Преподобен Макариј Велики

 

50 Б Е С Е Д И
ЗА СОВРШЕНСТВОТО

monah.osvet.shuma.jpg
БЕСЕДА 1

Алегорично објаснување на видението опишано
од пророкот Језекиил

1. Пророкот Језекиил раскажал за божественото и славно јавување и видение, што го видел, и го опишал како јавување полно неискажани тајни. Видел херувимска кола со четири духовни животни. Секое животно имало четири лица: лавовско, орловско, и уште лице на теле и на човек. Секое лице имало крилја, така што не можело да се знае каде е предната, а каде е задната страна. „Наплатите (наплата - дел од дрвено тркало) нивни беа... полни со очи”, исто така и градите им биле полни со очи и немало место каде што немало очи. Секое лице поседувало по три тркала, сместени едно во друго, а во тркалата се наоѓал нивниот дух. Пророкот видел нешто слично на човек, кој како да седи на сафирен престол. Оваа кола, односно херувимите и животните, го носела седнатиот Владика. Каде и да посакал Тој да оди, животните секогаш биле свртени кон Него со лицето. Под херувимите пророкот видел нешто слично на „човечка рака”, која ги држела и ги носела (Језек. 1, 5-28).
2. Тоа што го видел пророкот во занес било вистинито и несомнено. Но виденото укажувало на нешто друго, било праслика на нешто таинствено и божествено, на тајната што е од почетокот скриена од родовите, а објавена во последните времиња преку Христовото доаѓање. Пророкот ја согледал тајната на душата што треба да го дочека својот Господ и да стане престол на Неговата слава. Зашто душата, којашто Духот ја приготвил за свој престол и стан, а потоа ја удостоил да се приопшти кон Неговата светлина и ја осветлил со убавината на Својата неискажана слава, целата станува светлина, целата лице, целата око. Во неа нема ниту еден дел што не е полн со духовните очи на светлината, односно во неа нема ништо затемнето. Целата е претворена во светлина и дух, целата е полна со очи и нема последна или задна страна, туку од секаде се покажува со лицето, затоа што на неа слегла и седи неискажаната убавина на славата на Христос-Светлината. Сонцето секогаш е слично на себе, секогаш е целосно сонце. Во него ниту еден дел не е последен или недоволен. Тоа се состои од еднакви делови, па целото болска од светлина и целото е светлина. Слично и огнот, т. е. светлината на огнот целата е слична на себе и во себе нема ништо прво или последно, ништо поголемо, ниту помало. На истиов овој начин, душата, целосно осветлена од неискажаната убавина на славата на светлината од Христовото лице, којашто стапила во совршено општење со Духот Свет и се удостоила да стане живеалиште и престол на Бога, целата станува око, целата светлина, целата лице, целата слава, целата дух. Така ја приготвил, на добар начин ја устроил и со духовна убавина ја украсил Христос, Кој и ја носи, ја води, ја одржува и подига. Зашто, кажано е дека под херувимите имало „човечка рака” (Језек. 1, 7). Христос истовремено е носен од душата и ја раководи.
3. Четирите животни што ја носеле колата претставувале образ на господаречките сили на разумната душа. Како што орелот царува над птиците, лавот над дивите ѕверови, волот над кротките животни, а човекот над сите творби, така и во разумната душа постојат сили што царуваат, т.е. волјата, совеста, умот и силата на љубовта. Тие ја управуваат душевната кола, во нив почива Бог. Според едно друго објаснување, ова се однесува на небесната Црква на светите. Како што зборува пророкот за животните, дека нивната висина била неизмерна, дека биле полни со очи и никој не можел да знае колку очи имаат на број, ниту пак да ја знае нивната височина, бидејќи тоа не било дадено да се знае, и како што на секој човек му е дадено да ги гледа ѕвездите на небото и да им се восхитува, но никому да го знае нивниот број, така на сите што сакаат да се подвизуваат им е дадено да влезат во небесната Црква на светите и да се насладуваат во неа, но знаењето колку се светите на број Му припаѓа само на Бога. Оној што седи на колата и на престолот од сеочестите животни, односно во секоја душа што станала Негов престол и стан, око и светлина, патува и јури седејќи на неа и ја управува со уздите на духот како што само Тој знае. Како што духовните животни не оделе каде што самите сакале, туку каде што мислел и сакал Оној што седел врз нив и ги управувал, така Тој и душите ги управува, води и им го покажува патот преку Својот Дух. Значи, душите не се издигнуваат на небата по своја волја, кога тие сакаат, туку Бог ја насочува душата, откако ќе го слече телото, со мислата да се стреми кон небата и, повторно кога Му е Нему згодно, таа се движи во плотта и во помислите, по Негова волја таа стигнува до краиштата на земјата и Тој е Оној што ñ ги открива тајните. О, навистина најголем, благ, единствен и вистински Уздодржец! Значи, ако душата е прославена уште сега и се соединила со Духот, тогаш и телата ќе учествуваат во воскресението.
