Синаксис во манастирот на свети Антониј Велики во Ново Село (19.07.2009)

 

19 јули 2009 год.- манастир на св.Антониј Велики,  Ново Село



 

Достојни за Царството Божјо

 А друг еден рече: „Господи, ќе одам по Тебе, но дозволи ми најнапред да се простам со своите домашни“. Исус, пак, му рече: „Никој што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за Царството Божјо“ (Лука 9, 61-62).

Деца, уште од моментот на самото свето Крштение повикани сме, согласно светиот  апостол Павле, да се сметаме мртви за гревот, и живи за Бог, во Христос Исус, нашиот Господ (Рим. 6, 11), со други зборови, тоа не значи ништо друго освен во најмала рака во својот духовен раст да го достигнеме нивото на просветленост на умот. Секако, сите ние што дојдовме во манастир не сме го оствариле нашето назначение и не сме го оправдале нашиот призив, инаку, да не беше така како што ви велам, зошто воопшто требаше да дојдеме овде? Уште еднаш малку појасно ќе ви кажам: токму нашето доаѓање во манастир е сведоштво, показател дека сме ние промашени случаи во однос на нашите светотаински, крштелни завети. Реченото уште повеќе важи под претпоставка дека не од други причини сме дошле во манастир, туку сме дошле токму со оваа свест – дека нашиот христијански призив е промашен и дека во услови на живот во светот не наоѓаме доволно цврста волја да се избориме за нашата цел. Како и дека од опит сме сфатиле дека вистинит и праведен е нашиот Господ Богочовекот Исус Христос кога вели дека не праведните и здравите дојде да ги спаси, туку болните и грешните.

Но, дури и да не сме дошле од тие причини и со таа идеја во манастир, никогаш не е касно и ништо не е страшно. Од напишаното и истолкуваното од Светото Писмо, од светите Отци, од самиот опит, од моите совети и од манастирскиот типик набргу ќе забележиме дека е добро што сме дошле тука во засолништето на благословот на нашиот духовен отец токму заради раслабеноста и немоќта на нашата волја да се судриме на полето од светот, кој целиот во зло лежи (1.Јован 5,19), со духовите на злото од поднебесјето. Кога велам дека не сме дошле од причини на нашата грешност и болност, не значи дека не сме дошле од добри причини. Добри причини, кои во моментот можат да преовладаат при одлучувањето, се и силата на првата благодат или желбата свесно и од љубов да Му го посветиме нашиот живот Нему. Но, како што реков, најсигурна причина, која нема да го донесе и светот заедно со нас во манастирот, е свесноста за нашата грешност и болност, односно свесноста за нашиот неуспех во светот. Затоа што дејството на првата благодат ќе помине, а ќе помине и дејството од занесот на заљубеноста, но сеќавањето на срамот од претрпениот пораз и желбата за конечна победа кај ниеден вистински Христов воин не избледува.

А, најголема опасност за монашкиот подвиг, деца, е токму тоа: заедно со нас во манастирот да го донесеме тоа од коешто наводно во прв момент сме се откажале – светот.  Светот, нели, во смисла на страстите и на гревот. Светот, пред сè, во смисла на гордоста како причина за секој пад. Знаете убаво што значат зборовите на нашиот апостол Павле: за мене светот е распнат а и јас за светот (Гал. 6, 14). Да се потсетиме, реченото од Апостолот значи дека не само што сме го оставиле светот надворешно туку и дека внатрешно сме се одрекле од него. Е сега да ве прашам деца, а ова ми е и најголем мотив за овој собир: ако ние со доаѓањето во манастир ниту надворешно не сме се одрекле од светот, тогаш со кој памет очекуваме и внатрешно да се ослободиме од него? Нели тогаш ќе се активира важноста на Христовите зборови за нас: „Никој што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за Царството Божјо“ (Лука 9, 61-62). Вие добро знаете што значи тоа, особено што тоа Царство е внатре во нас. Значи, дека никогаш нема да го очистиме срцето од страстите, дека благодатта на Крштението никогаш нема да ни се открие внатре од него, дека енергијата на умот никогаш нема да се соедини со својата суштина во срцето (што е причина на секоја шизофренија), дека никогаш нема да го познаеме местото на срцето, дека никогаш нема да го добиеме дарот на умносрдечната молитва и дека нашиот ум никогаш нема да биде просветлен. Кога велам никогаш, мислам никогаш додека сме живи во овој свет и век. Затоа што: Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат (Јаков 4, 6).

