БЕСЧУСТВИТЕЛНОСТ


               Бесчувствителноста е, пред сѐ, прелест на срцето. Кога некој, денес, пишува за бесчувствителноста, не може, а во помала или поголема мера, да не пишува и против самиот себе. Во следниот пасус ќе ви се појасни зошто. Сега, прво ќе го цитираме великиот свети Јован Лествичник: „Бесчувствителниот... е безумен философ, учител кој со своето учење се осудува самиот себе, адвокат кој ја застапува противничката странка, слепец кој учи како да се гледа“.
Бесчувствителноста е главна карактеристика на луѓето со растројство на Божествениот лик во себе. Таквите лица се општопознати како психопати и социопати. Но, се појавува поголема опасност и од активното растројство на личноста, а тоа е пасивната социопатија. Каква е пасивната социопатија, како таа настанува и што е лекот за неа, ќе се обидам да ви објаснам во редовите што следат.
Модерниот човек е просто бомбардиран, преку електронските медиуми, за многу и најразновидни несреќи, најчесто со смртни последици, а тој, просто, нема ни време, ни знаење како тоа да го процесуира во себе, без притоа да претрпи поголеми негативни последици. Бесчувствителноста е една од лошите последици, која кај модерниот човек се појавува како пасивна социопатија.
Што, накратко, значи пасивна социопатија? Тоа е кога човек активно не прави никакво зло никому, но истовремено е бесчувствителен за страдањето на луѓето околу себе и за сите останати за кои слуша дека многу страдаат; и не помага никому. Пасивната социопатија е најпроширената болест на новото време. Нема човек кој, помалку или повеќе, не е зафатен од оваа болест. Јас би ја класифицирал според концептот дискаунт матрица – како највисоко ниво на дискаунт, односно игнорирање како заштитен психолошки механизам кој, од друга страна, всушност е потиснување; а тоа, пак, е сигурна основа за други психо-соматски болести – само прашање е на време кога ќе се појават.
Единствен лек против оваа модерна пандемија е молитвата за целиот свет. Времето е такво што сите треба да се префрлиме на постојана молитва за цел свет, и тоа треба да ни биде единствената идеја секогаш кога ќе застанеме на молитва. Само тогаш нашата молитва ќе добие сериозност и покајание. Само таква молитва Бог слуша.
Кога застануваме на молитва со свесноста дека Христос ни е покајание и сѐ, тогаш сериозноста и покајанието произлегуваат од таа свесност, а кога се молиме за целиот свет, а посебно за оние кои конкретно страдаат, тогаш сериозноста, покајанието и концентрацијата ни доаѓаат, покрај од Богочовекот Христос, и некако природно, од нашата човечност – што е најдобра варијанта. Но, ова е тема за другпат.
Исто така, битна е и конкретната помош на дело. Сум ви напишал, ако меѓу две одења на црква не сте нашле некого да му помогнете конкретно – а сте можеле, немојте ни да се причестувате; да не испадне, на крајот, нашата вера – како малиот христијанин си го замислувал „духовниот“ живот. Ако не се потрудиме конкретно да помогнеме, ќе останеме обични, религиозни, пасивни социопати.
На многуте информации за несреќи, кои несвесно и постепено нѐ прават пасивни социопати, можеме единствено да им се спротивставиме со молитва за секоја поединечно чуена несреќа, како и со конкретна помош – таму каде што можеме. Исто така, на пример, не треба да гледаме и филмски проекции и информативни емисии кои содржат насилство, затоа што несвесно ја зафаќаме ко божем страната на „доброто“, а последицата е повторно иста – пасивна социопатија. Истото се случува и кога безрасудно ги прифаќаме колективните несвесни шеми и ја заземаме личната, семејната, политичката, националната, „црковната“ и која било друга страна, наместо Христовата, а последиците се истите. Итн., итн.
Лошата навика е главниот проблем и во случај на пасивната социопатија и во многу други бесчувствителности, како – комформизмот, раслабеноста на подвигот, млаката лична молитва, безбожниот или безличен или игнорантски однос кон својот Епископ (иако од односот кон Епископот им зависи целиот живот на луѓето – знаеле или не, сакале или не), безверниот и ладен однос кон Светата Литургија и Светата Причест (кога би ја служеле во полна благодат, не би можеле ни да ја довршиме), итн. На лошата навика ќе ѝ се спротивставиме со добра пракса.
Пресвета Богородице, спаси нас!


Митрополит Струмички Наум