sv.J.Krstitel.otsecuv.jpg


Од коренот Јесеев, и од бедрата Давидови,
Божественото девојче Марија денес ни се раѓа,
затоа се радосно се радува и сé се обновува.
Радувајте се заедно небо и земјо,
пофалетеја сите јазици!
Се весели Јоакм и Ана торжествува, воскликнувајќи:
„Неплодните ја раѓаат Богородица и Заштитничката на нашиот живот“.

Сечесното Твое рождество севоспеана,
Пресвета Дево Пречиста,
множеството ангели на небесата
и човечкиот род на земјата го слави,
зашто Мајка Му беше на Создателот на сите, Христа Бога.
Него не престанувај да Го молиш за нас, кои на Тебе
ја положивме нашата надеж,
Богородице севоспеана и неискусобрачна.

sv.J.Krstitel.otsecuv.jpg

Пресвета Богородица, родена во Назарет, во благородно семејство чија благочестивост пред Бога се протега со поколенија наназад, е недостигнат монашки идеал и пример на богоподобие низ вековите на човечкото боготрагателство. Нејзиното раѓање е блескава точка во Божествениот План за спасението на човекот од ропството на страстите, од ѓаволот и од смртта: со векови Пророците на Стариот Завет низ Светиот Дух благовестеа за таинството на настаните во кои личниот живот на оваа Дева ќе земе размери на општочовечко спасение за вечноста. Благородничкото потекло на Богородица го сочинуваат две најчесни лози во историјата на Израилот: по татко потекнува од лозата на првосвештеникот Арон, а по мајка од родот на Светиот пророк и цар Давид. Јоаким и Ана, од коишто се роди Светото девојче, до староста беа бездетни. Всушност, по Божјо допуштение сите сестри на Ана се покажаа бездетни до доцната старост и на крајот, родија сите. Овие чудесни раѓања необични за човечката природа се објаснуваат со дејството на Благодатта Божја која кај побожните ќерки на свештеникот Матан, дедото на Пресвета Богородица, ги надмина законите на природата. Една од овие сестри на Ана, Совија, во она време ја роди Елисавета, мајката на Св. Јован Крстител. Немајќи надеж за воскресение и сосем неупатени во тајната на духовното наследување кое има вечно и непропадливо траење, бездетноста Израилците тогаш ја сметаа за Божји укор и знак за неправедност на бездетните пред Бога. Првата прозба кон Бога на Јоаким и Ана со која побараа дете од Севишниот, уследи по еден потресен миг на отфрлање што го доживеа Јоаким пред Божјиот жртвеник во синагогата: кога старецот сакаше да остави дар, свештеникот го оттурна велејќи му: бездетен! Од сесрце во своите топли молитви, уште пред да се роди, своето дете тој стар побожен пар Му го посвети на Бога: на тригодишна возраст, малечката Дева ја принесоа во ерусалимскиот храм, за да расне меѓу слични на себе девици, во најизвонредни услови за напредување во добродетелта и побожноста. Таму на свеченоста со која блиските роднини и пријатели на Јоаким и Ана ја испратија (од Назарет до Ерусалим) и ја воведоа Дева во храмот ерусалмиски, се случи уште еден извонреден настан: толку малото девојче, одеднаш ги претрча скалилата што водеа до светилиштето, во кое инаку единствен првосвештеникот влегуваше еднаш годишно и - по Божјо вдахновение прифатена од тогашниот првосвештеник Захариј - малата Дева си го најде Своето оттогаш бескрајно омилено пребивалиште:

Светоста на светите, во која Израилците со трепет го чуваа кивотот со табличките на кои Мојсеј им ги предаде од Бога старозаветните Десет заповеди. Овде почнува најпривлечната страница од развојот на Пречистата Дева како тихувателка, во која ние можеме за себе да го најдеме својот пример, ако сакаме барем малку да ја следиме во светоста. На ова место Таа постојано се занимаваше со молитвено тихување. И се знае дека овде се повеќе напредуваше во постот - и почнаа да ја хранат ангелите - и умот непрестајно го напрегаше кон Бога како своја единствена цел и непогрешлива мисла и го достигна она што денес аскетите го нарекуваат дкружно движење на умоте, а кое е највисоката и најсоодветна активност на човековиот ум. Во таа првоповикана состојба умот на човекот станува постојано непрекинливо изговарање на Божјото име и води до вистинско гледање на Бога во нашето внатрешно срце. Луѓето коишто преку молитвата доаѓаат до ваква чистота на својот ум достигнуваат огромна отпорност и непобедливост во страдањата, тие се непоколебливи пред злото, пред нив демоните отстапуваат и таквите луѓе не подлежат на променливите закони од овој свет. Вака приготвена, кога времето се исполни, архангелот Гавриил и благовестеше на Дева за две големи чудесни вести: дека во Неа бессемено ќе се воплоти Единородниот Божји Син роден предвечно од Бога Отецот и дека Таа ќе Го роди во тело како Син Човечки, и второ: дека нејзината братучетка Елисавета, која е веќе старица и дотогаш неродна - ќе го роди Светиот Предвесник и Крстител Јован.

