3.angeli.so.truba

„Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“

 
Еден од современите просветлени Старци вели: „Брзо тече реката на времето и како силен планински брзак тече во вечноста. Единствено Светата Црква и празниците Божји на некој момент го застануваат ова движење и како да го успоруваат времето“.

Затоа, денес, да застанеме смерно и да си спомнеме кои сме ние навистина. Од Кого сме и за Кого сме создадени. Да се отрезниме и со трезвен ум да пребиваме во непрестајно сеќавање на она на коешто Црквата нѐ потсетува денес. За тоа дека ова не е нашата вистинска татковина, туку место на прогон и ропство, место на болести, страдање и смрт. Да си спомнеме за нашите прародители и за нивниот пад, чиишто последици како рани ги носиме и ние денес, синовите и ќерките нивни. Да си спомнеме за тоа дека Бог зборот прости во рајот не го слушна. Да се сетиме дека горкиот плач и покајанието Адамово низ повеќевековниот негов живот на земјата беа немоќни да ги исцелат последиците од падот, па затоа Бог Го испрати Својот Единороден Син, Кој доброволно стана Човек за да се прости со паднатиот човек и во Него да ни биде простено, а ние Го распнавме и ги одвраќавме своите лица од Него. И покрај сѐ, Неговите последни зборови на Крстот беа „Оче прости им, не знаат што прават“. Стариот Адам го затвори рајот, а Христос – Новиот Адам, не само што го отвори, туку и ни проби пат за враќање назад во Самиот Него, од десната страна на Бога и Отецот.

И по изгонувањето, сега човекот ја живее општата состојба на падот и сето она што ја карактеризира, а тоа се гордоста, расеаноста и затемнетоста. Сѐ уште е примамлива понудата, односно „можноста“ да се постане бог без Бога. Насилно да го придобие изгубениот рај и повторно да ги освои Небесата, градејќи кула вавилонска во безумен бунт против Бог. Особено нагласен е тој стремеж налик на сатанскиот во наши дни од современиот обезбожен човек. Сите научни достигнувања, особено достигнувањата во областа на медицината, значителното продолжување на животниот век, пронаоѓањето на лек за многу смртоносни болести, откривање на генот одговорен за стареење и посветена работа од страна на научниците да се отстрани таа аномалија во човечката природа, па сѐ до сите застрашувачки концепти на трансхуманизмот. Комодитетот и комфорот во кои се улулкува современиот човек и неговата занесеност како да е на чекор повторно да се дограби до безгрижноста и убавината на рајот, мислам дека се најпогубни. Да се разбереме сите, тие достигнувања самите по себе се добри исто како и дрвото на познанието, но без Бог придобивката на човекот на крајот е само срам и голотија.

Оној што ни ветуваше слобода и можност да станеме богови, претставувајќи ни Го Бог како тиранин, не прави ништо друго и сега. Не нѐ остава да ја живееме реалноста и трагедијата на падот на целиот Адам, како што вели Старец Силуан, но исто така, и нашиот личен пад. Не нѐ остава да плачеме во покајание како заробениот народ Божји крај реките вавилонски, туку откако нѐ поробил и нѐ одвоил од Бог ни вели дека од ова место на прогон рај ќе направи, дека Бог е мртов (Ниче), дека сето она што го зборува Црквата е назадно и му припаѓа на мрачниот среден век, дека научниците посветено работат, па ни смртта веќе нема да биде закана, не ни треба Бог што нѐ детерминира, читај ограничува на секој можен начин, на пример, како мажи или жени. Еве, тој нуди можност кутрите нови генерации самите да си го изберат, а тоа значи променат полот, т.е. да постанат „богови“, и така до недоглед. Нема вечен живот и нема никаков рај. Сѐ што имаме е ова тука, ова е нашиот рај и во него човекот е бог кој треба да ја прифати таа реалност и да пее и да се радува.

Зашто таму, оние што нѐ заробија и кои нѐ одведоа, побараа од нас радосна песна, велејќи ни: „Пејте ни од песните сионски!“ (Пс. 136, 3).

