Денес, на денот на светиот апостол Андреј Првоповиканиот, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот на Воведение на Пресвета Богородица Елеуса во Велјуса.

 

Он треба да расте, а јас да се смалувам

 

 

Гледате и сами, деца, во кој дух постапува и делува свети Јован Крстител за време на целото свое служење пред Господ: Он треба да расте, а јас да се смалувам! (Јован 3, 30). И затоа кога Богочовекот се појавува меѓу нив, тој на своите претходно подготвени ученици точно им посочува Кого треба да следат, велејќи: Еве Го Јагнето Божјо (Јован 1, 36).

Размислувањето за неговата љубов и неговиот однос кон Христос Господ не може, а да не ни донесе умиление и покајание. Ајде да се потсетиме уште еднаш на спомнатиот евангелски настан и на неговите зборови: И дојдоа при Јован и му рекоа: „Учителе, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Он крштава и сите одат при Него.“ А Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото. Вие сами сте мои сведоци дека реков: јас не сум Христос, но сум испратен пред Него. Оној што има невеста, младоженец е; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја радост се исполни. Он треба да расте, а јас да се смалувам!“ (Јован 3, 26-30).

Но, видете и Богочовекот со какво силно и несоборливо сведоштво му возвраќа: Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител (Мат. 11, 11). Тука, не се јавил, значи, не се јавил - ниту ќе се јави.

Ликот на свети Јован Крстител е недостижно чудо и извор на чудеса! И од неговиот однос кон Христос и кон својот ученик, светиот Апостол Андреј, може да се извлече и дефинира целиот склоп на односи помеѓу Христос, духовниот отец и духовното чедо, односно попрецизно, односот на духовниот отец кон Христос, кон своите духовни чеда, како и кон другите духовни отци.

Денес гледаме дека се случуваат работи обратно од посоченото во Евангелието: гледаме ‘духовници’ кои се обидуваат да ги задржат околу себе луѓето со тоа што во нивните очи ги оцрнуваат другите духовни отци; кои инсистираат на некое вечно послушание и идолопоклонички однос помеѓу духовниот отец и духовното чедо без да им ја објаснат на своите следбеници перспективата на духовниот развој; ги држат своите духовни чеда во некој вид духовна изолација не дозволувајќи им каков било контакт со својата ‘конкуренција’; или создаваат околу себе некоја апокалиптична и параноична атмосфера во која себеси се прикажуваат како единствен вистински пат и спасение како и други слични егоцентрични појави кои се чисто промашување на Евангелскиот Дух. Секако, ваква нездрава заедница не може да трае долго.

Исто така, во една епархија, сѐ што прави Епископот треба да прави во име Христово, а свештениците сѐ во име на Епископот, затоа што имаат делегирани задолженија и служби. Духовните чеда што свештениците духовно ги раководат ги раководат во име на Епископот и не треба да ги приврзуваат кон себе туку кон Епископот, а Епископот кон Христос – за да бидат сите едно како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил (Јован 17, 21). На терен и во пракса се случува сè освен она што е правилно. Христовата Црква во овој свет и век е епископоцентрично организирана и епископоцентрично функционира.

И кога градиме однос со луѓето од светот кои не се уште охристовени, го градиме во мерката на нивниот однос и раст во Господ. И не треба да се приврзуваме кон таквите на световен начин затоа што демонот, наместо нас ќе ги удри нив, а преку нив ќе нè удри и нас (зашто сме световно поврзани со нив) и така ќе им направиме штета и на луѓето и на себеси. Така, под облик на наша грижа за спасение на луѓето нè поткрадува нашата желба за светот. На крајот сите ќе претрпиме штета, некои дури и до губење и на стекнатата мала вера. И да сакаме, не можеме самоиницијативно правилно да се поврземе со луѓето од светот сè до исполнување на подвигот на туѓинување.

Што значат зборовите Он треба да расте, а јас да се смалувам и на наш личен духовен план? Овие зборови значат дека нашиот стар човек заробен од страстите треба да се смалува, а да расте новиот, во Христос, човек и тоа, до полнотата на растот Христов во Црквата - додека сите не стигнеме до единство на верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство (Ефес. 4, 13). Тоа знаеме дека се случува само ако нашиот духовен живот и подвиг, под надзор на нашиот духовен отец, го восогласиме со нивото на нашиот духовен развој. Духовниот отец треба да го води духовното чедо до неговото просветление, потоа духовното чедо само тргнува и врви по Христос - каде и да оди Он.

Знајте го деца и ова: односот кон духовниот отец поминува низ три нивоа: ерос – однос кој е повеќе душевен и телесен отколку духовен, пријателство – однос кој е повеќе духовен, а помалку телесен, душевен и љубов. И друго е, ова што досега ви го зборував да го сфатите само со разумот и друго е, да ви го открие благодатта Божја. Повикувајте се на молитвите од вашиот духовен отец, да ви се случи второто.

 

Митрополит Струмички Наум

(според записот на сестрите)