Кога, не дај Боже, сето ова би се случило на крај со кој било од нас, тоа не би значело ништо друго освен дупло промашување. Ја промашивме целта после Крштението, ја промашуваме и сега ако не се покаеме, при обидот повторно да ја постигнеме преку монашкото посветување. Затоа што иста е целта и во двата случаи: во својот духовен раст да го достигнеме нивото на просветленост на умот. А како можеме да бидеме просветлени ако сме заробени од гревот на гордоста и од големата идеја за самите себе, што е главната човекова болест, и умртвени за умносрдечната молитва. И како што е иста целта, така е ист и терминот што е својствен и што го користиме и за Крштението и за монашењето – просветлување. Погледнете го само текстот на црковните служби од двете свети Тајни и подеднакво таму ќе го сретнете терминот ‘просветлување’. И како што се исти и целта и терминот, така е иста и подготовката за двете светотаински случувања. Велам светотаински, затоа што таму каде што се појавува благодатта на Светиот Дух и таму каде што се простуваат гревовите, таму е сè света Тајна, без разлика мала или голема. Сите, пак, свети Тајни извираат и пак се влеваат, збогатени од нашиот слободноволев подвиг во исполнување на Божјата волја, во централната света Тајна – Црквата, Телото Христово.

Што конкретно значи тоа да се внесе светот во манастир? Тоа вообичаено се случува, како што реков, откако ќе помине дејството на првата благодат или кога ќе помине дејството од занесот на заљубеноста. Тоа значи да го напуштиме подвигот на туѓинување или подвигот на смрт за овој свет, запамтете, пред да го добиеме дарот на умносрдечната молитва. Тоа се конкретно две недозволиви појави: прво, своеволен интерес за сите случувања во светот – било од областа на политиката, културата, науката, спортот, музиката итн; своеволно негување на стари и градење на нови односи со луѓето од светот; своеволно натпреварување со другите во световно знаење, во мода, во нега на телото, во превозни средства, во градби итн; самоволно планирање на својата сопствена иднина; криење на она што го правиме од духовниот отец итн. Причина за сето тоа што го набројав е празнотијата и очајанието внатре во нас, а последица на сето тоа е уште поголема празнотија и очајание. Дури и градењето на блиски односи во самиот манастир, на што ретко се обрнува внимание, не е полезно. Односот со самите жители на манастирот треба да ни биде просто службен надворешно, а внатрешно со аскетска љубов и смирение, исто, сè до добивањето на дарот на умносрдечната молитва.

И второ и најважно од сè: напуштање на подвигот на апсолутно целосрдечно послушание. Па токму и заради тоа живееме во манастир – за да можеме нашиот ум да го ставиме во процес на исцеление преку конкретен и постојан подвиг на послушание кон духовниот отец и апсолутно за ништо друго. Колку ми е жал кога ќе видам кога опиени од сопствената логика, од сопствените планови и од сопствените гледања на нештата (па дури и ако тие испаднат точни) се доведувате во состојба моите зборови, ни под разно, да не допираат до вас, односно се доведувате во состојба да отпаднете од подвигот на послушанието, од процесот на исцелението и автоматски од сè монашко. За уште појасно, што ако вашата логика, вашите планови или вашите гледања на нештата може да испаднат поточни од моите? Прво, вие сте дојдени овде да го исцелите умот (да го соедините со неговата суштина во срцето) за боговидение, ставајќи го во процес на исцеление преку конкретен и постојан подвиг на послушание кон духовниот отец, што е самата причина за вашето влегување во манастир и која е несразмерно повисока цел од што било земно, а не да ја докажувате вашата памет околу овоземните нешта и да отпаднете од патот по кој сте тргнале пред воопшто сериозно да зачекорите по него. Единствено ‘погодно’ место за такво докажување е светот, а не манастирот. И што, еве, ако докажете? Оти каква полза е за човекот ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости (Матеј 16, 26), ве прашува Богочовекот Христос? И второ, зар не знаете дека главен знак дека Бог нè оставил да ја исполнуваме нашата сопствена волја, односно знак дека Бог нè напуштил, е кога ќе испадне дека во нешто сте во право, наспроти духовниот отец? И дека е тоа ситуацијата после која вообичаено духовниот отец се напушта? Примери имаме. Размислете и одговорете ми, зошто!? Светиот апостол Павле вели: не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате која е добрата, угодна и совршена волја Божја (Рим. 12, 2).

