродетелите, кои ќе го направат животот прекрасен, во секои услови.

Се сеќавам на зборовите на еден драг брат Дејан (пред 15 години, наш воспитувач во Богословија), кој велеше: „Сеќавајте се на првите денови во благодатта. Господ секогаш ни ја дава во изобилие, за тоа чувство да ни биде светилник и водител во деновите на подвиг“.
Најдете си светли луѓе, ценете ги добрите пријатели, натпреварувајте се во добродетелите.
И за крај, повторно ќе завршам со зборовите од апостол Павле: Бидете здрави!

Благодарност на Премин и редакцијата, кои снисходливо кон разликите на многумина, успеваат во подвигот да ги посочуваат духовните вредности и Преминот кон нив, од другата страна на заговорите.

 

м-р Златко Дивјаковски

дипломиран теолог, магистрант на катедрата за Културно Наследство во Универзитетот во Каназава

 

 3.angeli.so.truba

Октомври 2020 лето Господово