4. Сам Господ им рекол на апостолите дека душите на праведниците стануваат небесна светлина: „Вие сте светлина на светот” (Мат. 5, 14). Откако ги претворил во светлина, Самиот повелал светот да се просветлува преку нив, па вели: „Ниту пак светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина” (15, 16). Ова значи: Не кријте го дарот што сте го добиле од Мене, туку соопштувајте им на сите што сакаат да слушнат. И уште: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде светло, и целото твое тело ќе биде светло. А ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината што е во тебе е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?” (Мат. 6, 22 и 23). Како што се очите светлина за телото и кога се здрави, осветлено е целото тело, а кога нешто ќе влезе во очите, па ќе се помрачат, целото тело ќе се најде во мрак, така и апостолите биле поставени како очи и светлина за целиот свет. Затоа Господ, заповедајќи, им рекол: „Ако вие, кои сте светлина за светот, издржите и не паднете, тогаш ќе се просветли целото тело на светот. А ако се помрачите вие, кои сте светлина на светот, тогаш колку ќе се помрачи темнината, т. е. светот?” Значи, откако апостолите станале светлина, им послужиле како светлина на оние што веруваат и им ги просветлиле срцата со небесната светлина на Духот, со која и самите биле просветлени.
5. Тие биле и сол, па така секоја верна душа ја отворале и ја посолувале со солта на Светиот Дух. Зашто Господ им рекол: „Вие сте солта на земјата” (Мат. 5, 13), со „земја” означувајќи ги човечките души. Апостолите им послужиле на човечките души како небесна сол на Духот, ги отвориле и направиле да не гнијат и да не смрдат. Како што непосоленото месо почнува да гние и да шири силна и неподнеслива смрдеа, која ги одвраќа сите, и во него лазат црви, кои таму си наоѓаат храна и гнездо, и го јадат, но штом ќе се посипе сол црвите што се хранат со месото се истребуваат и умираат и престанува одвратната реа, бидејќи солта, според својата природа, ги истребува црвите и ја уништува смрдеата, исто така и секоја душа непосолена со Светиот Дух, недопрена од небесната сол, т. е. од Божјата сила, почнува да гние и да ја шири силната смрдеа на лукавите помисли. Тогаш лицето Божјо се одвраќа од страшната смрдеа на суетните помисли на темнината и од страстите што живеат во таквата душа. Во неа се вовлекуваат зли и страшни црви, т. е. лукавите духови и мрачните сили, таму се хранат, се гнездат, лазат, ја подриваат и развратуваат. Зашто кажано е: „Смрдат и гнијат раните мои” (Псал. 37, 5). Но штом душата ќе прибегне кон Бога, ќе поверува и ќе ја испроси за себе солта на животот, благиот и човекољубив Дух, слезената небесна сол во неа ги истребува страшните црви, го уништува штетниот лош мирис и ја очистува со дејството на Својата сила. Така, кога вистинската сол ќе ја оздрави и исцели, душата одново се става во употреба и во служба на небесниот Владика. Од таа причина, за да се означи ова, Бог и во законот заповедал секоја жртва да се посоли со сол (3. Мој. 2, 13).
6. Најпрвин свештеникот требало да ја заколе жртвата и таа да умре, потоа да ја исече на делови и да ја посоли, и дури на крајот да ја стави на огнот. Зашто ако свештеникот претходно не ја заколе и не ја усмрти овцата, таа не се посолува и не се принесува заради сеплодност пред Владиката. Така и кога нашата душа Му пристапува на вистинскиот првосвештеник Христос, потребно е да биде заклана и да умре за своето мудрување и за лошиот живот што го живеела, односно за гревот. Неа треба да ја напушти итрината на страстите, како што животот ја напушта жртвата. Како што телото, кога душата ќе излезе од него, умира и не го живее веќе истиот живот, не слуша, не се движи, така и кога небесниот првосвештеник Христос, преку благодатта на Својата сила, ќе ја предаде душата на колење и во неа ќе го усмрти животот за светот, таа умира за тој лукав живот што го живеела и веќе не слуша, не зборува, не живее во темнината на гревот. Бидејќи итрината на страстите, која е душата на таквиот живот, по благодатта излегува од него. Апостолот повикува и вели: „За мене светот е распнат, а и јас за светот” (Гал. 6, 14). Додека душата живее во светот и во темнината на гревот, Христос не ја усмртил, па таа во себе сè уште ја носи душата на порокот, односно дејството на темнината на гревовните страсти, и со ова се храни, таа не му припаѓа на Христовото тело, не му припаѓа на телото на светлината, туку е тело на темнината и сè уште се наоѓа на страната на темнината. И обратно, тие кои во себе ја имаат душата на светлината, односно силата на Духот Свет, се наоѓаат на страната на светлината.