sv.J.Krstitel.otsecuv.jpg


Првата жена на светот која посака да Му се посвети на Бога во доживотна девственост - она што ние денес го нарекуваме монахиња - е Пречистата Богородица и Секогашдева Марија. Но бидејќи вакво нешто дотогаш не беше познато во Израилот и во Законот ништо не стоеше за тоа, упатени во нејзината ретка побожност и решени да и помогнат докрај во заветот на девственоста и во исполнувањето на старозаветниот закон, свештениците на ерусалимскиот храм смислија решение: да најдат стар и добродетелен сопруг, кој живеејќи со Неа под вид на брак, ќе ја остави да живее во девственост. Изборот падна на праведниот Јосиф. Чудесното поклопување на овие два настани - заветот за девствен живот којшто Дева го побара пред ерусалимските свештеници и Божественото зачнување во Нејзината пречиста утроба - ќе станат прашање на духовна живот или смрт пред сите што ќе се соочат со тој несфатлив знак на Божјото присуство меѓу луѓето на земјата. Оттогаш во Нејзиниот свет живот дојде време кога ќе се сомневаат во Неа и време кога заради Нејзиниот Единороден Син ќе ја прогонуваат: прв, но на кратко, се посомнева Јосиф кога ја прими како бремена Онаа за Која му рекоа дека е Дева - но ангел небесен му јави вест во сон и го увери во зачнатото од Светиот Дух во Нејзината утроба - а по раѓањето на малиот Богомладенец, се посомневаа и свештениците што и го дадоа благословот да девствува доживотно, се бунтуваа фарисеите што им се противеа на оние што ја сметаа за Дева и дојдоа колебањата и препирките меѓу децата на праведниот Јосиф од првиот брак.

Оттогаш Нејзиниот живот и Нејзината крајна духовна полнота и најдлабок човечки плач се испреплетуваат со животот на Господ Христос на земјата. Меѓу монасите и тихувателите со векови се знае дека животот на вистинскиот боготрагател и молитвеник меѓу луѓето е полн со неискажливи страдања. Бог се роди од Дева во јасли во една витлеемска пештера и дојдоа и Му се поклонија пастирите од тој крај што од ангели беа известени за раѓањето на долгоочекуваниот Помазаник, Спасител, Цар на Избраниот народ Божји и Господ Христос. Тројца боговдахновени мудреци од Исток водени од ѕвезда Му се поклонија на Неговото смирено раѓање од Дева. Тоа се познатите величествени моменти од Нејзиниот живот исполнет со возвишено молчење. Кога како четириесетдневно бебенце отиде да Го посвети со грлица и гулаб во ерусалимскиот храм, според старозаветниот обичај за првородено машко дете, еден праведник и една пророчица и пристапија за да го чествуваат роденото од Неа нарекувајќи се Негови слуги и пророкувајќи ја уште понесфатливата иднина: Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и знак е против Кого ќе се говори. А и на Тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца. Очистувањето на човечките срца од страстите преку благодатта Божја која им се дава заради исповедта со покајание е денешната полнота на тие зборови кои осознаените христијани ги живеат во сила. Набрзо по оваа прочуена средба новородениот Христос беше прогонет. Царот Ирод дозна од Вавилонските Мудреци за раѓањето на Христос во Витлеем. И бидејќи оние го нарекоа Цар, се уплаши за својот престол и прати да го убијат новородениот незнаен Помазаник. Триесет и три години Богочовекот Исус ги збунуваше вака затворените за Бога човечки очи: каков Цар е Он? Од Кого треба да се плашиме или Кого треба да Го љубиме и да Му ја положиме нашата доверба и надеж? Царот Ирод не прогледа и испрати да Го убијат. А праведниот Јосиф доби вест во сон да ги однесе Дева и Младенецот во Египет за да се скријат пред потерата на избезумениот цар Ирод. Две илјади деца во Витлеем на возраст до две години ги убија затоа што царевите гонители не Го најдоа Богомладенецот и надевајќи се да биде убиен меѓу нив.

Хармонијата меѓу најпобожната од сите личности во историјата на човештвото и воплотениот Бог Кој како Нејзин Син израсна на човечки начин воведен од Нејзините мајчински дланки во овој овоземен живот не можеме да ја осознаеме. Кога се наближи времето Господ да твори и да им јави на луѓето за Своето спасително Евангелие, Богородица во еден миг го откри Своето вистинито познание за Него: на слугите во домот на Симон Зилот на свадбата во Кана, кога снемаа вино, им рече: Правете што ќе ви рече, имајќи предзнаење за првото чудо што ќе го изврши Господ пред очите на луѓето. И за миг Он водата ја претвори во највкусно вино. Тивката небоземна Богородица по страдањата и Воскресението на Нејзиниот единороден Син стана неисцрпна духовна утеха за Неговите ученици. Нови и нови што ќе поверуваа го бараа Нејзиното лице, патувајќи оддалеку за да ја видат Мајката на Спасителот и Господ и од погледот на Неа блеснуваа Божествено осенети.