Затоа, деца, да се покаеме сите додека сè уште имаме време и заедно со апостол Павле да речеме: Затоа сметам дека и сè друго е штета спрема преважното познавање на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос (Фил. 3, 8). Ги знаете трите монашки правила: првото, непоистоветување со помислите, желбите и чуствата додека не ги проверите со својот духовен отец (послушание); второто, правилна исповед, од почетната позиција ‘јас сум крив за сè’; и третото, континуиран и нагласен аскетско-исихастички подвиг до отворање на срцето за умносрдечната молитва. Спротивно однесување на овие три правила е: прво, непослушание (и внатрешно и надворешно); второ, судење и осудување на другите и сокривање на она што ни се случило (неправилна исповед); и трето, неконтинуиран аскетско-исихастички подвиг. Со исполнувањето на овие правила ќе го достигнеме преумувањето (покајанието), односно нашиот горд, расеан и затемнет ум, со Божја помош, ќе го смириме, ќе го собереме молитвено во срцето и ќе го просветлиме. Исполнувањето на трите монашки правила го чистат и отвораат срцето за молитвата во него и за љубовта Божја, а неисполнувањето го обесмислува нашиот монашки подвиг и име, а ние остануваме дел од светот.

Можам и да го дообјаснам текстот и во однос на светата Тајна свештенство, затоа што целта на подготовката и за оваа света Тајна е просветлувањето. Како што сум ви рекол другпат: што ако со тело излеземе пред олтарот на храмот, доколку со умот не можеме да излеземе пред олтарот на нашето срце? Но, за сето тоа друг пат. И уште многу работи можам да ви пишувам и навестувам, деца. И што ќе правите и како ќе правите, и што ќе биде и како ќе биде, од она што сега го гледам кај вас. Секако, ако не се покаете или, пак, ако го напуштите подвигот на покајанието. Или мислите дека мене ми треба вашата исповед за да знам што правите? Знам јас кога некој има молитва на срцето и кога нема. И зошто, нема. Сè друго се небитни детали. Христос знаел и кој ќе седи од десно и лево на Него во Неговата слава, и кој со Него ќе макне во чинијата и ќе Го предаде. Зошто тие што го предале Христос постапиле така? Не за друго, туку затоа што пријателството од овој свет (конечно) е непријателство на Бог, со други зборови, кој сака да му е пријател на светот, Му станува непријател на Бог (Јаков 4, 4).

Затоа, деца, не сакајте го светот и сè што е во него, вели светиот апостол Јован Богослов. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сè што е во светот – похотта на телото (сластољубие), желбата на очите (среброљубие) и гордоста на животот (славољубие), не е од Отецот, туку од овој свет (1.Јован 2, 15-16). И затоа, сето ова што ви го објаснувам и напомнувам е со цел срдечно да се покаеме, да го отфрлиме светот и световното од нашиот монашки живот и да влеземе во радосната тајна на она ‘веќе, и уште не’. Веќе мртви за гревот или светот, и уште не, природно. Веќе ја предвкусуваме Вечноста во нашето срце, и уште не, во полнотата на лице во лице. Веќе го живееме Царството Божјо во собранието на светата Евхаристија, и уште не сме ја прекинале мисијата во светот. Веќе сме спасени, и уште не потполно, заради љубовта кон нашите ближни и сè создадено. За нашиот монашки живот да има смисла и радост и исполнување во слава Божја, а во чест на нашата Владичица Богородица и Секогашдева Марија, спасението на сите монаси. Амин!

Митрополит Струмички Наум