3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Дел од беседата изречена од отец Фотиј Беровски, игумен на Манастирот "Успение на Пресвета Богородица" - Берово во 12 седмица по Педесетница

Матеј 19:16-30


И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“ А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите. Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај го татка си и мајка си; љуби го ближниот свој како себеси!“ Младичот Му рече: „Сето тоа сум го запазил од својата младост; што уште ми недостасува?“ Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“ Штом го чу младиот човек кажаново, си отиде натажен, бидејќи имаше многу имот. А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, дека богат тешко ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“ Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ А Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“


Денешното евангелие вообичаено го согледуваме и го препознаваме во целиот наш однос кон секој друг, зашто момчето почнува да „калкулира “ за да добие нешто повеќе од тоа што веќе го има. По нашата логика, ако ги исполнил сите заповеди, ќе го добие и Царството Небесно, што има понатаму да бара и да прашува? Мојсеј и сите пророци кога пишувале, кажале се што треба. Господ кажувал, тие пишувале. И таму се вели - кој ги исполни овие заповеди, ќе влезе во Царството Небесно или ќе најде удел пред Спасителот. Така кажуваат Пророците. Момчето е секој еден од нас кога сакаме да калкулираме пред Господа. И Му се обраќаме со – Учителе Добар! Не  Му се обратил со “Господи”, туку со Учителе Добар, Му се додворувал, Му ласкал.


Ние секогаш кога калкулираме со нашите работи кажуваме вака: ”Ех, два дена постев сега, уште еден ли? Јас одам да се причестам, среда и петок постам и доста е толку! Еден ден постев и ќе се причестам, доста е за оваа година, догодина пак!” Тоа се изворно изјавите на нашите ,,христијани”. ,,Тие секогаш прават некаков есап – ќе донесат зејтин, крпичка, ќе постат два дена, ќе се причестат и тие се “раздолжиле” со Господа, што велеше еден човек.” Момчето ни е само еден показател за тоа што ние не го разбираме – дека со Господа нема калкулации. Постојано сме во добивка и постојано сме избрани да имаме дарови, наше е само дали ќе го препознаеме дарот. Ако сме постојано во добивка, како тоа одиме кај Господа и калкулираме – Господи еве ќе постам, ќе се причестам а ти  сѐ што имаш дај ми! Па Тој веќе ти дал сѐ!
Православието не претставува вера, каде што ние застануваме за да добиеме нешто, туку да дадеме нешто. Православните христијани треба да даваат зашто сите други нешто бараат. Ние само даваме! Зашто нашиот Господ кога слезе на Земјата, преку пример ( случката во Евангелието со нахранување на пет илјади мажи и тие што беа со нив со пет леба и две риби Матеј:14-22 ) им покажа на Апостолите дека и тие треба да даваат. Човекот треба да дава. И покрај тоа што сите апостоли биле со Него, и сите апостоли го гледале тоа што го прави Тој, било потребно Светиот Дух да слезе врз нив за да разберат дека Тој цело време дава. И тука е проблемот. Ако доаѓаш во Црква и постојано нешто бараш, никогаш нема да добиеш, бидејќи тоа што го бараш не кореспондира, не е исто со тоа што Бог го дава. Бог се дава самиот себе. И оттука па натаму ние можеме да градиме вистински однос со Него. Штом Тој се дава и ти треба да се даваш. Затоа богатото момче, и покрај високото мислење за самиот себе, дека сѐ  исполнил, дека сѐ направил,  а бил се уште млад, бара уште повеќе од тоа што мислел дека може да го носи. Господ му дал богатство, Господ му дал да се школува т.е. да научи да чита ( во тоа време да учиш да читаш еврејски јазик било многу тешко ), а тој оди да побара “уште малку повеќе”. И Христос му се обратил, на што момчето одговорило –  сѐ што требало сум исполнил! На тоа Христос му одговара, ако сакаш толку да си совршен – продај го својот имот и раздели го на сиромаси, и врви по Мене!


И тука е провокацијата,закачката за целото човештво. Зошто ние би се дале на друг, зошто ние би се жртвувале за друг? Луѓето велат дека би се жртвувале само за тие дома, демек дека биле крв. А, понатаму во животот најголемите судови и спорови за имотот се со братот, со чичкото, со тие дома. Со комшијата пак, спорот е за стреата. И „најправославната“ изјава е дека ги сакаме само „тие дома“.
 Господ кога дојде на Земјата ни покажа што е тоа заедница, тоа што од Адам до Св.Јован Крстител ние сме го изгубиле, т.е. тоа што старозаветниот човек го губи како идеја, дека може да живее во заедница, иако сите биле заедница, но Господ “го немало”. Доаѓа Христос, покажува како изгледа заедницата, што треба да се прави и вели дека најголемата доблест е да го дадеш животот за другиот, да се дадеш во жртва за другиот. Жртвата не секогаш значи да бидеш убиен, да „умреш за некого”. Жртва е и да однесеш кафе на некој, да бидеш истепан наместо некој друг, кога треба да истрпиш, да слушаш некој што знаеш дека не ја кажува вистина, да ги голтнеш сите ,, удари” од ближниот, да не вратиш ако некој те осуди, те поправи, да не се налутиш кога некој ти држи лекции итн. Во секојдневието значи да истрпиш  сѐ за својот ближен, да го покриеш неговиот грев. Ако разбереме дека  сѐ што се случува околу нас е дар Божји кој Бог ни го испраќа за наше спасение, за наше поучување, тогаш нема “живот во тага”, нема пропаднат живот, нема живот со депресија и анксиозност. Да беше нашиот живот со мотика, по два декари да ископаме, немаше да има ништо. Само воспалени мускули, но со чист ум.  