Пресвета Богородица Го надживеа Христос на земјата речиси една и пол деценија. Сепак не е најточно позната годината кога се упокои. Нејзината лична самоисполнетост и смислата на Нејзиниот страдален живот стануваа се поцелосни како што се ближеше крајот: Црквата Божја на земјата устроена од Оној што Го роди и одгледа како Син Човечки раснеше на рамениците на богожедниот свет и занавек ги соединуваше небото и земјата. Патот на човекот до Бога, по изгонувањето од Рајот, стана светол и отворен за луѓето од сите народи и времиња до свршетокот на векот.

 sv.J.Krstitel.otsecuv.jpg


Пресвета Богородица се упокои на петнаесетти август, во третиот час од денот, како што однапред и благовестеше архангелот Гавриил. За Своето успение се подготви сама со најревносна богокопнежливост, со оглед дека одеше кај Оној по Кого цел живот копнееше. Сепак, пред смртта посака да ги види сите Христови апостоли собрани во домот на Јован Богослов, каде што живееше по страдањата и воскресението на Исус. И Бог и ја исполни желбата на Нејзиното срце. Од разни страни на светот каде што во маки и чудотворејќи го проповедаа Христовото спасително Евангелие, на чудесен начин носени со ангел апостолите се собраа крај Пречистата. По скриената Божја Промисла, доцнејќи не дојде само апостолот Тома. Во мигот на Нејзиното успение покривот на куќата се отвори и Царот Израилев, Господ Христос слезе и ја преисполни со сета Своја слава и ангелско воинство и со Своите Божествени раце Сам ја прими душата на Онаа што Го роди меѓу луѓето. Богородица издивна безболно, а апостолите гледаа со свои очи како Господ ја носи Нејзината душа во небесните обители.

Поворката со телото на покојната Дева беше вознемирувана од некои неверни Евреи. Единствениот од нив што се осмели да го оскверни допирајќи го Нејзиното тело и посегна по одарот, во истиот миг остана без раце и научен Од апостолите почна да Ја исповеда Мајката Божја и верата во Нејзиниот Божествен Син. Во тој миг се случи првото исцеление извршено од Пречистата и оној Евреин повторно ги доби своите раце здрави. Оттогаш многубројни верни и припаѓаат со молитва и солзи на нашата Небесна Владичица и многумина како брза и семилостива утешителка ги крепи видливо и невидливо чудотворејќи. Три дена Светите апостоли ја воспеваа во псалми и духовни песни славата на Бога на гробот на Пресвета Богородица. Кога по три дена се појави и апостолот Тома тагувајќи што беше изоставен и не прими последен благослов и поука од Пресветата, за да го утешат, апостолите го отворија гробот сакајќи да му го покажат Нејзиното тело. Но гробот го најдоа празен. Така Бог сакаше да извести за воскресението на Својата невеста неневесна и Мајка на Единородниот Негов Син, во слава на Пресвета Троица и на нашата Небесна Владичица Богородица и Секогашдева Марија, во сите векови да ја молиме и ние за нашето спасение. Амин.

 sv.J.Krstitel.otsecuv.jpg

Извор: Манастир Рождество на Пресвета Богородица, с. Велјуса

 

Друго:

 

Пресвета Богородица, често одела во Маслиновата Гора, од која нашиот Господ се вознел на небесата, и преклонувајќи ги колената таа ги целивала стапките Христови, кои биле врежани на каменот од Неговите пресвети нозе. И со многу солзи таа го молела својот Син и Бог да ја земе при Себе: зашто таа, неспоредливо повеќе отколку, светиот апостол Павле, сакала да се ослободи од телото и да биде со Христа и често ги повторувала Давидовите зборови: "Кога ќе дојдам и ќе го гледам лицето Божјо? Солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе (Пс 41, 2-3); кога ќе го видам мојот мил Син; кога ќе отидам при Него, Кој седи од десната страна на Бога Отецот? Кога ќе седнам до престолот на Неговата слава? Кога ќе се наситам гледајќи го Неговото лице? О преслатки Сине мој и Боже! Време е да го исполниш Сион со својата милост; време е да се смилуваш на мене, Твојата Мајка, која во тажната долина на овој свет тагува, не гледајќи го Твоето лице; изведи ја од телото, како од темница, мојата душа; зашто, како што срната се стреми кон потоците, така и душата моја се стреми кон Тебе, Боже, да се наситам кога ќе ми се јави Твојата слава."