Драги браќа и сестри, чеда Адамови, „како да запееме Господова песна“ во ова место на страдање каде што се завршува со смрт, како да заборавиме на изгубениот рај и на бесмртниот живот во Бог. Црквата, денес, нѐ повикува да се сетиме на сето ова и да тргнеме по Христос, Кој го победи светот и нас нѐ избра од светот, и ни ја кажа вистината за овој свет дека во зло лежи и нема никаква иднина, туку се ближи кон својот крај. Сѐ што е соединето со Христос е спасено и ќе ја наследи вечноста. Црквата нѐ повикува денес да си спомнеме, да се сетиме, да се покаеме и да ги презреме овие ветувања на нашиот поробувач, и да тргнеме низ светата Четириесетница, која ни претстои, водени од нашиот духовен отец како од Мојсеј кон Воскреснатиот Христос, единствениот Победник над смртта и единственото наше богатство и во овој свет и во вечноста.

Самиот ни вели и нѐ предупредува: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ’рѓата, и каде што крадците го поткопуваат и крадат; но собирајте си богатстава на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6, 19–21).

Ние ништо вистински немаме во овој свет. Се ползуваме со нештата од овој свет и Му благодариме на Бог за тоа, но ништо од добрата на овој свет не ги сметаме за наше лично богатство и сопственост, бидејќи ние, христијаните, немаме намера да останеме тука, затоа што живееме во Црквата Христова, која непрестајно се движи и патува кон Царството Божјо и која не е од овој свет и никогаш не се поистоветува и нема да се поистовети со овој свет, и ќе остане единствена можност за спасение во овој свет до крајот на вековите. Ние, драги мои, во овој свет ја носиме „Неговата поруга, бидејќи овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде“ (Евр. 13, 13–14).

Што да кажеме или како да заплачеме за таа душа која поверувала на лагите на кнезот на овој свет и се надева на што било што стекнала во овој отпаднат од Бог свет!? Таквиот човек не се надева на Бог, а и како би можел, кога сите свои надежи ги полага на стекнатите богатаства, кои не мора да се секогаш материјални. Многу луѓе позицијата и власта што ги имаат, знаењето што го стекнале, супериорноста над другите луѓе ги сметаат за свое богатство што самите со голем труд го заработиле, целосно исклучувајќи Го Бог од својот живот. Тие, високото мислење за самите себе и суетата ги негуваат во својата душа како молец кој сѐ што е добро ќе уништи, а гордоста како ’рѓа ќе го потемни Божјиот образ во нив и ќе ги направи ѓаволоподобни. И на крајот, како крадец во ноќно време, ќе дојде и ќе ги поткопа смртта. И не е толку страшно што човек тогаш ќе биде ограбен, разголен и покриен со срам токму како и нашите прародители во рајот, туку тоа што нема да може да рече прости, оти и самиот станал ’рѓа, т.е. сушта гордост. Но, еве, и кога Бог по Својата огромна Милост би го ставил покрај Себе во рајот, неговото срце нема да најде спокој, бидејќи срцето негово ќе биде таму каде што е и богатството, надвор од Бог. Господи помилуј!

Овие последни реченици им ги посветувам на оние што велат дека не веруваат во Бог што создал пекол. Не се грижете, не веруваме и ние, христијаните, во таков Бог.

Драги мои, ние сите живееме под духовна закрила на човек што сиот свој живот го потроши учејќи нѐ срцето наше да го направиме широко и сострадално, способно да прости и смирено да побара прошка, да го ослободиме од заробеноста на страстите со Исусовата молитва и да го направиме ризница на нашето најголемо богатство – Богочовекот Исус Христос.

По неговите молитви и на сите Твои Свети, кои освен Тебе ништо друго немаа во овој свет, Господи, прости ни и не оставај нѐ!



Викарен Епископ Јаков Стобиски

 14ти март 2021 лето Господово

 

 

Друго:


Божествена Литургија во Ново Село (15.03.2021 16:14)

Во Неделата на простувањето, викарниот Епископ г. Јаков Стобиски отслужи Божествена Литургија во манастирот „Свети великомаченик Георгиј и свети Антониј Велики“, во Ново Село. Верниот народ на Литургијата с епричести со Светите Христови Тајни.

Извор:

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7390