Божествена Литургија во Велјуса (14.10.2023 17:15)

Денес, на празникот Покров на Пресвета Богородица, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

 Naum3.Lit31

            Во беседата на Литургијата Владиката, меѓу другото, рече: „Денешниот апостол вели за нас: ’Вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос!‘ (Филип. 2, 5). Ги имаме ли навистина? Постојано треба да се проверуваме. Зошто? Ние, луѓето, па дури и тие што се нарекуваат христијани, имаме едно тежнеење внатре во нас од сѐ, па дури и од најсветото, да правиме идол; сѐ зависи од нашиот однос кон нештата. Ако тоа што го правиме, го правиме во Божја слава и во полза на Црквата – за спасение на секој конкретен човек, тогаш ние не правиме идоли, но ако правиме за своја слава и корист, ние создаваме идоли – едноставно е.

Naum3.Lit25

              И затоа треба постојано да се проверуваме, затоа што Божјиот печат што го добиваме на секоја Света Литургија, преку Божјото слово што го слушаме и преку Светите Тајни со кои се причестуваме, по некое време избледува. Јасно ни е дека со безобѕирно и страстно барање на човечка слава, богатство и телесни наслади, градиме идолопоклонички однос и идоли; но што е со она што го нарекуваме свето? Исто е. И кон светиот храм, и кон светите икони, и кон свештеничките чинови, и сосуди, и одежди, па дури и кон самото литургиско собрание и учество во него, може да ни се провлече идолопоклонички однос, доколку тоа што го правиме во односот со наброеното, го правиме за наша слава и во наша корист, а секако на нечија штета.

            На пример: градиме и украсуваме храмови со сѐ што е потребно — за наша слава, се китиме самите себе со најразлични одежди — за наша слава и што ти ли не, божем побожно, правиме за наша слава и корист, а на штета на Црквата. Посебно ние, свештенослужителите, не треба од сето тоа да правиме идоли – сето тоа да ни е пред ползата за секој конкретен човек, треба постојано да ги учиме луѓето да внимаваат на својот однос кон нештата, но треба да сме способни и да им го откриеме на луѓето и хоризонтот што се крие зад завесата на видливото – како, на пример, од облечени само во свештенички одежди да со облечеме во благодатта на свештенството; или, како преку храмот црковен цел свет да го видиме како храм; или, како преку олтарот на храмот секое место на кое се наоѓаме и дејствуваме да стане олтар, а ние царско и есхатолошко свештенство; и како во нашиот ближен да Го видиме Христос.

Секој што нема просветленост на умот или е надвор од послушание, автоматски, и без свесно да сака, гради идоли и идолопоклонички однос кон нештата и станува роб на своите идоли. Доволно е и тоа што надвор од послушание, исповед и советување со духовниот отец правиме идол од својот ум, разум. Побожниот однос кон нештата, т.е. личносниот однос кон Бог, е тоа што „нема да ни се одземе“, како што ни објаснува Богочовекот Христос во денешното евангелие. А под посебниот Покров на Богородица идолопоклониците, т.е. робовите на своите идоли — не влегуваат.“

 Naum3.Lit30

 Naum3.Lit32

Naum3.Lit26

 Naum3.Lit27

 Naum3.Lit28

 Naum3.Lit29

 Извор:

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7873

 

Друго:

Евангелие и поука за 14/10/2023

Евангелие на празник: Свето евангелие според светиот апостол Лука 10:38-42;11:27-28

38. И кога одеа, влезе Он во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом.
39. А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово.
40. Марта се беше, пак, зафатила со многу работи и, кога застана, рече: „Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ? да ми помогне!”
41. А Исус ? одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи.
42. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ? се одземе.”
27. А кога го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!”
28. А Он рече: „Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат.”

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 5:17-26

17. Еден ден, додека Он поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Он имаше сила Господова да лекува.
18. И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше фатен, и сакаа да го внесат и положат пред него;
19. па, како не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постелата насреде пред Исуса.
20. А Он, штом ја виде верата нивна, рече: „Човеку, ти се простуваат гревовите!”
21. Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен единиот Бог?”
22. А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: „Што размислувате во срцата свои?
23. Што е полесно да се каже: »Ти се простуваат гревовите,« или да кажам: »Стани и оди«?
24. Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите” – па му рече на фатениот: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!”
25. И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога.
26. Ужас ги опфати сите и Го славеа Бога; па, како се исполнија со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!”

Апостол на празник: Послание на светиот апостол Павле до Филипјаните 2:5-11

5. Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос,
6. Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога;
7. но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек;
8. Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.
9. Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име,
10. та во името на Исуса да ги преклони колената на сe што е небесно, земно и подземно,
11. и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот.

Апостол на денот: Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 15:58;16:1-3

58. И така, браќа мои возљубени, бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден.
1. А што се однесува до собирањето милостиња за светиите, правете и вие онака, како што уредив по црквите во Галатија:
2. во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам.
3. А кога ќе дојдам, оние што ќе ги предложите, нив со писма ќе ги испратам, за да ја однесат вашата милостиња во Ерусалим.

Поука на денот: Старец Ефрем Филотејски
Името на Исус Христос што го повикуваме во молитвата, во себе содржи самобитна и самодејствена сила на исправување.