Evangelist.Matej


СВЕТИОТ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ МАТЕЈ


         Светиот апостол и евангелист Матеј, синот Алфеев, наречен Левиј, живееше во Галилејскиот град Капернаум. Беше многу имотен човек, а по занимање цариник. Еднаш, за време на Својот престој во Капернаум, Господ Христос отиде кај морето, придружуван од народот. Минувајќи, Он го виде Матеј кај седи на царината и му рече: „Ајде по Мене!“
              Кога ги слушна овие зборови не само со телесните туку и со ушите на срцето, Матеј веднаш стана, остави сѐ и тргна по Христа.
Во својата радост, тој му приреди на Господа голема чест во својот дом. Благиот Господ не го одби повикот и влезе во домот на Матеј. Таму дојдоа и многу негови соседи, пријатели и познаници, собрани само цариници и грешници, и седеа на трпезата заедно со Господ Исус. Имаше таму и некои од книжниците и фарисеите. Кога видоа дека Господ не се гнаси од цариниците и грешниците, туку седи заедно со нив на трпезата, тие роптаа и им говореа на Неговите ученици:
- Зошто вашиот Учител со цариниците и грешниците јаде и пие?
Кога ги слушна таквите нивни зборови, Господ им рече:
           - На здравите не им е потребен лекар туку на болните. Јас не дојдов да ги повикам праведниците туку грешниците на покајание.
Од тоа време Матеј ги остави сите и сѐ, појде по Господа Христа и како верен ученик повеќе не се разделуваше од Него. Наскоро потоа се удостои да биде вброен во Дванаесетмината Апостоли.
Заедно со останатите ученици, Матеј го придружуваше Господа на Неговите патувања по Галија и Јудеја, слушајќи го Неговото Божествено учење, гледајќи ги Неговите безбројни чудеса, а понекогаш и учествувајќи во нив. Вооружен од Господа со чудотворната Божествена сила, тој со останатите Апостоли одеше кај изгубените овци на домот Израилев, проповедајќи им го Евангелието на царството Божјо, исцелувајќи болни, истерувајќи ѓаволи, чистејќи лепрозни, воскреснувајќи мртви. Тој беше очевидец и сведок и на Спасителовиот живот, и на Спасителовата крстна смрт, и на Спасителовото воскресение, и на Спасителовото вознесение на небото.
По слегувањето на Светиот Дух над Апостолите, свети Матеј на почетокот остана во Палестина, заедно со останатите Апостоли, проповедајќи го Евангелието во Ерусалим по разни народи, заради нивно обраќање во верата Христова. Пред заминувањето од Ерусалим, ерусалимските христијани го молеа да им остави писмено изложени дела и учење на Господа Христа. На оваа молба ѝ се приклучија и останатите Апостоли, кои во тоа време се наоѓаа во Ерусалим. Свети Матеј тогаш го напиша Евангелието, осум години по Вознесението Христово.