Православието  претставува една лупа со која ние “зголемено” се гледаме самите себеси, кај сме и каде се другите, бидејќи тоа е лупа со широк светоглед и дава различни филтри како ние да бидеме подобри. Ние после Христос не можеме повеќе да кажеме „можам“ или „не можам“, само можеме да речеме „сакам“ или „не сакам“. Ако Бог можеше да се симне од Небесата, да стане човек, да биде исмеван, плукан и распнат од тие што Ги создал, да умре, да воскресне и до ден денешен повторно да не биде препознаен од своите, тогаш ние немаме избор да кажеме „можам“ или „не можам“, туку може да зборуваме само за „сакам“ или „не сакам“.
Се додека ние не дојдеме до таа вистина дека треба да се дадеме за другиот, завршува односот со Бог. Идејата на православието е дека Царството Небесно започнува од тука на Земјата па натаму, а не дека почнува од „таму некаде”.
Од перспективата на момчето ние секогаш истото го правиме пред Господа, застанати сме да добиеме Царство Небесно, а не можеме да сфатиме дека тоа ние веќе сме го добиле.
Моментот што ние не го разбираме е што ние се уште не знаеме да даваме. Не разбираме што значи да даваш. Секогаш ние мислиме дека кога даваме губиме дел од себе. Напротив.
Ние сме како во модови, кога некој се смее - се смееме, кога некој плаче - плачеме со него. Влегуваме во мод, во некаква шема на однесување, го превземаме неговото расположение. Сами не можеме да живееме, веселби сами не можеме да правиме, крштевка сами не можеме да правиме, погреб сами не можеме да правиме. Те пречекуваат многумина и те испраќаат многумина. Што означува тоа? Дека ние меѓусебно си  споделуваме сѐ и така меѓусебно се оформуваме како личности. Индивидуално се викаме секој различно но всушност сме сите исти. Ист воздух дишеме, исто сонце нѐ грее, исти јадење јадеме, исти болести имаме. Имаме еден Господ , имаме исти страсти, не измислуваме гревови - тие се гревовите,со кои може да згрешиме со околината и во себе.
Но, богатото момче калкулира со Господ, а за да го носи тоа што го бара треба да влезе во таков, соодветен мод. Да го преобрази неговиот ум за да ги прифати зборовите Христови. Така правиме и ние, како богатото момче.


Луѓето доаѓаат во Црква и бараат одговори за тоа што го направиле. Не, доаѓаш во Црква и нудиш одговор за тоа што си погрешил. Најголемото боиште е дома, најголемата расправија дома се случува, најголемите жртви дома паѓаат, најголемите промашувања дома се случуваат и најголемите достигнувања се дома. Најголемото спасение е дома, најголемите воскреснувања се дома, најголемите моменти во животот се дома. Надвор ништо не се случува. Сите мислат дека единствено надвор нешто се случува но, всушност сѐ дома се случува. Моментот е дека ние не можеме да избегаме од луѓето кои ни се ближни. Повеќето од времето што ни го дал Бог изгледаме како богатото момче и затоа и Евангелијата се повторуваат секоја година, во исто време, како потсетник што Господ направил, што кажал, што понудил а како одговориле луѓето што барале нешто. И тука е и нашиот проблем, дали разбираме што Господ направил за спасението на  човекот или не разбираме. И на крајот дали и ние си одиме како момчето нажалени?
Не е проблем тоа што некој нешто не направил (пример не сменил чешма), туку дека сме на истото гледиште од пред три години. Не сме се промениле, ни чекорче понапред. Тука е проблемот. Момчето дошло и отишло, ние сме останале. Сите во Црква мислат дека ќе не објават како на реклама и некој ќе  нѐ купи. Нема таква работа. Сам ќе си ископаш, ќе си обработиш, ќе посееш семе, ќе ожнееш, ќе собереш во амбар и тоа ќе го вратиш како долг. Дека тоа ти е дадено. Таков е нашиот живот. Мора да се работи, не може да се стои и да се чека. Што рекле, „фрли зад себе  за да најдеш пред себе“. Сам себе фрли се, за да се најдеш, за пак сам себе да се земеш, но во нов вид, охристовен.


За Преминпортал Симеон Стефковски