Naum3.Lit36

Божествена Литургија во Велјуса (30.10.2023 12:13)

Naum3.Lit35

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

Naum3.Lit37

„Во денешново евангелие Богочовекот Исус Христос не ни говори толку за исправно мислење или верување, колку за прав опит и за знаење произлезено од истиот. Христос ни говори за знаење како познание – кое произлегува од подвигот на градење лична заедница со Бог во Црквата, а не за знаење и мислење кое произлегува само од читање книги и собирање информации, односно од гордоста на умот.         

Богочовекот сака да ја покаже токму таа разлика со прашањето до Своите ученици, и тоа додека биле со Него насамо – од што се гледа посебниот однос: „А вие, за кого Ме мислите?“, и токму за да го предизвика одговорот на Петар, што очигледно произлегува од опитот на посебна лична заедница со Бог и ја потврдува истата: „За Христа Божји“. И гледате ли како веднаш потоа вистинскиот учител ги поучува Своите ученици, иако ја дознале Неговата небесна слава, да не Го прославуваат на земјата додека е жив?

Читајте убаво: „И Он строго им заповеда, никому да не кажуваат за тоа, велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне“. И гледате ли колку, во случај на личен опит со некого, е небитно невештото мислење на народот, на луѓето, за истиот, кои и така сѐ и сешто си помислуваат и нагаѓаат за оние што стануваат предмет на нивниот разговор, како во примерот со Господ: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци“; дури и во најдобар случај – кога не осудуваат; ако има таков случај...“ –

Naum3.Lit38

Митрополит Струмички Наум

Naum3.Lit40

 Naum3.Lit39

 Naum3.Lit41

 MPC-OA

 http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7877