Stefan.Petkovden.jpg

Отец  д-р Стефан Санџакоски,
редовен професор

БЛАЖЕНСТВАТА – ЗЕМНОНЕБЕСНИ СКАЛИЛА
(од проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон)

Stefan.Petkovden.jpg

 Почитувани,
Денес кога Светата православна црква го празнува нејзиниот колосален егзегет свети Јован Златоуст, се случува промоција на капиталното егзегетско и макариолошко дело: Блаженствата – земнонебесни скалила. Автор на ова, според многу нешта интересно и бележито дело, е лидерот на актуелната библиска теологија во Република Македонија, протоѓаконот, проф. д-р Ратомир Грозданоски.


 Овој извонреднo трудољубив и плодотворен теолог на Македонската православна црква, со својот севкупен хабитус ја потврдува непогрешливата библиска теза, запишана во апофтегмата: „По плодовите ќе ве познаат“. Поради многуте напишани и објавени теолошки трактати, името на професорот Грозданоски излезе од претесните рамки на една провинциски детерминирана теологија и задре во богомислениот свет на теологијата чии предели се икуменски.

 Неговата наклонетост кон идеите на црковниот универзализам ја посведочува и Неговата најнова книга: Блаженствата – земнонебесни скалила. Токму затоа таа претставува нов импулс за понатамошниот развој на библиските науки кај нас.


Почитувани,
 Мојата богословска интуиција ме прави решителен во постулирањето на претпоставката, дека еклектичката теологија на проф. д-р Грозданоски, ќе поттикне коренита евалуација на веќе одамна одомаќените туѓи богословски и философски флоскули и тези, во светлината на патристичката богословска синтеза.

 Во таа смисла, теологијата на проф. д-р Ратомир Грозданоски ја ’рти тенденцијата на извишување над празното повторување и прераскажување на новозаветните библиски содржини, како и содржините од делата на Светите Отци. За жал, инфлацијата на зборови својствена за празнословната лексичка гимннастика на технологизираната, мртва теологија, стана облежје за повеќето современи богослови. Во Блаженствата – земнонебесни скалила јасна е и недвосмислена определбата на авторот за новата патристичка синтеза. Како поинаку ќе се објасни употребата на методолошката постапка во толкувањето на новозаветните текстови, својствена за гораздите егзегети и херменевти од типот на: свети Јован Златоуст, Ефтимиј Зигабен, блажени Теофилакт Охридски и преподобен Јустин Келиски…?!

 Како за сите светии на Црквата Христова, така и за проф. д-р Ратомир Грозданоски, гревот и смртта се единствените вистински причинители на секоја мака, горчина и болка кои го тресат светот на човекот. Поради нив, луѓето го доживуваат животот како проклетство. Ова сознание го прогони човекот сè додека не победи, војувајќи со гревот и со смртта. Но, можна ли е победата? – со право се прашува авторот. За веднаш потем да одговори потврдно : Да, бидејќи победата над гревот и смртта ни ја обезбеди Божествениот Спасител во Неговото учење за Блаженствата. Проф. Грозданоски ја постулирал оваа можност така, што не соочува со капацитетите на апофатската и катафатската теологија. А тоа значи, дека Блаженството за кое зборува Бог во Блаженствата не претставува недостижна и недостапна небесна стварност, до која се доаѓа откако душата ќе ги помине портите на смртта и ќе влезе во идниот свет и век. За авторот на оваа книга, блаженството се антиципира уште сега и овде – hic et nunc како небесна реалност, а потем се транспонира во вечните и несмртни предели на Градот Небесен – Ерусалим.

 За таа цел проф. Грозданоски се повикува на колосалниот христијански философ од Кападокија свети Григориј Ниски. Старозаветниот патријарх Јаков во една своја визија видел скала која се протегала од земјата до небото, а на нејзиниот врв стоел Бог. По аналогија на Јакововата визија и авторот на книгата го препознава загадочниот метод содржан во Блаженствата кои постојано нè вишнеат кон Бога. Заради тоа, учеството во Блаженствата претставува заедникување на човекот со Божеството, кон Кое нè издига Христос со она што го зборува во Блаженствата.
 И во овој случај, проф. д-р Грозданоски, со јазикот на совршената евангелска простота, нè соочува со фактот дека секое знаење за свој објект го има она што постои, а Бог е одандестрана на сè што постои. За да Му се приближиме треба да се апофатизира сè она што Му е субординирано, т.е. сè она што постои. Патот на апофазата има моќ да нè искачи од најниските степени на постоењето, до самите негови врвови. Како поинаку ќе го објасниме самиот наслов на книгата: Блаженствата – земнонебесни скалила.

 Доколку воспоставената дистинкција меѓу апофатичката и катафатичката философија се дислоцира во регијата на дијалектичката философија, ќе се соочиме со антиномија. Проф. Грозданоски ја апсолвирал антиномијата меѓу двете дистинкционирани теологии, после што се соочил со едно крупно егзистенцијално прашање: Можна ли е нивната синтеза? Одговорот на ова прашање го бара и го наоѓа во деветте Блаженства, од Него разбрани како девет вистини слеани во една Севистина. А таа Севистина е Богочовекот Христос.

 Почитувани
 Проф. д-р Ратомир Грозданоски во деветте Блаженства согледува девет божествени добродетели. Нивната реализација претставува судбоносен и радикален пресврт во човечкото сфаќање на животот. Токму овој, според Него, нов критериум на животот, овој нов категоријален систем му треба на модерниот човек кој страда од ерозија на моралот.
Чувствувам потреба, во оваа свечена пригода, оваа душеполезна и спасителна книга да им ја препорачам за читање на сите луѓе со добра волја.

Stefan.Petkovden.jpg
Промотивна беседа произнесена на промоцијата, во Соборниот архиепископски храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје, на 26.11.2009 лето Господово, на денот на свети Јован Златоуст.

 

Stefan.Petkovden.jpg

Stefan.Petkovden.jpg

Друго:

 

 Stefan.Petkovden.jpg

Stefan.Petkovden.jpg

Посети: {moshits}