Беседа

Во името на Отецот и Синот и Светиот дух. Возљубени браќа и сестри, нашиот Господ поучувајќи ги нашите Апостоли им вели: овој род, мислејќи на родот на секое зло, на секоја злоба, на секое неверство, родот на демоните, родот на секоја нечистотија духовна, овој род се излекува само со пост и со молитва. Токму затоа и Господ ни ги даде овие две силни оружја, постот и молитвата, за да можеме да се справуваме токму со сето она што е темно, духовно нечисто, валкано, демонско во овој свет. Ако некој ни згрешил, ако забележиме колку се намножила човечката злоба во овој свет, ако гледаме колку неправда има на овој свет, треба да се прашаме дали ние во нашиот живот со пост и со молитва допринесуваме да има помалку зло, помалку несреќа, помалку невоља во овој свет. Дали кога ќе станеме наутро му се молиме на Бога да ни даде ден исполнет со мир, со љубов, со разбирање, со трпение за сите луѓе на светот. Дали пред да си легнеме, исто така, му се молиме на Бога и му благодариме за денот што ни го дал, молејќи му се и за спокојна ноќ, дали секогаш кога светата црква ги препишува постите, како што е овој пост посветен на Успението на Пресвета Богородица, дали навистина сме му послушни на Бога кога ни заповеда да не вкусуваме мрсна храна, да не се гневиме, да не возвраќаме на злото со зло, да не правиме ништо што не е долично на христијаните. Дали навистина сме послушни во тоа. Зошто Бог од нас не бара целиот свет да го смениме и целото зло од овој свет да го искорениме, Тој бара со нашиот живот да допринесеме за малку добрина, за малку послушание, за малку љубов да има повеќе во овој свет. Нашиот личен пример, потоа, како светлина ќе засветли во темнината во овој свет. Затоа Бог не бара од нас спектакуларни дела, бара нешто едноставно, како знак на нашата љубов, а тоа е послушноста кон Неговите заповеди, да пастиме и да се молиме за да ни биде нам добро и на нашите ближни и да има повеќе добрина во овој свет. Ако тоа го правиме, тогаш ова место коешто Бог го создаде за нас, целиот овој свет, ќе биде место на радост, ако пак не, тогаш ќе биде место на тага. Ние се молиме за нас, за нашите ближни, се молиме за нашите покојни, се молиме Бог да ни даде нови чеда, се молиме за многу нешта. Таа молитва треба да биде искрена, не само еднаш, не само кога ни треба, туку секогаш, во секој дел од нашиот живот зошто секој ден имаме потреба нешто да побараме од Бога или за нешто да му заблагодариме, или конечно да го прославиме Бога во Неговите дела. Со пост и со молитва човекот може се. Токму затоа и прекоувајќи ги своите Апостоли и ученици Господ им рече: ако имате вера колку едно синапово зрно ќе може и планините да ги померувате, а таа вера се стекнува токму со тие едноставни нешта: со постот и со молитвата. Амин.

Извор: http://www.akmpe.org/index.php?option=com_content&task=view&id=842&Itemid=2