sv.evangelistMatej

              Кога замина од Ерусалим го проповедаше Евангелието во многу земји. Додека благовестеше тој пропатува многу земји, како Македонија, Сирија, Персија, Паркија и Мидија, и цела Етиопија во должина и ширина, која ја доби на коцка и ја просвети со светлината на познанието на Светото Евангелие. Воден од Духот Свет, тој најпосле дојде во земјата на човекојадците, кај народ црнокожен и ѕвероподобен, и влезе во нивниот град, наречен Мирмена. Откако тука обрати неколку души кон Господа, им го постави за епископ својот сопатник Платон, и им изгради мала црква. Самиот пак се искачи на тамошната блиска гора, и живееше во неа во пост, молејќи се срдечно на Бога, Господ да го обрати тој незнабожен народ. И му се јави Господ како прекрасно момче, со жезол во десната рака, и давајќи му го тој жезол му нареди да се симне од гората и да го забоде близу вратата на црквата што ја изградил. Притоа Господ му говореше:
- Овој жезол со мојата сила ќе пушти корен, ќе израсне во високо дрво и ќе донесе изобилен род, кој со големината и сладоста ќе го надминува секое овошје. Од неговиот корен ќе бликне извор чиста вода. Секој од човекојадците, кој што ќе се измие со таа вода, ќе добие убавина на лицето. И секој што ќе вкуси од тој плод, ќе го отфрли ѕверскиот карактер и ќе стане добар и кроток човек.
Кога го прими жезолот од рацете Господови, Матеј слезе од гората и тргна во градот да го изврши нареденото. Кнезот на тој град Фулвијан имаше жена и син, кои имаа демони во себе. Тие го сретнаа Апостолот на патот и викаа по него со диви и расипани гласови, за да го исплашат:
- Кој те испратил овде со тој жезол, за наше уништување?
Апостолот им се закани на нечистите духови и ги избрка. А исцелените му се поклонија и кротко одеа по него. Кога дозна за неговото доаѓање, епископот Платон го сретна со клирот и кога влезе во градот отиде кај црквата и го изврши нареденото: жезолот даден од Господа го забоде во земјата, и веднаш пред очите на сите стана големо дрво, пушти гранки и лисја, и се појави на него прекрасен род, крупен и вкусен, и изби од коренот извор вода. Сите се восхитуваа додека го гледаа тоа, и сиот град се собра пред таквото чудо, и јадеа од вкусниот род од тоа дрво и пиеја чиста вода. А свети Матеј стоеше на една височинка и им го проповедаше на насобраните луѓе словото Божјо на нивен јазик. И веднаш сите поверуваа во Господа и ги крсти во оној чудотворен извор. Најпрвин ги крсти жената и синот на кнезот, од кои ги истера демоните, па потоа сиот народ, кој поверува во Христа. И сите човекојадци што се крстија, според зборовите Господови, излегуваа од водата со прекрасни и бели лица. И добиваа тие не само телесна туку и душевна белина и убавина, соблекувајќи го стариот човек и облекувајќи се во новиот човек – Христос.
Кога дозна што се случило, кнезот најпрвин се израдува на исцелението на сопругата и синот, но потоа, поттикнат од ѓаволот, тој се разгневи на Апостолот затоа што целиот народ се прилепува за него и ги остава своите богови, и намисли да го погуби. Меѓутоа таа ноќ на Апостолот му се јави Спасителот, налагајќи му да не се плаши и му вети дека ќе биде со него во претстојните негови неволји. Кога осамна и Апостолот со верните во црквата Го фалеше Бога, кнезот испрати четири војници да го фатат. Но, кога војниците дојдоа до храмот Господов, веднаш ги обзеде темнина и одвај успеаја да се врата назад. Прашани зошто не го довеле Матеј, тие одговорија:
- Ние го слушнавме како зборува, но не можевме да го видиме и да го фатиме.
Тоа уште повеќе го разјари Фулвијан, кој веднаш испрати голем број војници, насилно да го доведат. Ако некој се спротивстави и го штити, таквиот веднаш да го убијат. Но и овие војници се вратија празни. Кога се приближија до храмот, небесна светлина го осветли Апостолот, и војниците не беа во состојба да гледаат во него. Тие многу се исплашија, го фрлија оружјето, па побегнаа и му раскажаа на кнезот што им се случи. Ужасно разјарен и бесен, кнезот тргна со многу свои слуги, за лично да го фати. Но, кога му се доближи ненадејно ослепе и бараше водич. Тогаш започна да го моли Апостолот да му го прости гревот и да му ги просвети ослепените очи. Апостолот му ги прекрсти очите и тој прогледа, но само телесно, зашто злобата го беше заслепила, и таквото големо чудо го припишуваше на волшепствата, а не на Божјата сила. Тој го фати Апостолот за рака и го поведе кон својот дворец, како да сака да му укаже почит, но во срцето веќе беше решил да го спали како магионичар. Апостолот ја провиде неговата лоша намера и го изобличи, говорејќи:
- Мачителу лукав, зошто не го извршиш тоа што си го намислил за мене? Прави како што ти вели сатаната во срцето, а јас, како што гледаш, подготвен сум да претрпам сѐ за мојот Бог.