7. Можеби некој ќе каже: Зошто душата ја нарекуваш тело на темнината, кога таа не е производ на темнината? - Внимавај на следново и разбери го правилно. Исто како што секојдневната облека што ја носиш ја направил друг, а ти ја облекуваш, и како што куќата ја изградил и наместил друг, а ти живееш во неа, така и Адам, кога ја престапил Божјата заповед и ја послушал итрата змија, му се продал и предал во посед на ѓаволот, па во душата, таа прекрасна творба, што Бог ја направил според Својот образ, се облекол лукавиот, како што вели и апостолот: „Откако ја одзеде силата од началствата и властите”, ги победи на крстот (Кол. 2, 15). Господ токму затоа и дошол, да ги истера нив и да си го поврати сопствениот дом и храм - човекот. Затоа душата се нарекува тело на лукавата темнина, додека во неа престојува темнината на гревот, бидејќи таа таму живее и е содржана како продолжеток на лукавиот век на темнината, како што вели апостолот кога зборува за гревовното тело и телото на смртта: „За да биде уништено гревовното тело” (Рим. 6, 6) и уште: „Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?” (Рим. 7, 24). Спротивно на ова, душата што поверувала во Бога се избавила од гревот, умрела за мрачниот живот и во себе ја примила светлината на Духот Свет како живот и во таа светлина оживеала овде и го поминува својот живот; бидејќи овде се одржува од светлината на Божеството. Зашто душата ја нема Божјата природа, а исто така не потекнува ниту од природата на лукавата темнина, туку таа е умна творба, полна со убавина, голема и чудесна, прекрасно подобие и образ на Бога, а итрината на мрачните страсти влегла во неа како последица од престапот.
8. Најпосле, душата му припаѓа на тој со кого е во општење и со кого е соединета преку своите желби. Затоа, или таа, имајќи ја во себе Божјата светлина и живеејќи во неа и украсувајќи се со секоја добродетел, учествува во светлината на спокојството, или, имајќи ја во себе гревовната темнина, подлежи на осуда. Зашто душата којашто сака да живее во Бога, во вечното спокојство и светлина, според претходно кажаното, неопходно е да Му пристапи на вистинскиот архиереј Христос, да се предаде на колење, да умре за светот и за претходниот живот на лукавата темнина и да се претстави во другиот живот за божественото воспитание. Ако некој умре во градот, не слуша ниту глас, ниту зборови, не ја слуша ниту бучавата на тие што живеат во градот, туку штом ќе умре го пренесуваат на друго место, каде што не се слушаат гласовите од тој град. Исто така и душата, штом ќе се предаде на колење и ќе умре во градот на штетните страсти, во којшто живеела и го поминувала времето, во себе веќе не го слуша гласот на разговорите на темнината, во неа веќе не одекнува говорот и повикот на суетното беседење и метежот на духовите на темнината, туку се преселува во градот исполнет со благост и мир, во градот на божествената светлина. И таму таа живее и слуша, таму граѓанствува, разговара и беседи, таму врши дела духовни и достојни на Бога.
9. Затоа и ние да се молиме преку Неговата сила да го примиме заколувањето и да умреме за лукавиот век на темнината, за во нас да биде истребен духот на гревот, за душата во себе да го прими небесниот Дух, да се облече во Него, да се пресели од гревовната темнина во светлината Христова и цели векови да почива во живот. Како што на тркалиштето колите јурат и таа што ќе излезе напред ја задржува другата и ñ пречи да излезе напред и да победи, така и во човекот се пронесуваат душевните и гревовни помисли, и ако гревовната помисла успее да излезе напред, таа ја задржува душата и ñ пречи да Му се приближува на Бога и да го победува гревот. А каде што седи и управува со душата самиот Господ, таму Тој секогаш победува, искусно и постојано управувајќи со уздите, управувајќи ја колата на душата кон небесниот и божествен образ на мислата. Тој не влегува во кавга со гревот, туку како Оној што ја има целата моќ и целата власт, секогаш Самиот ја решава победата. Затоа херувимите не одат таму каде што самите сакаат да одат, туку каде што ги управува Оној што седи на нив и управува со нив. Каде што Му е Нему угодно, таму тие одат, таму ги носи Тој Самиот. Зашто кажано е: „рака човечка” ги држела. Светите души одат и се управуваат со духот Христов, Којшто управува каде што Му е Нему угодно. И кога Му е Нему угодно, тие се носат во небесните мисли, и исто кога Му е Нему угодно, во телото. Каде што Му е Нему угодно, таму и Му служат. Како што птиците со нозете им служат на крилјата, така небесната светлина на Духот ги восприема крилјата на мислите достојни за душата и ги управува и носи каде што Тој знае.
