3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Богојавление (18.01.2022 17:02)

        Не е добро за човек што знае да чита да го толкува прочитаното како што сака, поради недостаток на знаење, острастеност и непросветленост на неговиот разум. Така ништо нема да научи.

Кога читаме за божествените работи, може да разбереме нешто со разумот, ама сфаќаме или проникнуваме само со духовниот разум – со преобразениот и просветлен разум; а може да  ни се открие и многу повеќе од тоа што е напишано, па дури и позадината на напишаното.

Темата за просветлувањето на умот/разумот е суштински поврзана со Светото Крштение, затоа што не е возможно просветлување на умот без активирање на несоздадената благодат или Боженствена енергија на Крштението од срцето на човекот, преку православниот духовен живот.

А нашето, пак, Крштение е суштински поврзано со Христовото Крштение. Рековме дека сè што Богочовекот во Божјиот Домострој направи, за нас и наше спасение го направи, а не за Самиот Себе; и ни го предаде во Црквата на дар што треба да го усвоиме и активираме.

Просветлувањето на разумот, односно просветлувањето на секундарната функција на умот, а со тоа и надминувањето на дуализмот меѓу двете функции на умот, се случува кога преку примарната функција на нашиот ум ја преобразуваме неговата енергија, соединувајќи ја со Божествената несоздадена енергија, сѐ додека доволно не се очисти и суштината на умот и не го доживееме отворањето на срцето за умно-срдечната молитва.

Добро некој рекол: „Човек може убаво да види само со срцето. Тоа што е најважно е невидливо за очите“.

Дури тогаш човек може да ги гледа нештата подобно на Божјото гледиште и да ја види поцелосната слика за човекот и општеството, а не како што нашиот непросветлен и острастен разум ни ги прикажува истите – парцијално, распарчено, спротивставено и површно. Затоа и Богочовекот Христос вели: „Ако светлината [на разумот] што е во тебе е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (Матеј 6, 23).

Во денешното евангелие, на службата за Водокрст, читаме и слушаме дека свети Јован Го крштева Христос. Истото го гледаме и на православната икона Богојавление.

И сѐ е тоа точно и побожно. Но што уште можеме да видиме и сфатиме покрај или зад тоа што го гледаме и читаме? Прво, да си одговориме на ова прашање: Како Богочовекот Христос би ги осветил водите со Своето Крштевање ако Он не е Истиот и што осветува; а ако Он осветува, што ќе Му е крштевање? Да, Тој е Оној што осветува и Нему не Му треба никакво осветување или крштевање, а сѐ прави заради наше спасение.

     Затоа, Он се крсти од свети Јован во водите на реката Јордан, а на самиот Јован Крстител и на сите нас ни овозможи да се крстиме со вода и со Свет Дух. Он се крсти во водата, а водата и сѐ создадено, сета твар, ги освети и ги возобнови – повторно станаа погоден материјал за совршување на Светите Тајни. Нему Му се отворија небесата, а на нашето срце му овозможи да стане влез и седиште на Царството Небесно. Гласот на Отецот од Небесата за Него сведочи: „Тој е Мојот возљубен Син и на Него е Мојата милост“ (Матеј 3, 17), а на сите нас восиновување ни благовести. Да, Бог се јави како Света Троица, а на паднатиот човек му овозможи лично спасение во Црквата – Соборното Тело на воплотениот Син Божји, Богочовекот Христос.

Видовте ли, возљубени мои, како од првобитната слика што ја имавте за Крштевањето Христово добивте друга слика – многу поширока и поцелосна? Што мислите, дали е тоа и последната слика? Не би рекол. Сигурно и од неа има посовршена. Но, ако сакате да ја видите посовршената, потрудете се да ја исполните Христовата заповед за љубов кон ближниот, оти поинаков пат не ни има: „Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина. Кој го сака брата си, тој е во светлината и во него нема соблазна“ – нема затемнување (1 Јов. 2, 9–10).

Зошто нема соблазна? Зашто секое зло претрпено од братот свој, место да го затемни, лично го доживува како Христово прашање до него самиот: „Ме љубиш ли?“ – и на злото одговара со љубов. „А кој го мрази братот свој [и одговара со зло на зло], тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, а не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови [и умот и разумот]“ (1 Јов. 2, 11).

И да не заборавиме, на Богојавление за првпат доаѓа до израз Тајната на царското, новозаветно и есхатолошко свештенство во ликот и делото на свети Јован Крстител. Свети Јован Крстител Го крштева Христос иако тој самиот не е носител на официјалното и институционално свештенство, но затоа е почеток и објавител на тајната на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство, а крај на старозаветното.

Во суштина, Бог секоја Тајна на Домостројот на нашето Спасение, во Црквата, ја восовршува само преку оние кои се удостоиле да бидат носители на новозаветното, царско (внатрешно) и есхатолошко свештенство. Со други зборови, сѐ додека има луѓе, и обични лаици, коишто живеат во покајание, сѐ дотогаш овој свет ќе постои и сѐ дотогаш ќе има смисла да постои. И сѐ дотогаш ќе постои Црквата во која луѓето ќе се спасуваат.

Достигнувањето на вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот, е внатрешно духовно покритие за Светата Тајна Свештенство, но е и личен дар за нас во Црквата, дар на новозаветното царско свештенство, кој ќе нѐ краси и во Царството Небесно.

Господи Исусе Христе, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 

 Извор:МПЦ-ОА