Тогаш кнезот им нареди на војниците да го фатат, да го налегнат и рацете и нозете да му ги приковаат со клинци за земјата. Потоа нареди, та насобраа многу гранки и дрвја, донесоа смола и сулфур, па сето тоа го ставија врз светиот Апостол и го запалија. Кога огнот многу се разгоре и сите мислеа дека веќе изгорел, огнот ненадејно згасна, пламенот се претвори во роса, и свети Матеј се појави жив и неповреден, славејќи Го Бога. Сиот народ се запрепасти од таквото чудо и Му благодареше на апостоловиот Бог. Меѓутоа кнезот уште повеќе се разјари. Не сакајќи да признае дека Божјата сила го сочувала жив и неповреден од огнот Христовиот проповедник, тој го обвинуваше праведникот нарекувајќи го магепсник, говорејќи дека тој со магии го згаснал огнот и останал жив во него.
Потоа нареди да се донесат уште повеќе дрва, гранки и стапови, да ги стават врз Матеј, да ги запалат и одозгора да истураат смола. Тој нареди, та донесоа дванаесет негови златни богови, ги наредија околу огнот, и ги повикуваа на помош, за тие со својата сила да не дозволат Матеј да се спаси од огнот туку во пепел да се претвори. Меѓутоа Апостолот и во огнот Му се молеше на Господа, да ја покаже својата непобедлива сила, да ја обелодени немоќта на незнабожечките богови и да ги посрами оние што се надеваат во нив. И ненадејно пламенот со страотен татнеж се насочи кон златните идоли и тие се стопија како восок, и многу неверни наоколу беа спалени. А од растопените идоли излезе пламен во вид на змија, и започна да го обвива кнезот, така што тој не можеше да побегне додека со смирена молба не повика кон Апостолот да го спаси. Апостолот му се закани на огнот и пламенот веднаш згасна и обличјето на змијата исчезна. Кнезот сакаше со чест да го извади Апостолот од огнот, но тој, откако се помоли, ја предаде својата света душа во рацете Господови. Тогаш нареди да се донесе златен одар и на него да го положат чесното тело Апостолово, неповредено од огнот, и откако го облекоа во скапоцени одежди, го зеде на рамења со своите велможи и го внесе во својот дворец. Но, тој сѐ уште немаше совршена вера, и затоа нареди да се изработи железен сандак, во него да се положи телото и сандакот од сите страни добро го залеми со олово, па го фрли во морето. Притоа им рече на своите големци:
- Ако Оној Кој го сочува Матеј неповреден во огнот, го сочува и во водата непотопен, тогаш навистина е единствен вистински Бог, и ние ќе Му се поклонуваме Нему, а ќе ги оставиме нашите богови, кои самите не можеа да се спасат од огнот.
Бидејќи железниот сандак беше фрлен во морето, светиот Апостол ноќта му се јави на епископот Платон, говорејќи:
- Утре појди на морскиот брег од источната страна на кнезовиот дворец, и таму земи ги моите мошти, кои се изнесени на копното.
Кога самна, епископот придружуван од многу верни отиде на укажаното место и го најде железниот сандак со моштите, како што му беше речено во видението. Кнезот дозна за тоа, отиде таму и овојпат со своите големци вистински поверува во нашиот Господ Исус Христос, и громогласно исповедаше дека е Он единствениот вистински Бог, Кој слугата свој Матеј го сочува неповреден, како за време на животот во огнот така и во водата по смртта. Тој падна пред сандакот, молеше за прошка од светиот Апостол за гревовите што му ги изврши и од сесрце сакаше да се крсти. Епископот Платон го огласи, го поучи во Светата Вера и го крсти. Но, кога при крштевањето ја стави својата рака на неговата глава и сакаше да му даде име, дојде глас од небото, кој говореше:
- Дај му го името, не Флувијан туку Матеј.
Откако на тој начин при крштевањето го доби името Апостолово, кнезот се потруди да биде подржувач и на апостоловите дела. Набрзо тој својата власт ја предаде на друг, се одрече од суетата на овој свет, се предаде на молитва во црквата Божја, и беше удостоен на презвитерскиот чин од страна на епископот Платон. А кога по три години епископот умре, му се јави свети апостол Матеј на поранешниот кнез, а сега презвитер Матеј, и го посоветува да го прими епископскиот престол по блажениот Платон. Откако го прими епископството, Матеј одлично се потруди во проповедањето на Благовеста Христова, и одврати многумина од идолопоклонството и ги приведе кон Бога. Потоа, по долгиот богоугоден живот и самиот отиде кај Бога. Сега стои заедно со светиот евангелист Матеј пред престолот Божји и Го моли за нас Господа, и ние да станеме наследници на вечното царство Божјо. Амин.

No photo description available.

 Тропар
Ревносно од царина си тргнал кон повикот на Владиката Христос, Кој поради својата добрина се појави на земјата меѓу луѓето, Него следејќи Го се покажа како избран апостол и велегласен благовесник на Евангелието во вселената. Поради тоа го почитуваме твојот чесен спомен, богоглаголиве Матеје. Моли Го Милостивиот Бог да ни подаде простување на гревовите на нашите души.

 

fbПравославен Источник · ·