venko.andonovski4.jpg

Благочестиви Христијани!
Ќе беседам овојпат за оние пороци што како пиреј се насрчиле на нашите души, и бидејќи и ние, Македонците, сме смртни и слаби, како и сиот човечки род, не сме отпорни ни на нив. Од тие пороци треба да се чуваме, како ангели од ѓаволот, за да можеме, секој за себе, да учествуваме во Светата Црква Наша, со подигање на својот храм. Тој духовен храм што го подигаме, секој од нас го подига најпрвин во себе самиот. Тој храм е внатрешен, а не надворешен. Но, тоа не значи дека не се гледа.
За зависта ќе говорам и за лицемерието.
Зависта е молец. И, како што молецот ја јаде ткаенината во која живее и која прави да му биде топло, така и зависта ја јаде душата во која живее, сè додека не остане без неа. Затоа е речено: завидливиот човек останува без душа.
И ние сме завидливи, затоа што сме луѓе. Зависта е човечка. Но таа може и да се искорени. Тоа е една од најважните задачи на секој Христијанин. Токму поради зависта ние и останавме без Спасителот Наш на Земјата: го распнаа оние кои му завидуваа на моќите и љубовта. Зависта се раѓа кај оние кои имаат ленива душа и не сакаат да работат врз себе. Тие им завидуваат на од Господа дарените и на оние кои трудољубиво работат врз своите занаети, работејќи така и врз својата душа. Оти нема поважен занает од тоа да бидеш човек кој работи врз својата душа. Добар земјоделец, добар архитект, добар математичар или филозоф не значи и добар - човек.
Затоа, брате и сестро, никогаш не бој се ако фатиш завист во душата своја. Но, тоа зрно не сеј го на таа плодна почва душа што се вика човечка; тоа зрно фати го, истреби го од лицето на својата душа и фрли го, по вода да оди, по ѓаволите. На местото од зрното на зависта посади зрно на воодушевување: кога ќе видиш дека некој изѕидал поубава куќа од твојата, помисли: „Колку е убава куќата на соседот мој, затоа што не неговата, туку раката на Бога го градела!” Ако си краснописец или краснословец, а некој напишал поубави букви и изрекол помудри слова од твоите, не дозволувај зависта да ти јурне како лоша крв во лицето, па да помислиш: „Па што, можам така и јас!”, туку помисли: „Раката на мојот ближен водена била од раката на Бога, та затоа нарисал букви и слова прекрасни”. Ако си трговец, а кесето на твојот сосед е пополно од твоето, помисли: „Тоа Господ го полни кесето на мојот ближен, а не самиот тој”. Ако така мислиш, и твојата рака и твојот ум и твоето срце набргу ќе ги поведе Он.
Велат дека зависта се раѓа само кон совршенството. Но тоа не е така. Зошто тогаш не му завидуваме Нему, на Бога? Ние си завидуваме меѓусебно: има ли тоа смисла? Ако сме несовршени, тогаш и најсовршеното меѓу нас не е доволно совршено: зошто тогаш завист, кога несовршеното, колку и да е добро, никогаш не е најдобро?
За лицемерието сега, неколку зборови. Велат дека лицето може да покаже толку многу значења, колку што нема зборови во сите јазици под небесата. Анатомите избројале стотина мускули на лицето од човекот, кои учествуваат во создавањето изрази: фацијални експресии или мимики. Затоа се вели: лицето е огледало на душата - тоа никогаш не лаже. Лицето е единствениот видлив орган на душата. Болка, радост, смеа, тага. Сето тоа се изрази, “зборови” на нашето лице, “органот” кој е во директна врска со срцето и душата, и кој сам од себе никогаш не лаже. Но, за жал, тоа не значи дека некои од нас не го злоупотребиле тоа чисто огледало (“јасно лице како јасно сонце”, вели народот), токму за да излаже!
И затоа: зошто, сестро и брате, понекогаш толку напори да се одглуми радост или тага, кога нешто му се случува на ближниот наш? Од каде таа лоша, демонска навика да се прилагодува сопственото лице, без внатрешни чувства, кон она што ближниот би сакал да го види на нашиот образ? Лицемер е тој што внимателно го мери лицето на ближниот, па според него заклучува какви чувства би му донесле лична полза: потем, според таа мера го прилагодува и сопственото лице, па најчесто ласка и се додворува, или се радува заедно со оној кому му ласка, или плаче со него, според потребата. Тоа воопшто не е Христијанин. Христијанин е оној кој во лице, без да го мери нашето, ниту да го одмерува своето, ни кажува што мисли. Кога нешто лошо сме сториле, тој треба да ни го каже тоа што го мисли, а не она што ние сакаме да го чуеме. Лицемерот се додворува, затоа што бара полза од нас. Тој не е вистински пријател, дури не е ни искрен непријател: тој е како ластовичка. Се враќа кога ќе потстопли, нè напушта кога ни е студено. Со нас е во радост, бега од нас во неволја.
Затоа, сестри и браќа, не ставајте маски на своите прекрасни, благочестиви лица. Не бидете притворни, лицемерни, додворувачи, полтрони. Не бидете ни завидливи, одмаздољубиви, гневни на успесите на ближниот.
За секогаш да знаеш дали си лицемерен или не, постави си го ова прашање: дали можам да плачам со мојот ближен кога му е тешко? Веројатно одговорот ќе биде – “да”, и тоа е добро. Но, тоа уште не е сигурен доказ дека не си лицемерен, затоа што тагата може и да се одглуми. Вистинското, второ прашање што треба да си го поставиш, гласи: „Дали можам да се радувам со мојот ближен кога е во добивка?” Радоста потешко се глуми од тагата, како што и љубовта потешко се глуми од омразата. Ако одговорот на второто прашање е – “не”, тогаш треба сериозно да се задлабочиш во својата душа.
И да го искорениш она зрно завист што те претвора во молец што самиот ќе си ја изеде ткаенината во која живее.      

Извор: ППРЕМИН бр.55 - 56