10. Затоа, штом ќе го слушнеш ова, обрни го вниманието на самиот себе, дали твојата душа реално и вистински го стекнала ова? Зашто ова не се само искажани зборови, туку дело што навистина се извршува во душата. И ако не си ги стекнал овие духовни блага, туку сè уште си беден, тогаш неопходно е непрестајно да тажиш, да плачеш и да чувствуваш болка. Како мртов уште пред настапувањето на царството и како изнаранет, секогаш повикувај кон Господа и со вера проси и ти да го добиеш овој вистинит живот. Бог, Кој го створил ова тело, не му дал тоа од себе самото, т. е. од својата природа, да го добива животот, да ја добива храната, пиењето, облеката, обувките. Туку, напротив, откако го создал телото само по себе голо, така устроил, сè што е неопходно за живот тоа да добива однадвор, па така за телото е невозможно да живее без она што постои надвор од него, т. е. без храна, пиење, облека. А ако се ограничи на она што е внатре во неговата природа, без да зема ништо однадвор, тогаш се распаѓа и гине. Исто така и душата, којашто во себе ја нема Божјата светлина, а створена е по Божјиот образ (зашто така домостроил и благоволил Бог - таа да го има вечниот живот), духовната храна, духовното пиење и небесните облеки, коишто работи и го сочинуваат вистинскиот живот на душата, не ги прима од својата сопствена природа, туку од Неговото Божество, од Неговиот сопствен Дух, од Неговата сопствена светлина.
11. Како што во телото, според кажаното, животот не е од самото тело, туку од она што е надвор од телото, т. е. од земјата, и без она што постои надвор од него телото не може да живее, така и душата, ако уште сега не се роди во онаа земја на живите и ако таму не се храни духовно и не расте духовно, преуспевајќи пред Господа, и ако неа Божеството не ја облече во неописливите облеки на небесната убавина, тогаш без таа храна таа не може сама по себе да живее во наслада и спокој. Зашто природата Божја го има и Лебот на животот - Оној Кој кажал: „Јас сум лебот на животот” (Јован 6, 35) и „вода жива” (Јован 4, 10) и „виното што го весели срцето на човекот” (Псал. 103, 15) и „елеј на радоста” (Псал. 44, 7) и многуобразната храна на небесниот Дух и светлоносните небесни одежди што ги подарува Бог. Во тоа и се состои небесниот живот на душата. Тешко на телото кога останува на својата природа, затоа што се распаѓа и умира. Тешко и на душата ако останува на својата природа и се надева само на своите дела, без да има општење со божествениот Дух, затоа што умира, без да се удостои за вечниот божествен живот. Како што ја губиме надежта за болните кога нивното тело веќе не може да прима храна и за нив плачат сите блиски, другари, роднини и пријатели, така и Бог и светите ангели ги сметаат за достојни за солзи душите кои не ја јадат небесната храна на Духот и не живеат во нетление. И уште еднаш повторувам - ова не се само искажани зборови, туку самата реалност на духовниот живот, реалноста на вистината, којашто се одвива во душата достојна и верна.
12. Значи, ако си се направил Божји престол и ако во тебе нашол седиште небесниот Уздодржец, и целата твоја душа станала духовно око, целата светлина, ако си нахранет со онаа небесна храна на Духот и напоен со живата вода, ако си се облекол во облеките на неописливата светлина, ако твојот внатрешен човек преку опит и јасно го разбрал сево ова, тогаш навистина живееш со вечниот живот и твојата душа уште сега се успокојува со Господа. Ти реално си го стекнал и си го примил ова од Господа за да живееш со вистинскиот живот. А ако во себе не сознаеш ништо такво - тогаш плачи и жали и тагувај. Зашто ти досега сè уште не си го стекнал вечното и духовно богатство. Досега сè уште не си го примил вистинскиот живот. Затоа, скрушувај се поради бедата своја, дење и ноќе моли Го Господа, затоа што се наоѓаш во страшна гревовна сиромаштија. О, кога некој би го стекнал макар само ова жалење поради својата беда! О, кога не би го поминувале времето во безгрижност како пренаситените! Кој жали и сака, и неотстапно проси од Господа, најскоро ќе го добие избавувањето и небесното богатство, како што кажал Господ, заклучувајќи го словото за неправедниот судија и вдовицата: колку повеќе пак Бог ќе им отплати на оние што повикуваат кон Него дење и ноќе? Ви велам: набргу ќе им отплати (Лука 18, 7 и 8). Нему слава и држава во вековите! Амин.

 

 Издавач: ЃаконијА

Превод: о. Игор Калпаковски

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

Beseda36.jpg